МОРСКА СОЛ И ВОДА
Новиот утрински ритуал дома ни е играње на музика секое сабајле. Јас, моето четиригодишно дете и мојот партнер (сопругот кој упорно инсистирам да го викам партнер за да се потсетуваме дека во приказната сме за заедништво, љубов, пријателство и лојалност, а не за документите „на папир“ што ги потпишавме пред пет години). Стануваме со петлите в зори. Така ни наложува биоритамот на детето кое како навиен будилник секој ден ме буди во 5 часот. Веројатно само ние, луѓето кои работат во фабрика уште пред да се раздени и Робин Шарма, ако не лаже во својата книга „Клубот 5 наутро“ (се смее). Во првите неколку часа од денот, пред работните обврски да почнат да притискаат, имаме време да ги поминеме сите ритуали на играње со коли, лего коцки, читање, цртање, готвење, лутење, плачење, смеење... и танцување! Во тој шашав распоред, денес, на ред дојде Бијонсе. Пред неколку години некој да ми кажуваше дека ќе скокам на музика на Бијонсе, „од петни жили“ ќе го убедував дека греши! Ама не која било песна на популарната пејачка, што реално никогаш не сум ја слушала, туку песната „If I Were a Boy“. Опа, ајде малку феминизам од мали нозе низ популарната култура.
На Алекс (моето дете спомнато и погоре) почнувам да му ги преведувам зборовите од текстот на песната и се фаќам себе си дека вриштам погласно од Бијонсе. Единствената разлика меѓу мене и неа е моето фалширање и нејзина потемна кожа. Се стопувам во текстот којшто во суштина е толку едноставен (пет реченици се вртат во круг) ама она што ми се лепи е пораката што ја испраќа кон мажите или кон жените. Се разбира, Алекс воопшто не го интересира што Бијонсе има да каже, на четири години детето само го фаќа ритамот, скока, се врти во круг и ја игнорира неговата мајка и нејзините сублиминални пораки. По инерција, во продолжение на „Јутјуб“, се пушта песна од Џенифер Лопез - „Aint Your Mama“ во која ликот на Лопез му се обраќа на некој маж. Видео-спотот почнува со женските права како дел од корпусот на човековите права. Аудио снимки од протести, од женска револуција се слушаат во позадина. Музиката е ужас, ама чекај да го чујам текстот, си велам. Како слушам, така „контам“ дека зборува за непривилегираните жени, за мажите кои ги земаат жените „здраво за готово“, за промени, за родова еднаквост.
Решавам да не „ситничарам“ и да ја игнорирам тешката сценска шминка на Лопез додека пее за непривилегираните жени, па, тоа им го одбивам на глупост на продуцентите кои не мислеле со паметот и се концентрирам на неколкуте женски ликови (се разбира сите ги игра Џенифер) во различни улоги на жени работнички, жени домаќинки, жени шефици... Она што боде очи во спотот е страста за родова правда. Се качува Лопез со штиклите на маса (се молат лекторите да не се нервираат, знам дека треба високи подпетици, а не штикли, ама во овој контекст таквата јазична ригидност просто не ми оди, исто како што не им одеше и на оние кои го пишуваа текстот за песната „Високи штикли и црни чорапи“). Се качувам и јас, само на стол, за да не ја скршам масата. Таа во спотот фрла разни работи во знак на протест, јас се воздржувам, ама сфаќам дека и мене ми се фрла. Ми се фрлаат чорапите на мојот маж оставени на подот од претходната вечер, ми се фрлаат чиниите за миење, ми се фрлаат перените алиштата што ме чекаат да ги здиплам, ми се фрла со костениве што на шпорет ги варам, ми се фрла со цедалката и блендерот што секое утро ги вклучувам на најјако, ми се фрла со миксерот што мати јајца за торта, ми се фрла со џогерот и крпата за прашина...
И додека неколку секунди разбеснета ѕверка во мене завива, овие моиве си продолжуваат да танцуваат и да си се смеат. Егзалтирани од радост, уживаат додека јас се борам со својата пасивна агресија. Тие двајцата, татко и син, се забавуваат, јас се нервирам. Во принцип ретко се нервирам, но очигледно подолго време собирам во себе разни родови неправди. И тоа не само мои - лични, семејни, професионални, туку сите оние нееднаквости што ѕиркаат од разни ќошиња на општеството, особено изразени сега, за време на пандемијата.
Во оваа светска здравствена криза товарот на грижата за домот и грижата за децата доминатно паѓа врз плеќите на жените. Сигурно и вие се прашувате како современите жени да останат непрегорени во оваа Ковид-19 криза? - Немам одговор. Не дека пред коронавирусот цветаа рози! За тоа колку беше светот родово еднаков зборуваат и резултатите од родовиот индекс во Европа измерен од страна на Европскиот институт за родова еднаквост (EIGE) објавен во 2017 година, што заклучува дека земјите-членки се движат со брзина на полжав кон остварувањето на родовата еднаквост. Дали полжавот конечно ќе забрза? Дали оваа криза која на сите ни влепи шлаканица, ќе биде индикатор за посериозно занимавање со овие важни прашања?
За жал, сè уште има луѓе кои не веруваат во факти и сметаат дека светот во кој живееме е бајка! Вистината вели дека жените вршат два до десетпати повеќе неплатен труд од мажите (според податоците на Организацијата за економска соработка и развој – OECD). Ваквата нееднаква распределба на обврските е поврзана со дискриминаторските политики и стереотипите за родовите улоги. Тука ќе споделам една интересна студија направена од експертската Вир Миранда, која има набљудувано 29 земји и три економии во развој, со цел да го пресмета неплатениот труд на жените. Сте слушнале ли за пристапот на трошоци на замена што укажува што значи да се најми работник за да ја извршува истата работа што некоја жена ја врши бесплатно? Пристапот на трошокот на замена укажува дека неплатениот труд изнесува 19% од БДП-то на Јужна Кореја, до 53% од БДП-то на Португалија итн. Знам, ви дојдоа многу бројки... и јас не ја сакам сувопарната статистика, но ја користам за да ги појаснам фрустрациите и проблемите. Колумнава нема да ја завршам со нееднаквата поделба на неплатениот труд што паѓа на товар на жените и што претставува критичка бариера на пазарот на трудот и ангажирањето на жената во општествениот и политичкиот живот, туку со својот револт од кој почнав. Сепак, ми се чини коренот е ист.
Мојата пасивна агресија што утрово се појави или гласот во мене што вика за помош, е константното чувство на немоќ да се завршат сите обврски (професионални, приватни, семејни, домашни...) во време на пандемија во кое градинките не се баш паметна опција, образованието и работата се одвиваат онлајн, училиштата се префрлени во домовите, логистиката за помош е намалена, а задоволствата и дружењата се сведени на минимум. Верувам дека со ова чувство се соочуваат многу жени. Верувам дека оваа криза и најсилните ги прави кревки. И највредните ги прави хронично уморни. Сите ги меле во стресогената машина на стравот и болеста. Токму затоа, музиката е одлична терапија. Важно е да си дозволиме себе си простор за уживање – за танцување, за гледање филмови или серии, за читање убави книги, за прошетки во природа...
И додека ги гледам моите двајца бандити како уште радосно шизат на музика, сфаќам дека ми е време за една топла купка. Таков ритуал на релаксација одамна не сум си „дозволила“. Откако станав мајка, секогаш има потреба нешто друго да се направи, да не се потроши времето на непродуктивни нешта, да се сработи, да се раскрене, да се зачисти, да... Нема веќе оправдувања за ставањето на себе си на последно место! Добрите родители се среќни родители! А за среќа е потребна храна за духот, не само чекирана листа на завршени обврски!
Па, додека ја полнам кадата со топла вода и морска сол си ја пуштам Бијонсе „на рипит“ и се смеам на глас дека стигнав да се идентификувам со проблемите за кои пеат поп ѕвездите. Но, популарната култура, всушност, ги зема реалните проблеми од секојдневниот живот и ги преработува. Понекогаш дури вклучува и сериозни книжевни гласови, како што се стиховите на нигериската писателка и феминистка Чимаманда Нгози Адичие инкорпорирани во песна на мега-популарната Бијонсе.Пред да влезам во бањата, по Бијонсе, за баланс, ja пуштам Toxicity од System Of a Down и ѝ давам на агресијата да излезе низ танц - моето омилено хоби за кое некогаш друг пат ќе ви раскажам. Мојата пасија која професионално ја практикував десет години. Го гледам Алекс како танцува и му намигнувам. – „Имаш мои гени“, му велам. Татко му се вклучува во своја одбрана и додава: „Забораваш дека цел живот одев на танцова школа и на играорна? И дека пред да се запишам на филмска режија, една година студирав кореографија“. – „Ништо не сум заборавила, само купот обврски ми го поматиле умот“, му одговарам. – „Остани да играш со нас“, ми вели. – „Одам во купка, уживајте и без мене, ми треба малку време за себе“!
И додека лежам во кадата ми стигнува порака на телефонот. Една пријателка ме потсетува дека минатата година на овој ден сме работеле настан во рамки на кампањата „16 Дена активизам за родово базирано насилство“. Секоја година, петнаесеттина години наназад, сум вклучена во разни проекти што ги поддржуваат човековите права, денес сум „исклучена“ во када. Барем за кратко, пред да станам и да почнам да ја подготвувам обуката што попладнево треба да ја држам за една компанија на тема: „Како да останеме мотивирани и продуктивни во време на пандемија“? Што да им кажам – купете си морска сол и када?!
За Женски Mагазин АНА ЈОВКОВСКА, новинаркa,писателка и менторка за личен развој