Националниот Парк Галичица - повторно дом на европските елени

Кралот на шумите, европскиот елен повторно го најде својот дом во Националниот Парк. Галичица. По неколку децении пауза, кога речиси беше доведен до истребување, повторно почнаа да се создаваат услови европски елени да ја збогатат фауната на Галичица. Специјално за оваа намена е направен репродуктивен центар од стотина хектари во кој се донесени врвни примероци од овие елени, 24 женки и шест мажјаци. Новиот дом е опремен со модерна инфраструктура: карантин, хранилишта, поилишта, солишта и набљудувачници, а елените ќе се користат исклучиво за активно управување и одржување на уникатните екосистеми на Галичица, а не како ловиште. 

„Главната цел на овој проект е да се подобри управувањето на Националниот парк Галичица преку заштита, конзервација на уникатната биолошката разновидност и спроведување на мониторинг. За една година се спроведоа активности поделени во три компоненти компоненти: подготовка на студија за изградба на арборетум, подобрување на управувањето со планинските екосистеми на пасиштата преку изградба на репродуктивен центар за европски елен и негово повторно воведување во паркот, и ревизија и спроведување на програма за долгорочен мониторинг на биолошката разновидност на паркот“, вели Андон Бојаџи – раководител на Одделението за заштита на природата при ЈУНПГ.

Програма за подобрување на управувањето со заштитените подрашја

Активностите кои Националниот парк и Друштвото за проучување и заштита на биодиверзитетот и одржлив развој на природните екосистеми (БИОЕКО) Скопје ги спроведуваат се во рамки проектот „Подобрување на заштитата, конзервацијата и управувањето со заштитеното подрачје Национален парк Галичица“, вреден 340.000,00 евра. Проектот е дел од поголема Програма за подобрување со управувањето на заштитените подрачја, во износ од 4,3 милиони евра, финансирана од Европската унија, а ја спроведува Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) во соработка со Министерството за животна средина и просторно планирање.

Со цел остварување на овие активности, НП Галичица ангажираше двајца млади биолози и лице за комуникација, што претставува новина во заштитата на природата во националните паркови во Македонија.


Целата приказна на ФАКТОР.МК