Можеби звучи клише, но, моето семејство најмногу ме мотивира: Утринско кафе со Дорина Ајдини

Денот обично ми започнува во 9 часот наутро и, за разлика од сите останати кои имаат аларм за будење, мојот аларм е лаењето на моето кученце Бора, кое ме буди за да го изнесам надвор. Шетањето на Бора ми одзема околу 40 минути. Наутро не пијам кафе, но и преку ден многу ретко пијам и наместо кафе, секое утро цедам еден лимон со топла вода и, во меѓувреме, подготвувам брз доручек. Преферирам во текот на неделата, најмалку четири пати неделно, да вежбам пред да јадам доручек. Потоа, бањање, средување и заминување на работа!

Можеби ќе звучи како клише, но, тоа што најмногу ме мотивира е моето семејство, кое секогаш ми дава кураж да се посветам на себе. Кога сме кај мојата професија, водителката Елен ДеГенрес (Ellen DeGeneres) најмногу ме мотивира. Но, би им препорачала на сите да читаат мотивирачки книги. Мене секогаш ми помагале да го сменам начинот на размислување во различни периоди од животот.

Веќе три години работам во ТВ Алсат, каде што веќе две години сум координаторка и водителка на попладневната емисија. Денот ми е обично многу оптоварен, со многу телефонски разговори, планирање на емисијата, снимање и монтажа. Покрај тоа, се вклучувам одвреме-навреме и во други активности, проекти или други ангажмани. А во викенд се залагам максимално да го искористам времето за да излезам во природа со друштво (секогаш, почитувајќи ги мерките).

Доколку зборуваме за времето пред карантинот, денот обично го завршував со пијалок со друштовото, во некој од скопските локали. Доколку зборуваме за сега, ноќите ги минувам со моето семејство. Обично сме јас, мајка ми, татко ми и брат ми кои седиме до доцна и разговараме на разни теми. Сестра ми и баба ми заспиваат порано.

Кога сме кај читањето и филмовите, преферирам пред спиење или да читам или да гледам некој филм. Не можам да го изберам едното пред другото. Сакам многу да читам, меѓутоа сакам и филмови да гледам, сѐ зависи од расположението. Би сакала да нагласам дека многу сакам прво да го прочитам романот пред да го гледам филмот базиран на него.

Карантинот не е дека сум го осетила многу. Фактот што јас сум на работа секој ден придонесе да немам многу промени во животот. Промената, во однос на емисијата, е дека од почетокот на пандемијата, секоја емисија ја реализирам со гости кои не се во студио, туку со нив комуницирам виртуелно. Ова претставуваше предизвик, на почеток изгледаше многу напорно, затоа што се случуваа и технички проблеми со врските со гостите. Но, веќе поминуаа два месеца и сѐ тече како што треба.

Во Алсат уште од почеток беа внимателни и дисциплинирани сите вработени, се дезинфицираат канцелариите секој ден и ова ме направи постојано да се чувствувам безбедна на работното место. Сега почнавме да ги олабавуваме мерките, постепено му се враќаме на целосното работно време и посакувам во најскоро време да се вратиме во нормалноста.

*Дорина Ајдини - координаторка и водителка на попладневна емисија во ТВ Алсат