,

Концертна промоција на новиот „Стенвеј“ со маестралниот Евгениј Судбин

Добивај вести на Viber

Овој четврток, на 10 мај во 20 часот, Македонската филхармонија ќе го одржи симфонискиот концерт „Север и југ“, на кој како солист ќе се претстави маестралниот руско/германски пијанист Евгениј Судбин!

Според „Телеграф“, Евгениј Судбин е „потенцијално еден од најголемите пијанисти на 21.век“, а според „Индипендент“, тој е „пијанист со невообичаена чувствителност и префинетост“.

Славниот пијанист, за македонската публика ќе го изведе популарниот Концерт за пијано и оркестарво a-moll од Едвард Григ.

Наедно, на овој концерт ќе биде промовирано новото концертно пијано од марката „Стенвеј“, кое како донација Македонската филхармонија го доби од компанијата „STRABAG AG“.

Диригент на концертот е врвниот маестро Даниел Рајскин, а оваа вечер ќе бидат изведени уште три впечатливи дела - увертирата „Маскарада“ од Карл Нилсен, „Процесија до Росио“ од Хоакин Турина и свитата „Шпанска рапсодија“ од Морис Равел.

Евгениј Судбин е ексклузивен уметник за „БИС рекордс“ и неговите снимки добиваат високи признанија, вклучувајќи ги и „ЦД на месецот“ според магазинот „Би-Би-Си“ или „Избор на уредникот“ на „Грамофон“. Неговото ЦД со дела од Скрјабин, на пример, беше прогласено за ЦД на годината од „Телеграф“ и ја доби наградата за најдобра солистичка снимка на саемот за музика МИДЕМ во Кан. Судбин е и еден од најактивните концертни пијанисти кој настапува во сите престижни концертни сали како што се „Тонхале“ во Цирих, Ројал фестивал хол, Вигмор хол во Лондон, „Концертгебау“ во Амстердам, „Авери Фишер“ во Њујорк..., соработувајќи со оркестри како што се Нов Зеланд симфонија, Ванкувер симфонискиот оркестар, Лондонската филхармонија, Би-Би-Си филхармонијата, Кралската филхармонија во Ливерпул... Неговата изведба на Концертот бр. 1 од Рахмањинов на Би-Би-Си промс во „Ројал Алберт хол“ беше опишана  од „Телеграф“ како „возвишена“. Судбин соработува со едни од најголемите диригенти денес, меѓу кои и со Нееме Јарви, Владимир Ашкенази, Чарлс Дутоа, Хану Линту, Туган Сокиев... Неговите идни ангажмани вклучуваат концертни настапи и договори за изданија со „Тапиола синфониета“ и маестро Осмо Ванска, Холандската филхармонија и Ивор Болтон, Ротердам филхармонијата и Станислав Кочановски, како и голема турнеја во Северна Америка... Евгениј Судбин е роден во Санкт Петербург (1980), а образованието го почнал во Специјалното музичко училиште на тамошниот конзерваториум на само петгодишна возраст. Со семејството емигрирал во Германија во 1990 година каде што ги продолжил студиите на Школата за музика „Ханс Еислер“ во Берлин.Во 1997 година Судбин се преселил во Лондон каде што студирал на школата „Хенри Персел“, а ги завршил дипломските и магистерските студии наКралската академија за музика каде што денес е визитинг-професор.