Најголем ризик е да не ризикуваме: Интервју со д-р Жарко Костиќ, мотивациски говорник

Добивај вести на Viber

Најголем број од болестите се психосоматски или болести кои умот и психата ги прават на телото, вели д-р Жарко Костиќ, мотивациски говорник и тренер за личен развој. На пошироката јавност ѝ е познат и како домаќин на ТВ-магазинот „Откриени тајни“, проект кој се емитува на „ТВ24“. Д-р Костиќ години наназад успева да им помогне на другите да се чувствуваат психички подобро, помотивирано и посреќно, а, како што и самиот вели, тоа многу влијае и на нивното телесно ниво.

- Можеби најзначаен момент во мојот живот е дека на релативно млада возраст се преселив во САД каде што завршив средно училиште и се запишав на медицински факултет кој го завршив потоа во Скопје. Додека престојував таму разбрав колку е важно да почнам да се грижам за самиот себе. Сите мои врсници заработуваа, а јас искрено дотогаш ја немав таа навика ниту цел. Во еден момент почнав да заработувам сам и на тој начин да допринесам за мојата фамилија. Тогаш првпат разбрав колку е важно да се допринесува за околината и за најблиските. Почнав уште повеќе да ги сакам, а мојата самодоверба почна да расте. Кога се вратив во Скопје го продолжив медицинскиот факултет каде се соочив со еден интересен податок кој велеше дека најголем број од болестите се психосоматски или болести кои умот и психата ги прават на телото. Мојот интерес оттогаш беше како да научам што повеќе за психата и за умот и се фокусирав да го откријам тоа - раскажува тој.

* „Откриени тајни“ е Вашиот мост со луѓето на кои им е неопходна лична промена, со луѓето кои можеби немаат доволно храброст директно да Ви се обратат за да Ви ги раскажат нивните стравови, нивните животни искушенија.. За оние што сè уште не ја гледале емисијата, за каков концепт станува збор?

- Тоа е мотивациска емисија. Целта е да се земе некоја тема од реалниот живот како на пример „мотивација“ и да се даде објаснување како да ја зголемиме мотивацијата, зошто ја губиме итн., проследено со многу примери од животот. Емисијата трае 20-тина минути и има за цел да им помогне на луѓето да подобрат дадени сегменти од животот.

* Мотивациските говорници најчесто зборуваат преку сопствените искуства. Која е Вашата приказна? Која е најлошата работа што Ви се случила, од кои животни премрежја сте ги извлекле најголемите поуки?

- Додека бев во средно училиште во САД можев да присуствувам на мотивациски предавања. Особено едно ми остана во сеќавање чија цел беше да се запознаеме со штетните ефекти на дрогите. Јас и до тогаш немав пробано дрога, но после предавањето знаев дека никогаш и нема. Но, она кое што го разбрав е дека тој човек-мотиватор кој зборуваше за своите лични искуства промени многу и остави трага кај многу млади луѓе. Тогаш ја разбрав моќта на едно предавање кое може да промени толку нешта во животот на луѓето. Мислам дека тој момент ми даде мотив да го работам ова. Сум имал разочарувања и откажувања во животот, но сум разбрал дека сме тука за да помагаме и секој треба да го најде својот оригинален пат и начин како да го направи тоа.

* Како луѓето реагираат на Вашите работилници? Дали повеќето сè уште се скептични дека на еден таков начин може навистина да им се промени животот?

- Реагират одлично. Луѓето сакаат да се подобрат. Понекогаш е тешко да побараме помош. Вообичаено сакаме повеќе да дадеме помош, а помалку да примиме. Некогаш не е лесно да признаеме дека не знаеме сѐ и не можеме се сами.. Животот е тимска работа во скоро сите сегменти. Но, исто како што сакаме ние да помагаме, така и другите сакаат да ни помогнат нам. Мислам дека патот до успехот е многу полесен кога ќе вклучите и други да ви помогнат во остварување на целите. Така сите се среќни. Ние од постигнатата цел, а оние околу нас од тоа дека ни помогнале.

* Ваш следен професионален предизвик е мотивациското предавање „Редизајнирај ја твојата реалност“. Ќе Ве прашам директно, како што стои и во најавата за настанот: Како со само еден час дневно можеме да си ги оствариме своите соништа?

- Има убав цитат од Алберт Ајнштајн кој вели: „Имагинацијата е поважна од знаењето“. Реалност не е само она кое е физички факт. Реални се и нашите соништа. Како старееме сѐ повеќе стануваме „реални и практични“, но не треба да заборавиме дека сѐ што е материјално денес претходно било наша или нечија имагинација. Нашето работно место, можеби станот како сме го уредиле, канцеларијата во која работиме, сето тоа започнало во нашиот или нечиј ум.

Децата се мајстори за тоа да го добијат она што го посакуваат. Децата сонуваат и имаат имагинација, децата имаат огромен интерес за тоа што го сакаат и не се согласуваат со препреките. На нашето мотивациско предавање со Наде Молеровиќ кое ќе се одржи на 20-ти февруари, ќе зборуваме за природните закони како да ги постигнеме целите. Секако, визуелизацијата е една од работите, но тоа не е и единствената работа. Има и многу други чекори кои треба да ги направиме за да дојдеме до целта. Но, ајде ова нека биде покана за вашите читатели да ни се придружат на предавањето и да ги дознаат овие чекори кои се толку важни за целта да се постигне.

* Како да ја зајакнеме самодовербата? Кои животни лекции мора да ги совладаме за да бидеме успешни?

- Самодовербата е поврзана со верба во тоа што го правиме и во нашите одлуки. Човек кој нема самодоверба честопати бара од другите да одлучат за него поради тоа што се плаши од последиците на своите одлуки. Животот е полн со ризици и можности за неуспех, но доколку седиме дома и се плашиме да бидеме дел од животот и постоењето нема да правиме грешки, но и нема да сме среќни и нема да живееме. Најголем ризик е да не ризикуваме, а со тоа мислам дека треба да бидеме дел од животот. Од сите грешки и неуспеси можеме да научиме многу и со научените лекции да се обидеме повторно.

* Како најлесно да го победиме стресот? На кој начин најефикасно можеме да се ослободиме од негативните мисли?

- Постојат разни техники и начини како да го победиме, но во основа мораме да го надминеме стравот дека ќе згрешиме. Колку повеќе се трудиме да не грешиме и се фиксираме да не згрешиме, толку повеќе ќе грешиме. Во околина каде постојано сме критикувани и ни се „ловат“ грешките нема да бидеме слободни, ќе се чувствуваме ограничено и ќе чувствуваме повеќе стрес. Слободата да правиме грешки е нешто кое мораме да си го дадеме на себе, но и да бараме околината да ни го даде, а исто така значи дека и ние треба да бидеме трпеливи со другите.

Стресот се јавува и кога мислиме дека го немаме она кое што е потребно за да се справиме со предизвиците на постоењето. Кога мислиме дека можеме да се справиме со предизвиците и проблемите, тогаш стресот се намалува. Ова значи дека мораме да стекнеме што поголемо знаење за животот и за самите нас како би ја зголемиле способноста која ја поседуваме. Кога ќе ја зголемиме способноста препреките се намалуваат.

* Како Вие ја дефинирате среќата?

- За мене среќа е да ги усогласиме нашите акции со целта која си ја имаме зададена во животот. Мораме да имаме цел која ја сакаме за да бидеме среќни, секако и да работиме да ја постигнеме. Среќата зависи од продуктивноста. Колку сме попродуктивни, толку се чувствуваме подобро и посреќно, бидејќи придонесуваме во групата, фамилијата, општеството. Би можеле да кажеме и колку повеќе креираме во сите сегменти од нашиот живот, толку сме посреќни. Креативниот и продуктивниот човек е среќен.

* Што значи за Вас живот без ограничувања?

- Ограничувањата ги имаме сите ние во сопствениот ум. Умот е господар во нашиот живот. Или ќе ни помогне или ќе не спречи. Фактички секојдневно ги прави и двете работи. Постои дел од нашиот ум кој е безгрешен, но за жал постои и оној кој ни ги дава сите сомнежи, нерационални стравови, ни го дава стресот и не стопира пред да се осмелиме да живееме. Но, најголем број од тие стравови и ограничувања се само сенки од минати неуспеси и разочарувања. Честопати сегашноста и иднината ја гледаме низ призма на нешто кое ни се случило многу одамна. Мораме да научиме да живееме во сегашноста со план и цели за иднината. Како што се вели: „Шофершајбната е поголема од ретровизорот бидејќи е многу поважно каде одиме, а не каде сме биле“!

Ѓорге Стојанов