На нашите песни се вљубуваа и раскинуваа: Зеле Липовача од „Дивље јагоде“ во Скопје
На нивните хитови „Криво је море“ и „Једина моја“ генерации се вљубуваа и раскинуваа, а мангупите глумеа дека свират гитари на „Мотори“ и на „Шејлa“ кога вокал им беше Ален Исламовиќ.
Основачот на „Јагоде“ и гитарист Зеле Липовача денес во ГТЦ на медиумска промоција го претстави 13. албум „Jukebox“ (издание на Croatia Records ) на легендарниот бенд, на радост на македонската јавност . Прилика за добра музика, автограм и фотографирање со еден од најважните автори и гитаристи на музичката сцена од Вардар до Триглав, човекот кој ги напиша и : „Ne želiš kraj“, „Autostop, „Zauvijek tvoj“,„Marija“...
Скопје, Белград, Загреб, Сараево и Нови Сад се единствените градови во регионот кој ќе го слушне симболот на нивните почетоци, минливоста на времето, но и порака дека никогаш нема да ги заборават своите стари хитови и членови.
-Да беше во Европа или Америка ќе беше милионер според продадени албуми, досега 4 милиони примероци, вака славниот гостин пред новинарите го претстави домаќинот Иван Бечковиќ, супервизор во„Croatia Records“ за Македонија.
-Ја сакам Македонија, а македонската публика е меѓу најдобрите во регионот. Не сакам да ги бројам албумите во текот на 40 години кариера, важно е дали песните уште се слушаат, а времето покажа дека е така. Групата беше специфична, често ги менуваше членовите кои оставија неизбришлива трага, изјави Липовача.
Зеле е во топ-форма, живее на релација Сараево-Загреб и Лондон. За „Женски магазин“ сподели дека е во среќна врска и дека има прекрасна ќерка. Пред десетина година интезивно живеел во Лондон, вели најубавиот град на светот но и најскап. Во тоа време работел во студио и го запознал најдобриот клавијатурист на сите времиња Дон Ејри кој свирел со „Дип Парпл“ и со „Вајтснејк“.
-Ист таков виртуоз е и клавијатуристот Дамјан Деурич кој единствен од бендот успеа да дојде на промоцијата во Скопје, рече Липовача кој по 4 сингла и две години чесна работа го објавува новиот студиски албум.
Концептот на „Jukebox“ е значително различен од сите претходни, а идејата за ваков проект потекнува од лојалните фанови на бендот. Сходно на тоа, на албумот „Дивље јагоде“ им беа домаќини на поранешните членови: Тони Јанковиќ, Младен Војичиќ Тифа, Санин Кариќ, Жанил Татај Жак, Ненад Бориќ и Един Шеховиќ Шеха.
Со овој албум, пејачот Тони Јанковиќ станува полноправен член на групата, а тој всушност е дел и од насловната песна „Jukebox“. Музиката и аранжманот ги потпишува основачот и гитарист на „Дивље јагоде“ – Зеле Липовача, а текстот го пишуваше хитмејкерот Ненад Нинчевиќ.
Новиот студиски албум е спој на песни што ги донесоа рок генерации, од оние што често ги изведуваат на концерти, до оние што батаат многу повеќе внимание.
„Ulica na lošem glasu“, „Zbog tebe draga“, „Sama si“, „Zauvijek tvoj“, „Sarajevo, ti i ja“, „Nemam ništa protiv“ и „Zvijezda sjevera“ пристигнуваат во сосема нови аранжмани и носат звук што вели дека „Дивље јагоде“ и понатаму се во чекор со времето денес.
Покрај насловната песна „Jukebox“, и споменативе римејци, албумот вклучува и сосема нови песни, „Virtualni svijet“, „Znamo da je kraj“, „Dug je bio put“, и инструменталната преработка на композицијата на Бетовен - „За Елиза“.
Во песната „Dug je bio put“, на бендот му и се придружи и планетарно популарен рапер Стока.
Со новиот албум, објавен е видео-спот за песната „Jukebox“, во кој „Јагоде“ евоцираат стари спомени и се присетуваат на повеќе од 40 години успешна кариера. Тие спотот му го посветија на Мустафа Исмаиловски - Муц, клавијатурист во оригиналната постава, но и на публиката која им беше верна во сите овие години.
Главната актерка на видеото, Анѓела Попиќ, е претставник на младата генерација која го избира бројот 40 на Jukebox, а потоа и се придружува Тони Јанковиќ, и ја раскажува приказната за 40 години на еден од најголемите бендови во ovoj регион.
Л.С.