Најтешкото и најболното е да не можеш да ги прегрнеш најмилите: Новогодишно со Адријана Алачки

Годината што измина, иако за повеќето беше една од најлошите, на Адријана Алачки ѝ помогнала да оствари некои цели кои одамна си ги замислила. Пејачката, гастрономски експерт и претседател за здружението „Гастромак“ за Женски магазин раскажува за лошите нешта од 2020 година од кои научила како да ги цени добрите. Една од работите кои тешко ги преживеала се моментите во кои била разделена од семејството.

„ Ги одбројуваме и последните денови од оваа година, која за сите нас беше најтешката година во нашите животи. Умешноста на еден човек е во адаптацијата на настанатата состојба, која не можеме да ја промениме, но има само една работа која можеме, а тоа е да во секое зло го пронајдеме доброто и го наведеме времето да работи за нас, а не ние за него. Сето ова ќе биде едно големо животно искуство, за да разбереме дека сите сме еднакви на овој свет, дека трката по работата не е најважната алка во секојдневието“, ни раскажа Алачки.

Позната како личност која сака многу да патува и да истражува нови култури и гастрономски специјалитети, откако пандемијата ѝ ги скусила патувањата, Адријана вели дека карантинот сепак добро ѝ дошол.

„ Почитувајќи ги законските прописи и дека нема патувања оваа година, како добредојде ми дојде карантинот да го завршам вторто издание на мојот готвач со наслов ,, Вкусот на традицијата,,. За сите мои верни гледачи и следбеници веќе 11 години, ќе им подарам книга која ќе остане во наследство за сите следни генерации. Оваа сега е малку пообемна од првата, со рецензии од познати македонски гастрономи, но и од познати светски имиња као и мишелин ѕвезди кои беа мои гости во Македонија и ја уживаа нашата традиционална кујна. Исто така оваа година не се одржа најголемиот натпревар за гастрономија на Балканот што го организираме токму ние, „Гастромак“. Натпреварот беше онлајн и од национален карактер. Но, затоа веќе е направен проектот за Гастромак 2021 и ќе биде уникатен и поразличен од досегашните, секогаш сме подготвени на изненадувања и едукација на младите готвачи“, вели Адријана и се радува дека нејзиниот заштитен знак, емисијата „Вкусот на традицијата“ и понатаму непречено се одвива во комплексот “Етно село Тимчевски “и така ќе продолжи додека не се отворат границите.

„Верувам дека откажаните патувања на „Вкусот на традицијата“ ќе се реализираат во следната, а тоа се убавите егзотични места како Маурициус, Малдиви и Барселона каде на истите беше договорено и да се направи македонска вечер. Но верувам на реализацијата за следната година со надеж дека од се срце еден ден ќе и кажеме на пандемијата „Чао“, и никогаш да не се повтори“, раскажува Алачки, чија најголема госрдост се ќерката и синот и внуката Јана.

„ Најтешките моменти ми се кога со месеци поради безбедносни причини, не можев да ја видам мојата внука Јана и се разбира и моите деца. Сите живееме посебно и се разбира средбите се толку ретки и со дистанца. Ете токму тоа е најтешкото и најболното, да не можеш да ги прегрнеш најмилите. Во суштината на македонскиот, тоест балканскиот народ е топлината, комуникативноста и искреноста. Секое наше поздравување е со прегратка и бакнежи, но сепак нека е тоа последното што ќе ни недостига. Жалам за сите изгубени животи во текот на оваа пандемија, сочувство до сите семејства и таа болка и загуба никогаш и ништо не може да им ја надоплни. Кога ќе се сетам на тоа, не сакам ниту да слушам за ,, намален профит, пад на економијата итн, сè се надополнува, освен изгубениот живот“, порачува Адријана.

За неа, трпението е единственото решение за сè во животот, и оваа мисла ѝ помогнала да ја надмине и оваа криза во која сите живееме. 

„Трпен, спасен“, вели Алаќки држеќи се до старата народна. .

„ Посакувам да Новата година биде многу поубава, поздрава и побезбедна за сите нас, да останеме здрави и живи со нашите семејства и што поскоро да ја заборавиме оваа голгота.

Нека е среќна Новата 2021, да се молиме на Бога и да бидеме послушни, од нас зависи колку ќе трае ова!“, порачува Адријана.

Милица Џаровска

Фото: Приватна архива