Најубавите песни му ги дадов на Оливер: Џибони специјално за „Женски магазин“

Добивај вести на Viber

Eдна од најголемите музички ѕвезди во регионот, Златан Стипишиќ - Џибони, на 23 декември ќе настапи пред македонската публика на фестивалот All you need is love кој го организира „Авалон продукција“. Зошто Влатко Стефановски е негов најдобар пријател, што мисли за социјалните мрежи и како ја дефинира среќата, докажаниот музичар раскажува специјално за „Женски магазин“.

* All you need is love, како што пееја Битлси, e насловен концертот на кој ќе се претставите на 23 декември во Скопје. Љубов не фали во Вашите песни, напротив ја има во изобилство.  Колку преку Вашите дела се запознавте себеси, а колку другите?

- Моите песни се како отворени писма. Исто како што Вам читателите ви пишуваат во редакција. Така е и во мојот случај. Песните се адресирани до оние луѓе кои можат да почувствуваат за што се работи. Луѓето кои пронашле блискост во моите дела ме познаваат подобро од луѓето кои живеат во мојата зграда. Тоа е 100 проценти вистина!  

* Последен пат бевте во Македонија лани кога имавте заеднички концерт со сега веќе покојниот Оливер Драгојевиќ. Човекот кој ви беше Фамилија, човекот со кој веројатно имате толку  животни приказни и случки што би можеле книга да напишете. Што беше толку магично кај него?

- Морам да ви кажам дека тој концерт во Скопје беше еден од нашите последни заеднички настапи. Мислам дека Оливер Драгојевиќ заедно со Влатко Стефановски се моите најблиски соработници и пријатели. Тоа е пријателство кое повеќекратно го надраснува професионалниот однос. Некои од моите најубави песни му ги дадов на Оливер, а не можам воопшто со зборови да ви опишам колку тој влијаеше на мене и колку направи за мене. Неговото заминување ми остави ненадоместлива празнина.

Џибони и Оливер

* „Миракул“ остана запаметен како еден од најскапите проекти на овие простори. Колку сега е тешко да се собере една таква ѕвездена екипа? Отогаш многу се променија условите во кои творат уметниците..

- На „Фамилија“ работеше истата екипа од „Миракул“. И ману Каче, Пино Паладино и Влатко Стефановски, Миро Тадиќ, гитаристот на Мајкл Џексон и Били Ајдол, Стив Стивенс, двојниот добитник на Греми Серано на усна хармоника.. Мислам дека единствено се промени фокусот на публиката од албуми на мобилни телефони, така да во некој најширок контекст можеби таквите работи малку останаа надвор од хоризонтот. Целата моја екипа и јас и понатаму инсистираме сѐ да биде најдобро што умееме, од почит кон публиката која тоа го разбира.

* Велите дека Вашата музика не е комерцијална, но дека нејзиниот успех е комерцијален. Правите ли компромиси кога создавате музика?

- Не, никогаш. Многу албуми се направени да би биле комерцијални, па доживеале неуспех. Од друга страна, постојат албуми кои луѓето ги работат со максимална посветеност, па им носат успех. Такви примери има, од „Леб и сол“ до Рамбо Амадеус. Ништо од тоа не беше комерцијално, а е многу успешно.

* Во една прилика изјавивте дека не сте фан на информации, туку фан на инспирации. Дали се уште пружите отпор кога се во прашање социјалните мрежи?

- Па, да. Мислам дека вистинските почитувачи на мојот репертоар повеќе ја вреднуваат музиката која ја работам, отколку да ставам фотографија од сарми на Инстаграм, па тоа да го лајкуваат (се смее).

* Како ја дефинирате среќата?

- Среќа е кога ви се на број сите луѓе кои ги сакате. Мислам дека нема ништо поголемо од тоа.

Ѓорге Стојанов