На синот му ја посветив новата колекција: Интервју со дизајнерката Маја Кикириткова
На нејзиниот син Лазар со кој вели дека созреала, и на сите жени, мајки, модната дизајнерка Маја Кикириткова им ја посвети новата колекција „Елеазар“. Во интервјуто за Женски магазин, таа зборува за враќањето на модната сцена со оваа колекција и за уште многу мали нешта кои за неа се инспирација.
* Со Брендот ЕЛЕАЗАР, се враќате на модната сцена во Македонија, каква колекција ќе видиме од вас?
- За Елеазар е виновен мојот син Лазар, со него созреав, станав мајка, станав жена, па токму и оваа колекција е созреана, женствена, колекција каде ќе можат да се пронајдат многу жени, колекција која ќе може да се носи од утро до вечер, благодарениe на удобноста која ја даваат дизајните и природните материјали. Знаеме дека живееме динамичен и брз живот, излегуваме рано наутро, доаѓаме доцна навечер, во меѓувреме многу состаноци со различни луѓе, па мораме да изгледаме секогаш убаво, а воедно тоа и да е удобно. Токму оаа колекција е наменета за тоа. Жената во Елеазар секогаш ќе биде уникатна, а воедно ќе се чувствува удобно и женствено.
* Направивте неколку годишна пауза, имавте време за приватно созревање, од денешен аспект како поискусна, веќе професионално надоградена и во време на поголем број дизајнери на нашиот пазар, со што ќе ја “маѓепсате“ публиката?
- Можеби јавно направив неколку годишна пауза, но за мене тоа никогаш не беше пауза. Секогаш размилузвав , стварав, творев, но тоа беше на лист хартија и по некој дизајн за мене и мои блиски луѓе. Умствено бев присутна, а тоа е и најбитно. Како што напоменав и претходно сега сум созреана и мислам дека токму сега е правиот момент за ова што се случува. Под ова небо има место за секој и колку поголема конкуренција, толку подобро, затоа што секој од нас повеќе ќе се дава во работата. Секој има различен стил на творење и различна клиентела, па мојата ќе биде „маѓепсана“ од уникатноста, удобноста и различната амбалажа во која ќе бидат спаковани уникатните парчиња облека.
* Брендот ЕЛЕАЗАР ќе ги отвори и портите на вашето атеље кое паралелно го подготвувате, ќе биде тоа катче на вашата енергија претворена во парче уникатна гардероба?
- Атељето каде што се роди брендот Елеазар, каде Елеазар ќе созрева и расте е мало интимно катче, каде секој ќе има можност да го посети и види, да осети топлина и гостопримливост, да се напие кафе или чај, да поразговара и да ги види и проба уникатните парчиња од Елеазар.
* Светски познатите дизајнери не се плашат да го покажат парчето гардероба во онлине продажбата во свет кога комерцијалните брендови владеат со пазарот. Од вас за прв пат ќе имаме можност да видиме и онлине продажба, кој ви се очекувањата?
Онлајн продажбата завзема се’ поголем замав, па мислам дека е одлична идејата моите парчиња да се продаваат и онлајн. Воедно во самата онлајн продавница покрај што можат да се видат самите дизајни, ќе можат да се видат и цените и составот на материјалите од кои се изработени дизајните. Мислам дека покрај дизјаните, цената и составот на материјалите е многу битна ставка за една жена кога купува уникатно парче облека, а токму овде ќе го има сето тоа. Жените кои не се во можност да дојдат во атељето, ќе можат да купат уникатно парче облека, кое во уникатна амабажа ќе им биде доставено до врата.
* Од времето кога владеевте со модната публика до денеска и неколку годишната пауза во која младите дизајнери имаат простор, можност и шанса за пласман, што се се променило, тешко ли е враќањето пред публиката, која добро ги памети вашите колекции?
На почеток кога започнав со целата идеја, цело време се прашував дали публиката ме памети. Многу млади и квалитетни модни дизајнери се родија овде, па нормално е тој што не твори и да го заборават. Но се изненадив, публиката ме нема заборавено, многу пријатно реагираат на сето она што го правам, на моето враќање и секојдневно добивам честитки и позитивни коментари.
* Пролет е период во годината кога од цвеќето до човекот, сите се будиме. ЕЛЕАЗАР ќе биде колекција на весели, пастелни бои на пролета?
- Нијанси на пастелно розе, која е и воедно заштитна боја на брендот, резеда, петролеј, жолта, црна и бела кои се неизбежни ќе бидат дел од пролет-лето колекцијата на Елеазар. Сите дизајни се надополнети со акцент на црна нежна тантела, како водечка нита во самата колекција.
* Во поглед на инспирацијата, имате изјавено дека сте сонувач и вашата инспирација ја црпите од соновите. Дали денеска сѐ уште е така?
- Инспирација црпам од сѐ што ме опкружува, животот, секојденвните настани, луѓе, сонови, патувања...Конктено инспирација за оваа колекција земав од некои геометриски форми, надополнети со 3Д елементи во форма на карнери.
* Со оглед на вашето модно портфолио и модно образование, неколку години сте и предавач на академија за мода во Приштина, а сепак творите во Македонија. Кога би направиле споредба на општествата, каде сме ние во светот на модата?
- Кога мојот колега, многу добар пријател и брат во некрвно сродство Александар Рашкович ме повика да предавам таму, искрено бев скептик, но кога отидов јас позитивно се изненадив. Луѓето таму имаат влијание од Италија и навистина ги следат модните трендови. Можеби сме на едно исто ниво со нив, а во однос на светските модни метрополи сме многу далеку.
* Брендот ЕЛЕАЗАР заокружен со атеље и онлајн продажба, светски и на голема врата се враќате назад, кој се вашите планови?
- Моите сегашни планови се постојано творење, задоволни клиенти, квалитетни колекции кои би се продавале во Македонија и во странство.