Многу соработки се откажуваат: Со Ангела Ѓоргиева искрено за кариерата во време на корона
Со Ангела Ѓоргиева модел, јутјуберка, блогерка разговаравме за новонастанатата ситуација, за тоа што се променило во нејзиниот живот и како истата влијае на нејзината работа. Вели дека многу соработки се откажани, доста од нив се одложени, но ја сфаќа сериозноста на ситуацијата и додава дека колку повеќе ги почитуваме мерките, толку побрзо ќе го надминеме овој период.
-Да бидам искрена промените не се многу драстични. Оваа работа дозволува и креирање на содржина од дома, така да се трудам максимално да ги искористам моменталните услови и да претставам соодветна содржина. Секако дека ми фали сликањето надвор и креативноста и различноста, но ситуацијата е таква и треба да се прилагодиме на неа.
*Дали сега повеќе се посветуваш на твојата јутјуб кариера и што се случува со твоите ангажмани како модел/манекенка, дали клиентите откажуваат соработки или сепак постојат начини на кои може да се оддржува соработката во време на пандемијата?
-Youtube е уште едно хоби кое го имам и е место за креирање интересна содржина која следачите уживаат да ја следат. Го обожавам процесот на снимање и едитирање на видеата, но сепак не секогаш ми е во прв план и го правам кога имам слободно време.
Во однос на другото прашање, да, многу соработки се откажани овој период и на двете полиња. Модниот викенд е одложен и многу од веќе договорените соработки се одложени.
*Имаш многу следачи на Инстаграм и Јутјуб, доста од нив се девојчиња на кои им служиш како пример, дали и како се обидуваш да ја кренеш свеста кај нив, за останување дома како превенција од ширење на коронавирусот?
Јас уште на самиот почеток ја сфатив сериозноста на ситуацијата и истото се трудам да го пренесам и на другите. Не сакам да ширам паника, но подобро е да сме свесни со што се справуваме и кои мерки да ги преземеме, отколку да бидеме игнорантни и да ја влошиме ситуацијата. Колку повеќе ги почитуваме мерките, толку побрзо ќе го надминеме ова.
*Како ти го поминуваш времето дома?
Моментално сум активна на инстаграм и пробувам да постирам содржини кои ќе им го одвлечат вниманието на следачите барем за момент, од се што се случува моментално. Најчесто споделувам идеи за готвење или содржини поврзани со шминка, но сепак не заборавам да напоменам за сериозноста на моменталната ситуација. Гледам серии, поминувам повеќе време со вереникот и кучето, готвам, организирам по дома и правам интересни планови за во иднина.
Таа вели дека моментално е опседната со серијата
Friends.
-Конечно решив да ја гледам и мислам дека е во вистински период. Обично
не обожавам комедии, но серијата ме полни со позитивна енергија, а сметам дека
тоа е нешто што моментално на сите ни е потребно.
*Што те мотивира да останеш позитивна
и покрај се она што се случува?
Иако ситуацијата во која се наоѓаме не е идеална, сепак секојдневно сум благодарна што сум здрава и сум дома на безбедно, кога помислувам на сите кои се борат со вирусот и што го немаат тоа моментлно, ме прави многу тажна бидејќи по природа сум емотивна личност. Сепак веднаш пробувам да се вратам во позитивен “mindset”. Мислам дека сите треба да размислуваме така, да се надеваме дека ќе помине брзо и дека следуваат многу подобри денови.. само треба да се стрпиме.
Љ.И