Мојата (наша) Верче, по секоја средба одново ме учи што е љубов: Марија Димишковска за Женски магазин

Добивај вести на Viber

Марија Димишковска е магистер по археологија, мајка на 19-годишната Михаела, соработник со повеќе здруженија за лица со поинакви способности, модератор и организатор на работилници поврзани со археологија кои вклучуваат лица со типичен и атипичен развој, вљубеник во се‘ што отскокнува од секојдневното и ,,обичното”.

Таа за себе вели: „Зависник сум од љубов (особено кон децата), туѓата среќа е причина за моја. Јас сум веројатно се‘ што не е еден обичен човек. Себично ќе биде да кажам дека се направив сама, тоа е цел список на луѓе (нема да кажам ни пријатели, ниту непријатели), едноставно луѓе и склоп на околности кои ме научија како треба и не треба, за да јас бидам ова што сум денес, среќна со сама себе. 

Димишковска живее и работи во Скопје, но е дел од здружението за помош и поддршка на лица со даунов синдром ВЕРА кое е од Струмица, па ја прашавме како дојде до оваа соработка?

- За соработката со здружение ,,Вера” од Струмица, ќе си дозволам да кажам дека тоа не е работа ниту соработка, тоа е безусловна љубов и семејство кое си го најдов во Струмица. 

Познанството дојде сосема случајно, пред 4-5 години, ги исконтактирав на маил бидејќи сакав да бидам дел од настанот ,,Убави сме, Свои сме”. После првиот контакт бев дел од 3 модни ревиии, сега од оваа позиција како поддржувач се обидувам да помогнам колку можам. Тие настани на споделена љубов се едни од најубавите во мојот живот. За себе можам да кажам дека веќе со години посветено работам на имплементација на инклузијата во сите сфери на животот па оттука и желбата да ги запознаам. Сега веќе се мое семејство, кое не знаев дека го имам. 

После паузата заради светската пандемија ,,Убави сме, Свои сме” се оддржа по петти пат во Струмица. Овој настан го спојува секој атом од нас со неизмерна, несебично споделена љубов од дечињата кон нас присутните. Духовна храна, извор на среќа без дефиниција... На мое огромно задоволство оваа година учесник беше мојата ќерка со мојот прв партнер од 2018 година, Стефан детенце со Даун, една убава приказна која продолжува. 

* Според Вас и вашето досегашно искуство дали преку настанот „Убави сме, Свои сме“ и другите вакви настани се поддигнува  ли свеста кај граѓаните за лицата со Даунов синдром. Колку тие влијаат врз општеството, врз менувањето на ставовите на луѓето или на поединци?

- Лицата со попреченост по дефиниција за мене се лица со поинакви способности, а конкретно лицата со Даун, па тука е моја Верче (наша) од Струмица, која по секоја наша средба од ново ме учи што е љубов. Ваквите настани, ако мене ме прашувате треба да ги има многуууу често. Имаат огромен удел во општеството. Сите ние како поединци имаме обврска да придонесеме за подобар живот на сите околу нас. Замислете го светот ако сите размислуваме исто во позитивна насока, да си подаваме рака секогаш кога е потребно...

И да најголем удел треба да има државата, локалните институции и пак да се навратам сите ние.

Моето лично искуство говори дека во последните 7-8 години се движиме напред, споро, мали чекори, но сепак се напред. Мислам дека ние сме почетокот на се па и на самата инкулизија, велиме државата ќе биде поддршка, а кој е државата? Ние сме, народот е државата. Значи ние сме промената што треба да ја видиме сега и во иднина.

Музејот е многу повеќе од витрини и експонати. Музејот е за сите нас 

* По професија сте археолог и работите во Археолошкиот музеј на Македонија. Зошто токму археолог како професија, тоа е ваша животна желба или склоп на поколности? 

- А за мојата љубов кон професијата, работата како водич/едукатор во Археолошкиот музеј во Скопје, ухххххх би можела со часови да пишувам и зборувам. Посетителите ни доаѓаат од сите краеви на светот, од држави за кои не сум слушнала, сите возрасти. Работата со луѓе е мојот воздух, храна, животна енергија. Не би можела да одвојам што најмногу ги интересира, затоа што зборуваме за различни таргет групи. Во нашиот музеј се корените на нашите предци, нивните навики и начин на живот. Но можам да кажам дека си заминуваат со многу корисни информации за животот на луѓето во минатото. Знаете минатото на еден народ е минато на целото општество, јас кога зборувам односно го презентирам нашето богато културно наследство имам чувтсво дека е дел од мене, не само нешто што сум го учела, не само работа... Сум била дел од неколку меѓународни изложби не би знаела која да ја издвојам, сите ми имаат мало местенце во срцето, тоа е пак една друга тема што ќе ја оставиме за некое следно интервју, инаку ќе треба да ме читате цела недела. Да не зборувам за настаните на кои сум била модератор, цела таа насочена енергија кога сите ве слушаат, па тој адреналин и ентизијазам доволен за следни три животи.  Организирам работилници поврзани со археологија кои вклучуваат лица со типичен и атипичен развој, па на тој начин им покажуваме на сите околу нас, дека музејот е многу повеќе од витрини и експонати, музејот е наше место, место со срце. Музејот е за сите нас. 

Инаку желбата беше психолог замислете, да, беше склоп на околности, бидејќи кога се запишував на факултет веќе ја имав Михаела, мојата ќерка и морав да бидам вонреден студент.

Освен што конкуренцијата беше огромна морав и вонредно да студирам, не ми дозволија и како секој разочаран студент во обид си седнав на скалите на Филозофски факултет да си поплачам. Ако добро памтам, покрај мене помина ректорот ме виде, ме праша што се случило, си раскажав и мислам дека ја памтам таа реченица ,,Марија, оди на археологија, ако не ти се допадне ќе најдеме некое решение следниот семестар”. За мене во тој момент кој знае како звучело археолог од психолог, но се запишав. Верувале или не после првиот семестар можев пола живот да сменам ама не и насоката за студирање. Затоа не верувам во случајности. Еве ме денес магистер по археологија со 9,87 просек  што е повеќе од доволен показател колку е најубаво да си студент на археологија.  

Паралелно со мојата работа имам и други ангажмани, од сите сфери на животот. Едноставно сакам секаде да ме има, ме исполнува тоа. Би ја издвоила кампањата на Ивана Кнез ,,Јас сум ЉУБОВ”, од која бев дел. Ни требаат такви многу настани, проекти, кампањи кои ја слават и ќе ја слават љубовта. Дел сум и од школата за млади лидери на поранешниот претседател, д-р. Ѓорѓе Иванов. Сум била и се‘ уште сум дел од настани кои ги поддржуваат жените каде и да се‘, што и да работат. Мора да сме тука едни за други, само така ќе го направиме светот подобар, звучело ко клише или не...тоа е вистината. Многу често знам да се разочарам, ама ми текнува на реченицата на моја многу драга особа ,,Не се сите ТИ Марија, не тргај од себе, секој за себе одговара” и така некако и на 36 години, скоро 37 уште учам како да се справам со новите предизвици и секојдневни подеми и падови. 

* Според Вас, дали доволно се прави и зборува за различностите кај нас. Што е она кое недостасува во тој поглед?

- За различностите се зборува помалку од доволно. Ни недостигаат обуки, семинари, настани, јавно и искрено изразување, на кои ќе ги научиме нашите сличности, разлики е најлесно да најдеш и да се откажеш. Јас не се откажувам. Мислам дека во периодот што следи ќе се ,,размрдаме’’ бидејќи реално многу работи ни закочи и пандемијата. Пак ќе се навратам, движиме, но полека. Мене ставот ми е дека сите сме различни, а исти, дека сите сме уникатно посебни и за крај, најнајискрено ви препорачувам на сите што ќе го прочитате интервјуто во луѓето да ги барате добрите особини, убавите нешта, верувајте многу е полесен животот со вакво гледиште. И да не заборавам, бидете благодарни за се‘ што ви се случува, за се што имате и немате и гледајте како ви се менува животот, универзумот работи за нас.


Н.М.

Фото: Приватна архива

Туфекчиева за инклузивната изложба „Можам да бидам“: Секој може, попреченоста не треба да биде пречка во остварувањето на своите соништа