Можеме да прогласиме алармантна криза на воспитната функција на училиштето во нашето образование - Розалина Попова-Коскарова, редовен професор на Педагошкиот факултет „Св.Климент Охридски “

Добивај вести на Viber

Проф.д-р Розалина Попова-Коскарова, редовен професор на Педагошкиот факултет Св.Климент Охридски ‘‘ при Унивезритетот Св.Кирил и Методиј во Скопје неодамна реализира обука во сите основни и средни училишта на Општина Куманово. Носител на проектот беше Општина Куманово.

За време на зимскиот распуст оваа обука ја проследија околу 500 наставници од сите основни и средни училишта во Струмица. Но, во изминативе години и наставниците во Кавадарци, Росоман, Количани, Карпош и мно др. училишта.

Розалина Попова-Коскарова е професор по предметите: Општа педагогија, Менаџмент во образование и Методика на воспитна работа.

Нејзината најголема научна преокупација е токму воспитната компонента во училиштата, поконкретно нејзиното с`e поголемо запоставување и занемарување. -Слободно можеме да прогласиме алармантна криза на воспитната функција на училиштето во нашето образование. Тоа го чувствуваат и родителите и наставниците. Од друга страна пак,во сите образовни законски прописи, училиштето се дефинира како воспитно-образовна институција, што значи дека воспитната и образовната компонента се интегрирани и така треба да се реализираат. Но, во практиката се соочуваме со сосема спротивна ситуација. Веќе подолго време е евидентно значително нарушување на тоа единство, односно сериозно запоставување и занамарување на воспитната функција во училиштата, што многу негативно се рефлектира врз младите од сите аспекти во животот. Веќе подолго време, изразито се нагласува и до определен степен се фаворизира исклучиво само стекнувањето на знаењата., односно образовната компонента – вели Попова –Коскарова на почетокот од нашиот разговор.

* Кои се причините кои доведоа до ваквата состојба? Како истата да се надмине, за општо добро на младите и на целокупната заедница воопшто и што треба да нуди училиштето во 21 век?

- Училиштето во 21 век, во време на извонредно развиена информациско-комуникациска технологија, треба да излезе во пресрет на потребите на учениците, но и на општетвената заедница. Тоа значи дека учениците во училиштето треба да стекнуваат компетенции: Компетенциите се состојат од: знаења, вештини и ставови и вредности. 

Од сите овие компоненти најлесно се остварува првата – стекнувањето на знаења, потешко развивањето на вештини и секако најтешка за реализација е третата компонета- градењето на ставови и развивање на вредности. Оваа компонента е во доменот на воспитната функција на училиштето, која уште еднаш напоменувам е во драстично опаѓања. Меѓутоа, од последните случувања во гимназијата Орце Николов, и од добиените резултати на ПИСА тестовите повеќе години наназад, би рекла дека и образовната функција с`е повеќе не се извршува правилно, туку многу површно, сведувајќи го знаењето на меморизирање и чиста репродукција на факти и информации. Многу малку се посветува внимание на стекнување применливи знаења, кои се резултат на мисловна активност, а не само на памет научено. Многу често на писмените проверки на занењето, доминираат прашања на кој ученикот треба да напише некоја дефиниција. Ученикот ќе ја научи на памет, ќе ја напише, но кој ни гарантира дека дефиницијата е разбрана и дека знаењата можат да се применат. Затоа, јас сум голем противник на учење дефиниции. На пример дефиниција за екологија не значи дека кај учениците сме развиле еколошка свест. Слично, и кај дефиницијата за морал- ако ученикот знае точно да одговори на прашањето што е морал, но тоа воопшто не значи дека тој/таа умее морално да се однесува кон себе, кон другите и кон средината во која живее. Затоа, наместо дефиниции, многу подобро е да се ставаат учениците во хипотетички ситуации во кои ќе можат да градат емпатија, да решаваат одредени животни проблеми, да даваат свое мислење, да градат ставови и да развиваат вредности. Денешните ученици не сакаат само да слушаат, туку и да бидат слушнати нивните мислења и ставови. Така, низ содржините, исто времено ќе се реалиизра и воспитната компонента.

Значи, воспитната компонента треба да биде проткаена низ материјалот кој наставниците го реализираат според наставната програма. Не допустливо е да се оставрува само образовната, без воспитна компонента.

Покрај знаењата, училиштето треба да развива и вештини кај учениците, од типот:активно слушање, конструктивна комункација, управување со соспственото учење, критичко размилсување и др. Но, и тука сме доста слаби, бидејќи речи си ништо од ова ( или пак сосема малку) се развива кај нашите учениците.

* Напоменувате дека воспитната компонента е најтешка за реализирање. Каква е улогата на наставниците во овој поглед?

- Иако училиштето е воспитно-образовна институцаија, голем број на наставници својот позив да го сфаќаат многу еднострано, во смисла дека пренесувањето и утврдувањето на знаењата да претставува најважната и единствена задача на училиштето. Наставниците с`e помалку, малку или воопшто не посветуваат внимание на други аспекти, кои се многу позначајни за правилно фомирање на детската личност. Формирање на хумани и со морален кредибилитет личности, социјалното однесување, формирање работни навики, формирање на култура на живеење, еколошка свест, надминување на стереотипи и предрасуди, свест за припадност на колектив, толеранција, и др. универзални човечки вредности. и др. Од друга страна пак, секојдневно сме сведоци на насилства во училиштата, на агресивно и асоцијално однесување, меѓусебна нетрпеливост, се почести се и врсничките насилства, непочитување на наставниците и уште многу други негативни појави.

Непроценлива е улогата на наставниците во развивањето на вредностите и реализирањето на воспитната компонента. Меѓутоа, за да може наставникот успешно да ја извршува воспитната функција, тој треба да е рефлексивен тип, односно да биде свесен дека неговата работа не се состои само од пренесување на знаења, тоа на денешниве деца им е дофат преку дигиталната технологија, туку и да воспитува. Затоа, јас во овој контекст многу сакам да го цитирам големиот педагог Коменски кој уште во 17 век дал извонредно корисни упатства до наставниците во поглед на воспитанието. Затоа, и како професор, многу често им велам на студенитите доколку во главата им се вртат 2-3 мисли на големиот Коменски ќе бидат успшени наставници кои си ја сакаат професијата. 

Имено, според Коменски, наставникот воспитува со целокупното свое однесување, односно преку облеката, начинот на држење на телото, на говорење и сл. затоа, првиот впечаток е најважен. Оттука, наставникот мора да внимава на кодексот на облекување, кој за жал подолго време е серизно нарушен. Недопустливо е наставник од машки пол да доаѓа во куси панталони на работа, или пак со сикинати фармерки какви што носат тинејџерите. Исто така, за наставничките , непримерно е ако се појавуваат на час со премногу кратки здолништа и со длабоко деколте. Наставниците се најголемиот пример за учениците, па затоа нивното оденсување треба да биде позитивен модел, а не нагативен. Доста им е од негативни модели на младите.

Втората многу важна работа на која треба постојано да внимаат сите оние кои се определиле за наставничкиот позив- грижите и проблемите да си ги остават пред врата и ведри да влезат во училницата. Учениците не се должни да го трпат гневот и незадоволството на наставниците од причини како: ниски плати, проблеми во семејството, болни родители, деца и сл. За жал, многу често се случува иако учениците не се генератори на личните проблеми на наставниците да се сведоци на нивна нетрпеливост, која секако негативно се одразува врз севкупната социо-емоционална клима во училницата.

Третата работа на која треба да внимаваат наставниците е нивната комуникација со учениците. Сите ние можеме да се потсетиме на зборови кои ни биле упатувани од страна на поедини наставници, од типот: „Од тебе ништо нема да биде’’, Ти си секогаш последен, а за жал с`е уште има и упатување на погрди зборови: коњ, магаре, коза, „дрво на дрво‘‘ и сл. Овие изрази нема да го направат ученикот подобра личност, но ќе бидат запомнети во детската глава како непријатни сцени од училишните клупи. Со учениците треба да се разговара за проблемите, да се слушне нивното мислење, а не само да се наметнуваат решенија, бидејќи секое наметнато решение значи дека одговорноста ја преземаат возрасните ( наставниците/родителите), и не се развива одговорност кај учениците. Затоа, многу поадекватно е да има заедничка соработка и заедничка комуникација, отколку наметнување на решенија кои учениците нема да ги почувствуваат како свои.

Да живееше Коменски во денешно време, листата на препораки за наставниците ќе ја проширеше и со барањето да се внимава што се објавува на фб, на инстаграм. Затоа што наставникот е најголем пример за своие ученици, тој особено треба да биде внимателен што објавува на социјалните мрежи, бидејќи негови фб пријатели се родители на учениците, а многу често и самите ученици. Несоодветни постови, говор на омраза , популарното наречено хејтање и слично, како и несоодветни фотографии не смеат да бидат објавувани до страна на било кој наставник. Сепак, недопустливо е наставникот секојденвниот целиот свој живот да го става на тацна на социјалните мрежи. Ако излеземе од кожата на наставник и велезема во кожа на родител, сигурно дека нема да не не засега кој ни ги воспитува нашите деца, гледајќи или читајќи постови кои имаат несоодвтена содржина.

На моите обуки, секогаш ги потсетувам наставниците за тежината на наставничкиот позив, бидејќи наставникот е наставник не само додека е на работа во училиште, туку и после работа, во кафеана или ресторан, за време на распустот, но и кога ќе се пензионира и затоа треба да си го задржи своето достоинство! Наставниот не е шалтерски работник кој удира печат на некој документ, туку личност, која врши влијание врз младата личност, уште од најмала возраст.

* Каква е улогата на семејството во воспитувањето на младите генерации?

- Во услови на современо семејство, кое според бројот на членовите кои го сочинуваат е микро семејство, се случуваат големи турбуленции во тој поглед. Заедничкото живеење само на родителите и децата, вработеноста на двајцата родители, зголемениот број на разводи, урбаните промени и слично имаат силно влијание врз остварувањето на воспитната функција. С`е појасно станува дека таа функција многу потешко се остварува во современото семејство, отколку во некогашното традиционално семејство.Помниме едно време кога семејството секојденвно се собираше на ручек во точно определено време, кога постоеше голема почит меѓу членовите на семејството, кога за проблемите се разговараше на маса, кога вредностите беа водилка по која се воспитуваа младите генерации. Одамана не е така.Сликата за една дневна соба во која седат на пример мајка татко и две или три деца е следнава: сите се зедно, но секој со мобилните телефони или други електронски уред пред себе. Заедно, а всушност одвоени.

Родителите се помалку имаат време за своите деца, а недостигот на внимание многу лошо се одразува врз децата. Ним им е потребно поголемо внимание, а не само прашање од типот како си помина денес на училиште? Наместо тоа, подобро е да се прашаат: Што те направи денес среќен/а, или не си без причина тажен/тажна и да се започне разговор околу тоа. 

Евидентно е дека родителите се потешко се справуваат со однесувањето на своите деца, и се потешко ја остваруваат воспитната функција, а уште повеќе, имаат се помалку време за своите деца поради секојдневната грижа за обезбедување егзистенцијални потреби од една страна, а од друга, трка за поголем профит. Оттука, с`е повеке воспитната грижа на семејството станува дел од училиштето што некогаш исклучиво се остваруваше во рамките на семејството. Всушност, воспитната функција станува с`е покомплексна и потешка за остварување пред с`е поради вредносната и моралната криза која го зафаќа општеството во целина.

Генерациските разлики и сфаќања ги прават суштинските дијаметрално спротивставени погледи на свет помеѓу младите и постарите генерации, односно помеѓу родителите и децата. Родителите се с`е помалку авторитет за своите деца. а семејството с`е повеќе се соочува со неможноста успешно да ја остварува воспитната функција.

* Како да се надмине состојбата, којa e очигледно алармантна ?

- Прво,разговор со родителите, посебно за време на родителските средби, но и на индивидуалните да посветуваат повеќе време на своите деца, бидејќи недостигот на внимание предизвикува кај нив лоши последици. Љубовта на децата не се купува со пари, туку со грижа, разбирање за нивните проблеми, разговори, едноставно со доволно внимание.

Второ,соодветна обука на наставниците и нивно оспособување за успешно реализирање на воспитната функција. Промена на програмската структура за работа на училиштето.Наставниците треба да добијат соодветна обука во текот на нивното иницијално образование, но и понатаму преку разновидните форми на стручен и професионален континуиран развој за успешно воспитно делување. Современото општество бара современ наставник кој колку што успешно ќе образува, исто толку успешно и ќе воспитува.

Вториот аспект се однесува на промена на програмската структура за работа на училиштето. Имено, првото прашање во овој контекст е : Колку вистински се реализираат екстракурикуларните акстивности, или добро познатите слободни или вонннаставни активности. И тука, сознанијата говорат дека тие активности иако се дел од програмата на училиштето, многу малку или воопшто не се реализираат. Нашите училишта не живеат со целодневна активност од типот на активности кои ги имаат голем број европски земји, како Шведска, Франција, Германија, Англија. Таму, со завршувањето на редовната настава, не значи дека завршува и работниот ден во училиштето. Напротив, учениците имаат можност да избираат најразновидни активности според нивните желби и интереси, а за успешната реализација се грижат аниматори на слободното време на децата. Зошто тоа да не може да се прави и во нашите училишта? Има многу млади луѓе, па дури и студенти од завршните години кои на тој начин добиваат можност да ја остварат својата практична активност, кои можат да бидат добри аниматори, и како помошници на наставниците да помогнат во развивањето на креативните спосбности на учениците,а пред се во функционалното користење на слободното време.Трето, многу повеќе примена на дебати, дискусии во наставата, низ кои ќе можат учениците да си го изнесат своето мислење, да градат ставови и да развиваат вредности, а пред се да бидат меѓусебно емпатични, хумани, солидарни, со развиено чувство за другиот. Што побрзо донесување на стандарди за воспитно делување

Високо развиените земји во светот многу одамна имаат изградено стандарди за воспитно делување, кои претпоставуваат дефинирање на мерките за квалитетот на наставата не само од образовен, туку и на воспитен план, како и изградување на методологија за пресметување на резултатите од квалитетната настава која подразбира успешно реализирана не само образовна, туку и воспитна функција.Ќе наведам еден пример од Австрија и Германија. Имено, тука постојат прецизно изградени стадарди за воспитно дејствување. Со самото запишување на ученикот во училиште, на родителот му се доставува кодексот на училиштето со предочување дека истиот треба доследно да се почитува. Секое отстапување, предизвикува последици и за ученикот, но и за родителите, кои финансисики ке треба да ги компензираат материјалните штети доколку се направат. Меѓутоа, тоа не е најважното. Секое училиште има изградено стандарди за воспитно делување, кои многу често претставуваат и имиџ на училиштето. Имено, родителот се запознава со сите аспекти во кои неговото дете ќе биде поучувано. И тоа не само до обарзовниот дел,туку кои компетенции ( вештини и вредности) ќе ги стекне. Тоа значи и во воспитен аспект, во смисла на какво однесување ќе се научи, како ќе се воспитува, кои се ефектите од воспитувањето и тоа од најбанални работи: од учење за пристојно јадење и држење на маса,(задолжителна и правилна употреба на нож и виљушка во секојденвниот ручек во училиштето , а аналогно на тоа и дома) социјален развој,конструктивна комуникација, активно слушање ( што подразбира внимателно следење на другиот додека зборува, неупаѓање во збор, )толеранција, стрпливост итн. И навистина, овие аспекти и сама сум ги увидела кај децата за време на моите многубројни студиски престои во Скандинавските земји и во Германија.

Соња Алексоска Неделковска