Најмалиот фризерски салон на највисоката надморска висина во светот, се наоѓа во Крива Паланка: Раритет за Гинисовата книга на рекорди
Јасминка Крстевска е талентиран експерт за нега и одржување на коса. Работи во еден од најмалите градови во Македонија, во Крива Паланка, и тоа во малечок салон од 15тина м2, во кој има место за само еден клиент, и се наоѓа на врвот на Белевски рид на 650м надморска височина.
Ова е пример за охрабрување на женското претприемништво, пример за почнување со бизнис во мало место чие население се иселува, пример на млад човек кој не ја напушта земјата за работа во странство, и пример за човек кој никогаш не рекол ,,овој бизнис постои, го има на секој чекор, јас нема да успеам”.
Иако многу млада, сепак силна, надежна, амбициозна, упорна старт-ап претприемачка која го трасира патот кон успехот полека но сигурно.
Јасминка ни ја раскажува својата приказна.
* Пример сте за млада жена која почнува бизнис во мал град во источен регион во Македонија, во кој населението е преполовено, поради миграција за работа во странство. Како се решивте на тој чекор?
- Во Крива Паланка во изминатите 10 години, ги имаат напуштено 5.000 жители од поширокиот регион и села. Сопругот како и многумина мажи се веќе неколку години во странство на работа.
Го отворив малиот фризерски салон Анабела во мојот дом, во просторија која беше планирана за детска соба, во местото каде што живеам со моето семејство ,,Белево” на влез во градот Крива Паланка. Не ни помислував за простор во градот или пак во центар.
Имав 25 години, работев во конфекциска фабрика од 6:00 наутро до 15:00 попладне, а често поради потреба се остануваше и подолго. Таму не ми беше срцето. Во ситуација кога мојот сопруг работи вон Македонија, а моите мали деца беа постојано сами дома, решението беше приватна, самостојна дејност, иако немав никакви познавања за бизнис. Само знаев дека сакам да се занимавам со коса, сакам да ги разубавувам луѓето, сакам да имаат негувана коса. Имав талент уште од мала, и секогаш ги фризирав роднините и блиските пријатели”.- вели Јасминка.
На 27 години, со помош на грантот преку ,,Програмата за Самовработување,, реализирана од Агенција за вработување на РМ, Mин за социјала и труд и УНДП го отворив фризерскиот салон, a во соработка со мојата менторка Северинова Билјана ангажирана од УНДП и Инсајт го стабилизирам и развивам мојот бизнис. Салонот е на место со кое веќе располагав. Мал, скромен но многу симпатичен салон, со позитивни вибрации. Важно е клиентите да се чувствуваат убаво и задоволно.
* Жените тешко се носат со бизнисот - стереотип или правило?
- Предизвикувачки да, но никогаш тешко. Сама во домаќинството, сама во воспитувањето, и сама во бизнисот, но самостојна и успешна во се. Мора да се работи. Денес ќе биде подобро од вчера, а утре ќе биде уште подобро од денес. Со таа реченица го почнувам денот.
Ќе кажев само кој бизнис би успеал овде, во овој мал град,, кој ќе доаѓа, кој ќе купи, фризери има многу...но почнав. Го правам тоа што го сакам. Почнав со малку и со тоа што го имам. Моите клиенти се моите пријатели кои ја раширија пораката и рекламата наоколу. Знам дека треба да останам вредна, да не се разочарувам, да се борам да ги надминам моментите на потешкотија.
* Како клиентите го наоѓаат салонот?
- Да се стигне до Анабела, нема реклама и нема знак, клиентите ги носи само препорака и желба да се проба нешто ново. Фризерскиот салон е уникатен по две нешта:
Во просторијата има место само за еден фризерски стол и еден клиент го добива вниманието на Јасмина во определениот термин.
Фризерскиот салон се наоѓа на највисоката точка, на врвот на ридовите околу Крива Паланка, на надморска висина од 650м. Кога ќе излезете гледате само огромна пространа шир, зелени врвови, сино небо, чист водух а нежен ветар ви ги милува образите.
Услужувам по 10 клиенти на ден, им посветувам по 1 цел час, немам пауза, и незнам кога завршува денот. Се правам сама. Лесно е кога ве води страста. Мојата 9 годишна ќерка Анабела по чие име е крстен салонот, им прави кафе на клиентите со задоволство и сака да помогне.
* Дали успевате да постигнете профит и позитивен финансиски резултат?
- Секако. Морам. Работам по цел ден, и тоа сама. Успевам да ги покријам трошоците и да си исплатам плата. Сепак сакам мојот бизнис да расте, но растот не го гледам во ланец на фризерници ниту пак лиценцирање на посебна технологија за кратење на коса. Не мора да значи дека треба да имат ногу капитал, или да го шитире бизнисот преку примарната дејност и да го клонирате она што го имате. Мојот занает е специфичен, и зависи од моите раце. На пазарот има толку многу исти како мене, кои се одлични во својата област
Сакам да растам на поинаков начин. Преку уникатен и иновативен производ и негова дистрибуција.
* Кој е производот во подготовка?
- Заедно со мојата менторка која го забележа мојот талент за работа со коса, направивме план за тоа како да ги истражам старите рецепти и природни балзами и шампони кои се правеле и користеле во старо време во овој регион, кога не постоеле никакви продавници ниту понуда на козметика.
Во Крива Паланка има многу старо население кое ги чува алхемиските природни тајни за одржување на хигиена на коса. Решив да ги собирам народните рецепти затоа што сакав да направам балзам за нега на скалпот и на косата. Ја поминав секоја трошна куќа каде живееја старите баби, најдов некои од нив над 100 години, и секоја од нив имаше да каже состојка од својата младост. Сите состојки ги забележував во малиот нотес кои потоа внимателно ги анализирав. Некои тревки е и невозможно да се пронајдат поради промените во климата, но сепак меѓу нив: пресен корен од рен, млад цвет од коприва, кора од ѓумбир и диво нане набрано во моментот пред цутење.
Им верувам на старите умешни жени. Разговарав и со фармацевти, козметичари. Подготвувам home made производ кој е 100% природен, без адитиви и хемикалии, и кој се базира на старата добро чувана рецепта од бабите од Кривопаланечкиот регион. Се работи за сув балзам кој го збогатувам со квалитетни природни органски масла кои ги поврзува сувите состојки во балзам.
Сега го тестирам на моите клиентки кои се бескрајно задоволни и велат дека балзамот не ги пецка ниту иритира. Косата со редовната употреба на балзамот е сјајна, здрава, расте брзо, се згуснува, нема цвет, и не е сува. А скалпот нема перут ниту црвенило, ниту свраби. Балзамот нема мирис ниту одредена боја за да го направи атрактивен.
* Кога ќе може да се проба балзамот?
- Кога ќе дојдете во фризерскиот салон на највисоката надморска висина на светот, во кривопаланечко Белево. Во моментов го користиме само интерно на клиенти кои доаѓаат во Анабела.