Ми ставија дрога во пијалакот, не можев да зборувам ниту одам: Мили за ужасниот инцидент во ноќен клуб

18-годишна девојка од Велика Британија, која претрпела напад откако испила пијалак во кој наводно ѝ била ставена дрога, го опишува ужасниот инцидент.

Мили Таплин верува дека била дрогирана од некое момче додека била во ноќен клуб во Есекс во саботата.

Нејзината мајка Клер (48) објави вознемирувачка снимка од нејзината ќерка во болница како предупредување за другите жени. На видеото девојчето лежи во кревет, со очите ширум отворени, вилицата стегната и прстите свиткани како канџи. Во ваква состојба, Мили поминала неколку часа, а по излегувањето од болницата, го опиша страшниот инцидент кој ѝ се случил.


- Беше момче од група луѓе што ги познавам, не можам со сигурност да кажам дека е тој, но пијалакот што ми го даде беше единствениот што го испив - рече девојката.

Мили раскажа како сите добро се забавувале, и по неколку голтки отишла во просторот за пушење.
- Се вратив и почнав да се чувствувам како да сум пиела премногу, а потоа излегов надвор и почнав да се чувствувам лошо - се сеќава девојката.

Наскоро таа не можела да оди ниту да зборува, пред целосно да ја изгуби контролата врз нозете и рацете.

- Видот почна да ми се замаглува, им реков на сестра ми и на пријателите дека мислам дека морам да одам во болница. Никогаш во животот не сум се чувствувала така - изјави таа за Скај њуз.

Мили не можела да оди, па морале да ја стават во инвалидска количка. Таа вели дека се обидела да ги помести нозете, но тие не се помрднувале.
- Бев свесна за се' што се случува. Можев да им одговорам на луѓето во мојата глава, но не можев да им го кажам тоа. Беше страшно. Мојата глава беше таму, но моето тело не беше - опиша Мили.

Таа вели дека лекарите во болницата биле полни со поддршка и се обиделе да ја смират.
- Се исплашив, беше ужасно. Не сакам никогаш повеќе да минувам низ тоа - рече Мили.

Мили имала напади околу два часа, а лекарите и даваале течности додека го следеле нејзиното закрепнување.

Во болницата не направиле тест на крвта, но нејзината мајка се сомнева дека во пијалакот ѝ биле истурени две непознати дроги.

Таа беше пуштена од болница во неделата, а поради трауматичното искуство, повеќе не сака да излегува во клуб.

- Веројатно нема да излезам никогаш повторно. Ќе ги преземам сите мерки на претпазливост што треба да се преземат. Колку и да познавате некого, никогаш не прифаќајте пијалак од него или пак нешто друго - рече Мили.

Мили во саботата излегла во ноќен клуб со четворица пријатели. Тоа било нејзино прво излегување откако наполнила 18 години во ноември.

Полицијата во Есекс потврди дека го истражува случајот.


извор:telegraf.rs