Романтичните приказни на познатите двојки

Иако јавните запросувања веќе подолго време се тренд меѓу познатите на овие простори, сè уште доминираат оние кои наместо за изразување на љубов пред широк аудиториум се одлучуваат за интимен чин. Во продолжение дознајте ги романтичните приказни на водителот Ненад Ѓоргиевски и пејачките Кристина Арнаудова и Елена Петреска

Горана и Ненад Ѓоргиевски

Популарниот водител Ненад Ѓоргиевски сопругата Горана ја запросил на годишнина од нивната врска во еден познат скопски ресторан. Токму таа пред неколку години за магазинот „1Е“ ги сподели впечатоците од романтичниот чин.


- Бев пријатно изненадена од начинот на кој сè беше организирано, одвоена маса преубаво декорирана, но не ни претпоставив што планира. По еден час евоцирање на најинтересните моменти поминати заедно се појави келнерот со главното јадење, но наместо тоа, во месингеното звоно имаше прстен. Следниот момент Ненад беше клекнат пред мене со прашањето „Дали ќе се омажиш за мене“. Секогаш кога се присетувам на тој момент го доживувам како прекрасен сон–раскажа Горана.

Елена Петреска и Андреј Толевски

Познатата пејачка Елена Петреска новогодишниот настап во казино во Гевгелија ќе го памети до крајот на животот. На договорениот настап заминала тажна, со неверување што ѝ се случува, откако три дена претходно со Андреј раскинале.


- Стигнав во хотелот, се пријавив на рецепција и тргнав кон апартманот. Кога ја отворив вратата помислив дека сум влегла во погрешна соба. Имаше многу цвеќиња и свеќи. Музиката во заднина беше песна од „У2“, нашата омилена. Андреј ме чекаше со прстенот. Во тој момент се скаменив. Не знаев како да реагирам. До пред неколку секунди бев уверена дека веќе нема никогаш да бидеме заедно, а следниот момент веќе бев негова свршеница–раскажа Петреска во интервју за „Антена“.

Кристина Арнаудова и Александар Петровски

Невообичаена и исклучително забавна приказна на оваа тема има познатата пејачка, авторка и хуманистка Кристина Арнаудова. Деталите ги сподели со јавноста пред неколку години во интервју за порталот „Брајд“.


- Сè се случи кога кај нас дома дојдоа Александра Пилева и нејзиното тогашно момче, а денес сопруг и ни соопштија дека ќе стапат во брак. Бидејќи тие, за разлика од нас, беа доста кратко време во врска, почнав да се шегувам дека ние изгледа нема никогаш да се земеме, и дека јас не сакам да се мажам. А бидејќи имавме многу испиено, реков, добро еве јас сега одлучувам, ќе го побарам Александар за маж бидејќи ако не го направиме тоа сега, нема никогаш. Тој тогаш ме праша дали сум сериозна, а кога виде дека сум, ми рече да почекам додека да оди до автомобилот. Кога се врати клекна на колена и ме побара со прстен во рака кој го чувал веќе еден месец, чекајќи го вистинскиот момент да ме запроси. Неговиот говор по тој повод толку ме расплака од среќа, што не можев од солзи ниту „ДА“ да кажам. Навистина беше незаборавен момент–раскажа Кристина.

Ѓ. С.