Моите синови имаат коса до половина, ама сега сакаат фризура како Џони Деп: Бени Шаќири за татковството
На секој настап суверено владее на сцената, а со еднаква леснотија ги пее сите песни, без разлика дали се негови или од странски изведувачи. За својата работа и музиката секогаш зборува искрено и отворено. Но, за приватноста ретко открива детали.
* Како ја канализираше твојата желба за свирки за време на корона пандемијата?
- Никако. Апсолутно ништо не работев на полето на музиката. Само одмарав. Гледав серии на Нетфликс и уживав. Се наспав за сите наредни двеста години.
* Кога почна со настапи?
- Тоа беше уште за време на пандемијата. Бев дел од „Култура за време на Корона“. Настапував кога имаше потреба. Не одбирав сам, туку пазарот го диктираше тоа. Колку имаше за сите, толку и за мене.
* Со Игор Џамбазов настапивте на концертот во „Станица Карпош“. Која е конекцијата меѓу вас двајца?
- Немам некоја конекција со Игор, освен тоа што растев со останатите и со Игор од „Волшебното самарче“.Инаку, се почитуваме, имаме взаемен респект. Се разбираме, многу добро се капираме, а ретко комуницираме . Имам огромна почит за него, се разбира.
* Како се двата сина и сопругата?
- Машала, фала Богу, добро е сѐ. Тие се одлични. Имаат коси до половина, иако е полесно за одржување ако им се кратки. Но, тие се далеку поубави со долги коси и само заради таа намена и причина имаат таков имиџ. Порано сакаа долги коси, но сега веќе не сакаат такви фризури. Едниот ми вели „Тато, сакам да имам фризура како Џони Деп“.
* Кој наликува на тебе и кој ќе те наследи?
- И двајцата се на мајка им, фала Богу.
* А кој пее како тебе и ќе биде рокер?
- Постариот има 10 години и свири клавир и го интересира баскет. Тој исклучително добро пее и е точен. Но, не пее, не знам зошто. А малиот е пасиониран свирач на гитара. Има седум гитари и три појачала и веќе свири. Има 8 години и одлично свири за своите години.
* Колку пријатели и фанови изгуби поради твојата кандидатура за градоначалник, а колку доби?
- Не сум ги броел. Но, мислам дека не сум изгубил никого, освен оние фејкери, коишто биле фејк пријатели последниве години, а можеш да ги изброиш на една рака. Не сум изгубил ништо. Добив 9 илјади гласови, со 0 денари кампања, па вие проценете дали е тоа малку или многу.
Соња Алексоска Неделковска
Фото: Вангел Тануровски/ Инстаграм