Мислам дека на сите ни е јасно колку културата е важна за секоја држава, бидејќи преку културата земјата се претставува во светот: Одблиску со новинарот Тони Димков

Добивај вести на Viber

Посветен новинар за култура треба во целост да проследи неколкудневни фестивали, да ги прочита новите книги барем на македонските автори, секојдневно да оди на изложби, промоции, театарски претстави, концерти. Тоа што за другите е слободно време за новинарот од областа на културата е работно време. Време е транзицијата да заврши и конечно вистинските вредности да бидат поставени на вистинското место за да бидат огледало на општеството“, вака го започна разговорот со нас новинарот Тони Димков, а по повод неговата најнова, трета книга по ред, со наслов „Културен печат - интервјуа и разговори“  која излезе од печат во „Магор“.

Станува збор за 28 интервјуа и разговори со автори, творци и мислители со различни интеркултурни, интелектуални и етнички припадности, интервјуа објавени во првите броеви од додатокот за култура на весникот Слободен печат .

Околу идејата и дел од концептот на книгата вели:

„Мило ми е што и одговорите на соговорниците беа на високо ниво, што значи дека обострано сме ја имале истата желба – на читателите да им го претставиме тоа што во моментот било најзначајно во нивниот уметнички живот. Откако интервјуто веќе е објавено, обично во сеќавање остануваат некои мисли што не сме успеале да ги ставиме во интервјуто, заеднички испиеното кафе и продлабоченото пријателство со секој од соговорниците“.

Димков е реномиран новинар од областа на културата и уметноста.Со својата долгогодишна новинарска работа, реализирана во повеќе печатени, дневни и периодични, списанија и електронски медиуми, тој привлече широк круг на читатели, кои веќе го препознаваат неговиот авторски ракопис.

Професионално како новинар бил ангажиран во повеќе електронски и печатени медиуми. Од 15 октомври 2019 работи како уредник на неделниот прилог за култура „Културен печат“ во дневниот весник „Слободен печат“. Автор е на две книги од областа на публицистиката: „Зборот остава траги“ (2016) и „Кантар со метафори“ (2017), двете во издание на издавачката куќа „Магор“ од Скопје.Добитник е на државната награда „Мито Хаџи-Василев Јасмин“ за новинарство во 2016 година и на наградата „13 Ноември“ на Град Скопје во 2020 година. „Културен печат - интервјуа и разговори“ е негова трета објавена книга.

Од другата страна на креирањето на интервју, овојпат Тони Димков како соговорник.

* Што сѐ опфаќа книгата?

- Основната идеја за правење на книгата „Културен печат - интервјуа и разговори“ е во друг печатен формат да се направи сублимат на еден мал дел од содржините на неделниот прилог за култура, што веќе две години излегува во дневниот весник „Слободен печат“. Уште од самиот почеток на излегувањето на прилогот во концептот ставив едно големо интервју. Практично, со почетоците на прилогот почна да се оформува и содржината на книгата, а само беше прашање на време и можности таа да биде подготвена и објавена. Во содржината на книгата се поместени 28 интервјуа и разговори со автори, творци и мислители со различни интеркултурни, интелектуални и етнички припадности, што беа објавени во првите 30 изданија на „Културен печат“.

Ако ве интересира подетален список, тогаш ќе ги спомнам соговорниците на сите интервјуа и разговори што се објавени во книгата. Првиот соговорник во „Културен печат“ беше Виктор Илиески, директор на НУ Филхармонија  (2017-2020) и затоа книгата почнува со интервјуто со него. Како што се редеа следните броеви на прилогот така се зголемуваше и списокот на интервјуата. Следуваа Зоја Бузалковска, театарска режисерка, професорка на ФДУ и авторка на книгата „Разговори со Унковски“, Милчо Манчевски, филмски режисер за премиерата на „Врба“, Оливер Белопета, директор на Скопски џез-фестивал, Олга Панго, уметнички раководител на македонскиот Национален балет, Сашо Пешев, продуцент на филмот „Ефектот на среќа“ и директор на маркетинг-агенцијата „Њу Момент Скопје“, Филип Фидановски, скулптор-керамичар, професор и претседател на ДЛУМ, Љубомир Стефанов и Тамара Котевска, режисери, и Атиџе Муратова, главна протагонистка во документарниот филм „Медена земја“, кој доби две номинации за наградата „Оскар“, Оливера Ќорвезироска, писателка и критичарка, Висар Вишка, актер и прв директор на Гостиварскиот театар, Винка Саздова, писателка, Роберт Јанкулоски, автор на документарниот филм и монографијата „Манаки – Приказна во слики“, Дита Старова Ќерими, директорка на НУ Национална галерија на Македонија, Владимир Ангелов, директор на Кинотеката, Кирил Пенушлиски, модерен истражувач и историчар на уметноста, Ана Јовковска, новинарка, колумнистка, ТВ-водителка, активистка и хуманистка, Игор Иванов-Изи, филмски режисер и претседател на ДФРМ, Алфрида Тозиева, виолистка и музички едукатор, Пеце Талески, извршен директор на продукцијата „ОХО“, Тамара Забазноска, млада визуелна уметница, Кочо Фиданоски, графички дизајнер и ликовен уметник, Жарко Иванов, режисер и продуцент на анимирани филмови, Михаил Теохаров, менаџер на „Аудио Култура“, Драги Неделчевски, фотограф, Зоран Кардула, графички дизајнер, Емануел Рембер, француски дипломат и писател, Владо Јаневски, македонски писател во Австралија и Томи Салковски, продуцент во „Скопје Филм Студио“.

* Како ги селектиравте интервјуата со оглед на тоа што верувам изборот не бил воопшто лесен и се повеќе на број?

- Селекцијата беше лесна, бидејќи одлучив редоследно во книгата да влезат сите интервјуа што беа направени во првите триесет броеви на „Културен печат“. Ова прашање ќе добие на тежина кога ќе почнам да ја подготвувам следната книга, бидејќи обемот на материјалот со секој нов број на прилогот се зголемува, а просторот и можностите на книгите, сепак, се ограничени. Во првата книга најважно ми беше да се „документираат“ почетоците на „Културен печат“ како неделен прилог за култура.

* Кое интервју Ви остави посебен впечаток? Или кои?

Тоа што би можел да го кажам е дека на секое интервју му бев посветен со максимална професионална концентрација и внимателност. Мило ми е што и одговорите на соговорниците беа на високо ниво, што значи дека обострано сме ја имале истата желба – на читателите да им го претставиме тоа што во моментот било најзначајно во нивниот уметнички живот. Откако интервјуто веќе е објавено, обично во сеќавање остануваат некои мисли што не сме успеале да ги ставиме во интервјуто, заеднички испиеното кафе и продлабоченото пријателство со секој од соговорниците.

* Манчевски истакна: Културата не треба да биде на последните страници во медиумите, туку на првите. Колку е важна културата и културната сцена за една земја?

Мислам дека на сите ни е јасно колку културата е важна за секоја држава, бидејќи преку културата земјата се претставува во светот. Милчо Манчевски го прошетал целиот свет и имал можност лично да се увери на кој начин фунционира системот во многу држави. Од друга страна, преку неговиот прв филм „Пред дождот“ целиот свет дозна за „малечката“држава Македонија. Неговиот апел е јасен – време е транзицијата да заврши и конечно вистинските вредности да бидат поставени на вистинското место за да бидат огледало на општеството. За жал, сѐуште живееме во време на политички пазари, кога најчесто културата е таа што има најниска цена. Во овој момент не е неопходно културата постојано да биде на првата страница, но е многу важно да има стандардизиран простор во кој во континуитет ќе се известува за случувањата и достигнувањата во областа на културата и уметноста. Токму со „Културен печат“ мислам дека весникот „Слободен печат“ направи голем чекор во тој правец.

* Кое интервју Ви е предизвик да го направите во 2022?

Вистински предизвик во 2022 година за сите нас ќе биде да се издржи налетот на многубројните кризи – енергетска, економска, ковид-кризата. Обично, веќе секоја година неколку години наназад, запаѓаме и во политичка криза. Сите тие кризи прават дефокус на културата. Мојата желба е да имам 50-ина предизвици со соговорници кои имаат што да кажат во областа на уметноста во која делуваат. Веќе отсега имам десетина имиња предвид врз основа на нивните активности во последниве денови од оваа година. Штом поминат новогодишните и божикните празници еден по еден ќе добијат покана да бидат дел од содржините на „Културен печат“.

* Колку е лесно (или тешко) да се биде новинар на културна редакција во Македонија?

- Да се биде новинар од областа на културата е, пред сѐ, задоволство, бидејќи, барем во мојот случај, научив како да ги спојам личните афинитети и професијата. Тоа не значи дека работата е лесна. Посветен новинар за култура треба во целост да проследи неколкудневни фестивали, да ги прочита новите книги барем на македонските автори, секојдневно да оди на изложби, промоции, театарски претстави, концерти. Тоа што за другите е слободно време за новинарот од областа на културата е работно време. Не е исто кога на претстава, на пример, одите со работна задача да напишете театарски осврт, а не како гледач кој сакал два часа од своето слободно време да ги исполни со културна содржина. Така што професијата е убава, но има свои финеси. Клучен момент е посветеноста, но важни се и љубопитноста и страста за откривање нови дела кои се вткаени во македонскиот културен мозаик.

Неда Маретиќ