На пиво и книга со Неле Карајлиќ во „Литература.мк“

Добивај вести на Viber

Вечерва, со почеток во 19.30 часот, во книжарницата „Литература.мк“ на улицата „Македонија“, ќе се одржи дружба со легендарниот музичар и автор на книгите „Фајронт во Сараево“ и „Солунска 28“, д-р Неле Карајлиќ.

На настанот, ѕвездата на „Забрането пушење“ и „Топ-листа на надреалистите“ ќе одговора на прашања од гостите, но и од фановите кои деновиве му ги поставуваат на профилот на „Литература.мк“ на „Фејсбук“. По случаен избор, двајца обожаватели што поставиле прашање ќе добијат по еден примерок од неговиот нов роман „Солунска 28“.

Денеска и утре (петок), пак, со секоја купена книга од Карајлиќ („Фајронт во Сараево“ или „Солунска 28“) во „Литература.мк“ ќе следува ваучер за пиво – кој може да се искористи за време на Skopje Beer Fest на стадионот на АРМ. Имено, во рамки на оваа манифестација, Неле Карајлиќ утре ќе одржи концерт.

Книгата „Солунска 28“, чиј издавач на македонски јазик е „Арс Либрис“ дел од „Арс Ламина ‒ публикации“, беше промовирана во мај оваа година, за време на Саемот на книгата. Романот ја доби престижната српската книжевна награда „Момо Капор“ за 2018 година.

Во „Солунска 28“ се раскажува приказна за едно семејство, која почнува на почетокот на 20. век, кога Живота, кој бега од Прахова, и Босилка, која бега од Австро-Унгарија, се среќаваат во Белград, решаваат да почнат заеднички живот и да основаат семејство. И до ден-денес, и покрај војните, бомбардирањата, пожарите, болестите, промената на режими, национализацијата, приватизацијата и другите потреси, куќата на Живота во Солунската улица го има истиот тој број 28. Спојувајќи ги најдобрите состојки на јужноамериканскиот магиски реализам и сараевскиот нов надреализам, д-р Карајлиќ ни раскажува за историјата на една куќа во Дорќолската улица и нè води во просторот од другата страна на огледалото, на тромеѓата на животот, смртта и вечноста.

Ве очекуваме!