Му позирале Катрин Данев и Миранда Кер: Женски Магазин на средба со Алесандро Капочиа, фотограф на Вог
На покана на иновативниот креативен тренинг центар Creative Hub, во саботата гостуваше популарниот италијански фотограф Алесандро Капочиа, на пошироката јавност познат по својата работа во престижните магазини Vogue, Conde Nast и Harper’s bazaar. Капочиа имаше неколкучасовно предавање во кое успеа да пренесе дел од своите вештини и искуства како фотограф. На работилницата насловена Live for your dreams and shoot them, присутните млади креативци имаа ретка можност да го презентираат своето портфолио и да добијат критика за нивната работа од еден од најпопуларните фотографи во светот, чиишто дела се публикувани во Франција, Италија, Јапонија и Америка. Редакцијата на „Женски магазин“ исто така имаше прилика, на покана на Creative Hub, одблиску да се запознае со Капочиа, кој во своето дваесетгодишно портфолио потпишува соработки со светски ѕвезди како Катрин Данев, Миранда Кер, Марио Тестино и многу други.
За фотографијата почнал да се интересира уште на 13- годишна возраст, кога неговиот татко, страстен нуркач, бил во потрага по најубавите локации за нуркање, па често патувал со него на различни страни од светот. Фасциниран од пејзажите кои ги фотографирал еден од пријателите на неговиот татко, кој патувал со нив, решава да почне аматерски да се занимава со фотографирање.
- Еден ден мојот татко ми подари Пентакс апарат со филм. Во прво време фотографирав под вода, потоа луѓе и пејзажи од местата каде што патував, Филипини, Фиџи, Азија, од целиот Пацифик. Се сеќавам дека бев многу горд на себе кога се вратив во Милано, па сликите ги покажував на моите пријатели и во училиштето каде учев - раскажува Капочиа.
Пресудниот момент за да се одлучи за кариерата како фотограф било неговото патување во Париз на возраст од 21 година.
- Првите ангажмани во Париз беа пресудниот момент кога си реков на себе си: ова е она со кое сакам да се занимавам и ова е она што сакам да го правам до крајот на животот. Јас и фотоапаратот како животен сопатник, секогаш со мене, во моите раце и со него да правам извонредни фотографии. Во тој момент знаев дека фотографирањето е вистинската кариера за мене - објаснува тој.
Професионалните почетоци му биле во репортажна фотографија, за подоцна да продолжи со модната, а денес повторно да се врати на старата љубов - репортажите. За инспирацијата во неговата работа, тој вели: „Тоа е еден вид на константна еволуција, посебно во модниот свет. Се инспирирам секојдневно и се трудам да ја репродуцирам инспирацијата. Знаете, не е лесно. Некогаш е дури и болно кога нема да ја добиете посакуваната фотографија. Но секојдневно еволуирате, следејќи го она за кои сметате дека е правилно. Во тој процес станувате подобар и подобар. Можеби јас сум имал среќа и сум продолжил да еволуирам“.
Од денешна перспектива, кога е финансиски стабилен, предизвикот му се фотографиите кои навистина сака да ги создаде.
- Да ги споделам, токму на овој начин на кој ги споделив денес со студентите присутни на работилницата во организација на Creative hub. На крајот на краиштата, затоа и го работиме ова, за да го споделуваме своето знаење со останатите луѓе. Ова е исто така еден вид на предизвик, да се биде подобар и тоа искуство да го споделите со други креативни души - појаснува Алесандро.
Најголемото искуство што го понел од неговата работа во Vogue и Conde Nast е работата во тим со најискусните и најдобрите модни креатори, стилисти, модели, продуценти, мејкап артисти. Научил како да не го троши скапоценото време за работа и како да биде стопроцентно ефективен.
- Да не ме разберете погрешно, не велам дека останатите магазини не се добри и квалитетни, но разликата кога работите за најдобриот во индустријата е во сигурноста во работата. Се’ е совршено испланирано, секој си ја знае својата работа и не трошите непотребно време. Кога ќе стигнете дома по завршување на еден работен ден, воопшто не сте уморни, затоа што се’ е под конец и нема простор за стрес и за грешка - вели тој.
Најголемото влијание за неговиот стил и инспирацијата зад фотографиите му се филмовите. Њујорк во 50-тите, 60-тите и 70-тите години на минатиот век, како и црно- белата фотографија на познатиот Американски фотограф Вилјам Клајн.
- Секојдневието на обичните луѓе претставено во црно бела техника, дилери, трансвестити, јапиевци, бизнисмени од Волстрит. Америка во тие години, со сите контрасти на црно- белата фотографија. Мојот стил е драматичен, страстен и понекогаш сензуален. Веројатно јас не сум вистинскиот човек да го опише ова, но се сеќавам дека сите кои имаат пишувано моја биографија, секогаш ги повторувале истите елементи: сензуалност, драма и страст, па затоа би рекол дека може да го резимираме мојот стил на фотографирање на овој начин - раскажува Алесандро.
Според Капочиа, различноста и отскокнувањето од масата е она што добриот фотограф го прави подобар од другите.
- Добар е оној фотограф кому можете во секое време да му ја препознаете работата. Дури и ако не е совршена фотографијата, во смисла на композиција, сепак да е поинаква. И како што често знам да кажам: "sharp cut through the noise". Во време на премногу фотографи, премногу информации, премногу сатурирани фотографии, треба да отскокнувате од масата. Да работите нешто што излегува надвор од мејнстримот - појаснува светски познатиот фотограф.
На прашањето што би работел кога не би се занимавал со фотографија, на шега вели дека веројатно би бил криминалец.
- Порано имав мој бенд и многу сакав да пеам. Ама мислам дека немав баш некоја иднина во кариерата како пејач. Ми се чинеше многу е потешко од работата како фотограф. Мислам дека немам други хобија.Фотографијата е мојата јога - завршува тој.
За Женски Магазин, Емилија Вучиновска