„НАМЕСТИ СИ ГО КРЕВЕТОТ“

Добивај вести на Viber

Сите ние понекогаш сакаме да направиме одредени промени. Но, промените не се случуваат туку така. Како што напишав и во претходната колумна, повеќето луѓе сакаат резултати веднаш и по можност без многу мака, со помош на неверојатни справи, магична формула, волшебен напиток, чудесна диета која откако ќе завршите да ја практикувате ќе остави траен ефект, односно резултатите ќе траат засекогаш!?
МОЖЕТЕ ДА ЗАБОРАВИТЕ НА СЕТО ТОА!!!

Сѐ започнува со КРЕВЕТОТ!

Кога ќе станеме наутро, најпрво треба да ја завршиме оваа многу важна задача, да си го наместиме креветот! Потоа следуваат неколкуте минути посветени за лична хигиена, па кратка утринска гимнастика и туширање. Потоа петнаесетина минути за неколку страници од некоја добра книга и почнуваме со секојдневните работни, училишни или домаќински обврски. Во текот на денот минимум 30-40 минути за тренинг или прошетка во природа. На телото му се потребни воздух, вода, сонце.


Секој ден треба да ви е испланиран. Треба да имате ред во однос на времето на станување, дневните обврски, времето резервирано за физички активности односно рекреација, време за семејството, време за работа на себе (читање книга, гледање едукативни емисии, учење на нови вештини), итн. Треба да имате точно одредено време за будење, легнување, тренинг, главни оброци и ужина. Важен е како квантитетот, така и квалитетот на оброците кои ги внесувате, согласно вашите потреби и цели (намалување на масно ткиво, зголемување мускулна маса или едноставно да се одржувате во фит форма, здрави и витални до 100-тата!

Можеби не сте експерти, можеби имате и личен тренер кој ве води, но сепак, треба да имате основни познавања, да посветите време да се едуцирате во делот на исхраната, здравјето, функционирањето на човечкиот организам. Да спознаете како функционира вашето тело и одговара на одредени режими на исхрана, физички активности, итн.

Мали ситни работи кои ги правиме во текот на денот, секој ден, добри или лоши навики во поглед на исхраната, вежбањето или воопшто режимот на живот, можат да ве однесат во позитивна или во негативна насока како во поглед на спортските резултати, така и во поглед на здравјето. Ако функционирате хаотично и без ред, ќе имате хаотичен живот и исто такво здравје. Исто како руски рулет, ќе се надавате на среќа да ви се погоди животот и здравјето. Или пак ќе одлучите точно да знаете што правите со вашето здравје, со вашата професија, со вашиот живот. Колку тоа го правите за себе, го правите и за оние што најмногу ги сакате и ве сакаат – вашето семејство!

Ако сакаме промени, сако сакаме здрав и квалитетен живот, мораме да ги смениме НАВИКИТЕ и мораме да имаме контрола над својот ЖИВОТ! Прв чекор: По будењето, НАМЕСТЕТЕ СИ ГО КРЕВЕТОТ!


Поради големиот број прашања што сум ги добивал во текот на кариерата, во сферата на спортот,рекреативното вежбање,мотивацијата, исхраната, итн., одлучив да го споделам моето знаење и искуство во колумна и во авторска книга во издание на Просветно дело. Доколку имате дилеми и прашања поврзани со темата истите може да ги пратите на нашите социјални профили, а дел од поставените прашања ќе бидат одговорени во самата книга.

*Авторот, спортист и тренер, проф. Лазар Иванов, креатор на супер ефикасната фит програма ЕКСТРИМ ФИТ, целиот свој живот го посветил на вежбањето и здравјето. Неговите тренинзи досега ги практикувале десетици илјади рекреативци и спортисти. Текстовите се извадок од неговото богато искуство во спортот и спортската рекреација. Текстовите извираат од личните искуства како вежбач-ученик, спортист, тренер кој научил многу од своите ментори, од личните спортски искуства, но секојдневно учи и од своите вежбачи. Тренер кој никогаш нема да прекине да учи и да го пренесува наученото. 

Проф. Лазар Иванов, професионален тренер по Микс Аеробик и Фитнес

Сите права се задржани