Најмногу ми недостасува дружење со мои драги луѓе: Индира Кастратовиќ за Женски магазин

Добивај вести на Viber

Индира Кастратовиќ- една од најдобрите ракометарки, веќе неколку години координатор на помладите тимови во ЖРК “Вардар”, засекогаш запомнета по златната шампионска генерација и освојувањето на титулата во Лига на шампионите 2002 година со “Кометал Ѓорче Петров” како играч, и пласманот на прв фајнал фор во Будимпешта со ЖРК “Вардар” како тренер, во интервју за Женски магазин сподели што прави и како го минува времето во изолација.

Кастратовиќ вели дека времето го поминува квалитетно во домашни и канцелариски услови. 
„Во клубот ги завршуваме тековните административни обврски врзани за клубот. Она што можам да кажам дека е сериозна промена на дневната рутина, се попладневните обврски врзани за тренажните процеси на двете екипи на клубот каде што бев ангажирана како координатор и во таа смисла имав обврска од присуство на тренинзите“. 
Сепак за една динамична и дружељубива личност, признава дека во овие услови нешто што најмногу и недостасува е дружењето со нејзини драги луѓе, другарки и пријателки. „Но од друга страна, оне кои што ме познаваат знаат дека сум непоправлив оптимист, и длабоко сум убедена дека после оваа состојба, работите во брзо време ќе се вратат на состојбата пред вирусот.“


Со одлука на владата, организираните тренинзи на спортистите се прекинати. 
„За жал поради коронавирусот запрени се сите спортски активности на ЖРК ”Вардар”“ - вели Индира, додавајќи дека сега приоритет за вработените во клубот е максимално да ги следат и почитуваат препораките за ограничување на движењето, бидејќи значително е да се сочува здравјето на спортистите и вкупната популација во Македонија.
Меѓутоа екипата има организирани индивидуални тренинзи, изготвени од страна на стручен штаб, раскажува Кастратовиќ, и по пат на комуникација, со соодветна апликација за видео конференција, вели дека тренинзите се одвиваат во новонастаните услови колку што е тоа во можност да се изведе.


Ни раскажа и дека нејзината ќерка Сара, во моментов не е на Флорида каде што се наоѓа нејзиниот факултет - пред да стане посериозна ситуација во САД, добила насоки од менаџментот на универзитетот дека ќе има една недела за одмор после која ќе продолжат со онлајн наставата.

„Тој мини распуст го има искористено за да отпатува кај сестра ми во Бојзи ( држава Ајдахо ) каде беше додека учеше средно училиште. Веќе е навикната да следи предавања и полага испити онлајн. Таму е се' уште во природно опкружување на пошироко семејство, и среќна е и задоволна. Тоа за мене како родител е најбитно.“

Инаку Сара, ќерката на Индира и на Зоран Кастратовиќ не отиде по стапките на своите родители - поранешни ракометари, и реши средното училиште да го заврши во САД.

Кастратовиќ вели дека откако се воведени мерките за изолација, прави вообичаени работи по дома, само во поголем обем: повеќе време поминува во читање, гледање на филмови, вежбање во домашни услови. Вели дека како и секоја друга жена сега повеќе средува по дома, чисти, прередува ормари, „па и готвам ..малку (ха ха ха)“ - додава Индира.
„Покрај тоа, со колеги од тренерската професија сум во постојан контакт со организирани семинари по пат на видео конференции, три пати неделно.“ 

Спортистката на читателките на Женски магазин им порачува два, до три пати во неделата да организираат вежбање во домашни услови, бидејќи сепак е време на конзумирање на можеби поголеми количества храна за разлика од редовните услови, па ако се без идеја, вели таа, можат да најдат одлични тренинзи за цело тело на YouTube, но и да се слушаат почесто со драги луѓе по можност со видео повици.

Бидете здрави, останете дома! - порача за крај Кастратовиќ.


Љ.И