Moџо Килингтон: „Денот кога не се разбудив“ е роман за животот и љубовта

Добивај вести на Viber

„Денот кога не се разбудив“ е насловот на новата книга на младиот автор  Божидар Божиновски, познат како Moџо Килингтон, која е во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“. Романот ќе биде промовиран онлајн, на 21 март (сабота), со почеток во 20 часот. Авторот ќе се приклучи онлајн преку својот профил на „Фејсбук“. Промоцијата ќе биде интерактивна, па во меѓувреме читателите може да му поставуваат прашања. 

Моџо Килингтон е писател, сценарист, активист на социјалните мрежи. Препознатлив е по популарната македонска комична телевизиска емисија „Фчерашни новости“. Уредник е на интернет-страницата „Фчерашни новости“ која објавува сатирични „вести“, кои низ хумор ги коментираат дневните политички настани во Македонија.

„Денот кога не се разбудив“ е негова втора книга, по стихозбирката „Аутопсија на љубовта“ („Арс Ламина“ 2019 г.), но е негов прв роман. По тој повод разговаравме со авторот:

*Деновиве од печат излезе твојата втора книга „Денот кога не се разбудив“. Музичарите велат дека објавувањето на првиот албум е тежок процес, но уште потешко е да се сними вториот. Колку ова важи за писателите, колку беше (по)тешко да се напише втората книга?

– Ако се има желба и пасија за работата веројатно не е тешко. Уште полесно е ако ти е сeедно и пишуваш само затоа што сакаш. Романот дојде некако природно, слично на песна кога пишувам поезија, па воопшто не беше тешко откако ја совладав само менталната препрека дека не можам да напишам роман. Дали е добар е друго прашање, кое и не ми е толку важно, затоа што важно ми е што завршив нешто, за разлика од другите три романи што имаат по 17-18 страни.

*Првпат објавуваш роман – подвиг кој бара најпрво да се има добра идеја, добри раскажувачки способности и да се совладаат техниките за пишување. Како течеше создавањето на книгата, имаше ли авторски кризи или, пак, ја напиша во еден здив?

– Долго време размислував дали да напишам роман, не дали сакам, туку дали можам. Ги читав начините на познатите и големите писатели на работа, нивната пожртвуваност и откажувања за да творат, дисциплината. И долго мислев дека не е тоа за мене. И уште мислам дека не е. Сепак, кога ја објавуваме книгата со поезија во налет на еуфорија седнав да пишувам, што било, па романот беше готов за три или четири дена. Без навраќање и промена на делови, што можеби ќе го направеа подобар, но поважно ми е да остане автентичноста на емоцијата отколку стилски да е подобар. 

*Главниот лик е средовечниот Пол, кој еден ден станал од спиење и во кујната видел непознат човек, кој всушност е ангел испратен да го спроведе до рајот. Согледува дека е мртов и има неколку часови да реши дали ќе оди или ќе остане... Попат, сфаќа дека неговиот живот е комплетно промашување. Кој е Пол? Дали е современа верзија на скржавецот Ебенизер Скруџ од „Божиќна песна“? Колку често го среќаваме во нашите животи? 

– Пол сме сите ние. Јас, ти, луѓето кои го читаат ова, а и тие што не го читаат. Сите го имаме тоа проклетство да го анализираме животот, кој секогаш ни нуди различни опции, патишта по кои не сме тргнале и во моменти на тага, депресија, разочараност ни изгледа дека баш на тој крстопат сме го згрешиле патот. Ако сме свртеле на друга страна би било подобро. Тоа е затоа што не сме свртеле, можело да е многу полошо. Би било сосема нескромно од моја страна да ја споредувам книгата со дело на Дикенс, така што благодарам за компарацијата, но сепак не би се осудил да ги споредам.

*Те плаши ли смртта и можноста да се пропуштат шансите да се поправат грешките од минатото?

– Не баш. Смртта е неминовност. Дали сум се плашел или не, е неважно за неа. Само тој страв може да ме парализира во животот, што е штета затоа што многумина поминуваат и се парализирани од тој страв. Малку е тажно што некои зборови, некои прегратки, некои бакнежи, допири, некое „те сакам“ еднаш ќе се последни без да знаеме, дека никогаш нема да видиме некои драги луѓе повеќе, дека некогаш ќе нема повеќе „Те барам од понеделник“, „да се олабавам малку со работа и ќе се видиме“... Тажно е, ама кога веќе ќе сум мртов ќе ми е сеедно, така што ’who the fuck cares‘?

Престанав да гледам на грешките, сѐ тоа ставив во фолдерот ’живот‘. Доколку не беа тие работи што мислев дека се грешки денес животот ќе ми беше поинаков. Можеби подобар, можеби полош, но сигурно поинаков. Долго време имав страв од грешки дур не сфатив дека тие се дел од мене. И мило ми е за сите тие работи што ги сметав за грешки. Не е совршено и никогаш нема да е, но сѐ е сепак така како што треба да е. 

*Дали ти би се вратил во минатото да ги поправиш работите? Веруваш ли во откровенија кои нѐ будат и поттикнуваат да се промениме?

– Верувам само во константна промена, без жалење за минатото или „ова не сум јас“. Луѓето сакаат да се држат до своето „вистинско јас“ обично некоја верзија на себе која е застарена, без апдејт, луѓето сакаат и ти да не се менуваш. „Си се сменил“, „Поинаков си од порано“... Па нормално, што ќе беше сите да застаневме во средно или на 24 години. Сѐ околу нас се менува. Старееме, секое искуство нѐ менува, секој ден нѐ менува колку и да не забележуваме. Не би поправал ништо, слаб мајстор сум за животот, го оставам да ме носи каде што му е мило.

*Ако во својата прва книга, преку стихови правиш „аутопсија“ на љубовта, во новата книга правиш реставрација на животот. Љубовта е витален дел од животот... Колку таа е присутна во новата книга, и колку таа е клучна во освестувањето и жалењето за грешките на Пол?

– Љубовта е животот. Сѐ што правиме во животот е или за љубов или поради недостиг од истата. Не верувам дека има друг мотив и дека има друго значење во животот освен љубовта. Како и во секој живот, а ова е книга за животот, така и во книгата, љубовта е главната нишка на сѐ што се случува во неа. Главниот лик не жали за ништо друго освен за љубовта што ја давал на погрешно место.

*Препознатлив си по ангажманот на „Фчерашни новости“ каде што на сатиричен начин ги коментирате актуелните политички и општествени случувања. Иронично, но сѐ почесто кај нас вистинските вести се посатирични од тие во хумористични емисии како вашата. Колку е тешко во ова време да се задржи здравиот разум и добрата смисла за хумор?

– Добрата смисла за хумор е сосема субјективна. Ретки се работите кои се универзално смешни, ако воопшто ги има. Така и „Фчерашни“ некому му се допаѓаат, некому не, мојата смисла за хумор исто. И тоа е сосема во ред. За среќа во „Фчерашни“ сме поголем тим и има повеќе смисли за хумор, па така има за повеќе луѓе по нешто. Општо хуморот е витален за човек да преживее. И во најтешките времиња за човештвото, во времето на пример кога хуморот можел да те однесе во гулаг или во смрт имало вицеви за Сталин и СССР, во концентрационите логори затворениците смислувале шеги за да можат барем малку да се тргнат од тоа што им се случува. Кога состојбата е лоша секогаш е тука хуморот како прибежиште. 

За здравиот разум не знам баш дали сум вистинскиот да одговарам, со оглед дека цел живот живеам тука и не сум живеел никаде, па не можам да направам компарација како е да се живее во здраво општество водено од политичари кои размислуваат здраворазумно. Ни на лично ниво немам некој допир со здравиот разум, јас сум тука да сонувам, љубам и живеам, а здравиот разум и стерилната извесност им ги оставам на оние кои сакаат да живеат во кафезот на граѓанскиот морал и општествените норми.

*На своите профили на социјалните мрежи без пардон ги критикуваш бизарните ситуации во нашето опкружување, неумесни изјави на јавни личности, гафови на политичари... Во радар ти влегуваат и негативните однесувања на „обичните“ луѓе... Дали те изморува или инспирира човечката глупост? Дали таму лежи материјал за нова книга?

– Човечката глупавост може да е пресилен збор, сите сме глупави на различни начини и различни глупости ни бодат очи. Се трудам да посочам на некои, што јас ги сметам негативни појави, а може воопшто да не се преку хумор. Не затоа што ќе сменам нешто туку затоа што постојат две реакции на тоа. Или некој ќе се насмее, што е убав подарок да му дариш на човек или некој ќе помисли „види го идиотов“ и ќе се чувствува подобро за себе. И тоа е сосема доволно, да се чувствуваат подобро на првиот или вториот начин. 

Материјал за книги има секаде. Ќе се држам до она што го знам, алиенација, пороци и љубов, а општеството нека го анализираат професионалци како социолози и психолози.

* Книгата ќе биде достапна во книжарниците „Литература.мк“. Ќе може да се нарача и онлајн преку www.literatura.mk, каде што ќе биде со 30 % попуст.