НАЈДОБРАТА ПСИХОТЕРАПИЈА Е КАФЕ СО ПРИЈАТЕЛКА: Интервју со Јована Хисмајер, тренер за личен развој
Сличната енергија и размислувањата за животот ги споија познатата српска писателка и драматург Исидора Бјелица и Јована Хисмајер, тренер за личен развој на познати светски ѕвезди. Јована и Исидора заеднички ја напишаа книгата „Помагајте, пријателки“, која стана регионален хит, а за Македонија ја издаде „Просветно дело“. Во книгата, поентата на писателското дуо е дека најдобрата терапија за секоја жена е дуалната. „Најголемите проблеми се решаваат со пријателка, на кафе, нема потреба од скапи третмани кај психотерапевти“, велат двете.
Нашата соговорничка Јована Хисмејер има интересна биографија. Родена е во Ниш, а по завршувањето на магистерските студии на природно-математичкиот факултет се сели во Виена. Кариерата ја започнува како модел, работејќи за познати брендови како Сваровски Нина Ричи, Роберто Кавали... Од Виена патот со родителите ја води во Дубаи, каде што интензивно почнува да работи на својот духовен развој. По посетата на многу светски едукации, семинари и анализи на работата на познати психолози, Јована станува тренер за личен развој. Работата во модната индустрија ја поврзува со многу светски познати музички ѕвезди, луѓе од светот на бизнисот, спортиси, политичари. Набрзо, се прославува како тренер за личен развој на познатите. Откако го напушта Дубаи и се враќа во Виена, патот и се вкрстува со Исидора Бјелица со која вели дека веднаш се нашле на иста фреквенција. Денес, живее во Виена а преку лето во куќата на море во Лимасол, на Кипар. Мажена е за австриецот Матијаш Хисмаер кој е со благородничко потекло. Јована и Матијаш се родители на близнаците Хелена и Магнус кои имаат 11 години.
Јована со Исидора Бјелица и со Татјана Димовска-Атанасova на Саемот за книга во мај во Скопје
* Како се споивте Исидора Бјелица и вие , и кога настана идета за оваа книга, „Помагајте пријателки“?
- Исидора и јас многу долго се познаваме. Заедно долго време работевме на себе си, и посетивавме многу семинари и работилници, па така се запознавме. Исидора е некој кој ми го покажа патот, и таа беше единствената која за мене не кажа: „Да, на неа и лесен животот“. И работејќи една со друга на таа дуална терапија, на тоа како пријателка може да и помогне на пријателка, тоа стана некоја наша ѕвезда водилка. А идејата за книгата дојде многу подоцна, сосема спонтано и непланирано. Немам зборови со кои можам да го опишам она што го чуствувам за неа и што таа направи за мене. Ако почнам да ја фалам, тоа може долго да трае, исто како да зборувам за тоа колку прекрасна мајка имам.
* Станавте позната како модел, а потоа направивте кариера како лајф -коуч (тренер за личен развој) . Зошто престанавте со работата како модел, и што ве мотивираше да станете она што сте сега?
- Да, сфатив дека околу нас има многу луѓе кои се претставуваат како гуру, кои знаат нешто повеќе од вас и кои надмено се поставуваат. Светот е полн со такви мотивациски говорници и психотерапевти. Овде, во дуалната терапија и во оваа книга е суштината пријателката да и помогне на пријателката. Пријателката да биде таа која ќе ги ви ги отвори очите во било каква животна ситуација. А работата како модел, тоа никогаш не била мојата вистинска професија, повеќе ми беше хоби. Додека бев помлада имав време за такво нешто и сакав со тоа да се занимавам. Меѓутоа, јас завршив Природно математички факултет, но никогаш не работев според професијата. Кога на мене ми помогна тој лајф-коуч и кога на мене ми помогна таа работа на себе си, тогаш кај мене се јави таа желба и јас да работам со другите луѓе. На почетокот, тоа беа мои блиски, а потоа добив и вистиснки клиенти.
* Кој беше вашиот животен водич?
- Јас имав повеќе, не беше само еден. Уште додека живеев во Дубаи сфатив дека среќата не е полна вреќа пари. Дека е потребно нешто многу повеќе од пари за да човек биде исполнет. Тука ќе се навратам на Исидора, дека освен моите блиски, таа беше единствената која го сфати тоа, дека јас побарав и нешто повеќе од животот. Откако ми помогнаа на мене и јас си помогнав на себе си, почнав да им помагам и на другите.
Додека живеев во Дубаи сфатив дека среќата не е полна вреќа пари
* Позната сте по вашите познати клиенти, музички ѕвезди, политичари, па дури и кралски семејства. На вашиот инстаграм профил објавивте слика со Хју Грант. Со кого друг од познатите соработувате?
- Според договорите немам право да зборувам за имињата. Кога живеев во Дубаи, работев со нивното кралско семејство и имав дозвола да зборувам за тоа. И тогаш и сега работам со некои познати, со ѕвезди чии имиња не би да ги споменувам. Меѓутоа, подеднакво работам и со студенти, и со луѓе кои живеат еден нормален живот, имаат нормална работа,семејства, но просто, некаде им запнало. Некаде не се чуствуваат добро во својата кожа а при тоа немаат некои психички заболувања или депресија, туку едноставно не можат себе си да се пронајдат.
* Дали ви сте некогаш сте се нашле во таква состојба ?
Да, како да не. Затоа и почнав да работам на себе си. Суштината на таа дуална терапија, и на оваа книга е дека не е правилно да се мисли само позитивно. Од проблемите не треба да се бега и секогаш да се водите по тоа дека утре ќе биде подобро. Човек има право да биде и среќен кога треба, но и тажен, и да се исплаче кога има потреба.
* Што мислите, зошто луѓето ве бараат, што е мотивирачко во вашата работа?
- Ме бараат затоа што не се поставувам на начин дека сум подобра од нив и дека знам нешто повеќе. Туку ги водам до таму- сите одговори да ги пронајдат во себе си. Тоа е суштината на на лајф-коучингот. Оваа професија е релативно нова, и ако сакаме просто да ја објасниме, тоа би одело вака. Тренерот за личен развој е како еден ГПС систем, кој ви помага да дојдете од точката А во која сте сега, до точката Б во која сакате да бидете на еден најкус начин.
* Мајка сте на близнаците Хелена и Магнус. Како излгеда еден ваш обичен ден, колку имате време да му се посветите на семејството и на домот?
Јована- Потешко беше кога децата ми беа мали. Како и секоја мајка и жена, се грижам за нив, готвам, работам по дома. Добрто за мене е што со многу од клиентите работам онлајн и тоа ми помага полесно да се организирам. И на сите тие луѓе им е полесно, отколку по секоја цена да мораат да дојдат некаде на закажан термин.
Нејзин клиент беше познатиот холивудски актер Хју Грант
* Размислувате ли веќе за темата на следната книга?
- Следната книга ќе биде за партнерските односи. Тоа е нешто за што доста се премолчува. Во партнерските односи, љубовните односи, брачните односи владее голема хипокризија. Сите се преправаат дека се во љубов, дека се им е прекрасно, дека се во среќни бракови. А всушност, тоа не е онака како што изгледа. Па малку тука ќе пробам да појаснам колку што можам.
* Дали и вашиот сопруг и вашиот брак ви се инспирација за нова приказна? Колку сопругот вистински ја поддржува вашата работа?
- Тој ми е голема поддршка, да. Но и поддршка и искушение. Ја сум во брак 12 години и бракот е една важна одлука, на него мора да се работи. Јас се надевам дека направив добар избор. Но, она што е најважно, и она за што ќе зборувам во книгата е дека ние работите ги зимаме здраво за готово. И покрај сиот стрес кој го имаме во секојдневниот живот, на нас мажот ни е како фотелја. Тука ни е, сигурен ни е, а всушност не е така. Многу е можно и во бракот и воопшто во животот од денес до утре се да се смени. Но, на нас жените ни е просто полесно да мислиме на партнерот како на некој кој ни е тука, загарантиран и кој засекогаш ќе остане.
Милица Џаровска