Наместо таксират, им станал најголем предизвик: Приказната за Коста Ќука од Битола

Заразната среќа и љубов што Коста ги шири се најсилните антидепресиви. Со него научив да се смеам без причина, да пеам иако не сум музикална и да  направам милион работи за да го усреќам - вели Мирјана Ќука од Битола

Коста Ќука (42), момче со Даунов синдром од Битола,  го запознав случајно пред неколку години. Ме остави без зборови со својата комуникативност и смисол за хумор. Веднаш се понуди да ми го измасира грбот кој ме мачеше веќе со недели.

- Ти си моја сребрена грофица - ми кажа пет минути откако се запознавме.

- Зошто баш сребрена? - го прашав.

- Затоа што светиш како месечина - без двоумење ми одговори.

Поубаво нешто досега никој не ми кажал, си помислив. Потоа дознав дека Коста е голем романтичар, има многу пријатели со кои се слуша по телефон, им пишува стихови и писма, ги советува во некои пресвртни моменти во животот.

Поседува невројата емпатија и интуиција. Речиси секогаш по некоја моја лична криза, се случувало да ми заѕвони телефонот и од другата страна да го чујам познатото - Како си ми грофице? Прво мислев дека е случајност, ама веќе не. Коста едноставно ЗНАЕ кога некој е во неволја.

Неговата мајка Мирјана Ќука, храбра и мошне отворена личност за „Женски магазин“ раскажува за долгото, возбудливо и не секогаш лесно патешествие на нејзиното семејство.  

- По некоја коинциденција, Коста се роди на петок тринаесетти. Бев нестрплива да го видам своето прво дете. Кога ми го покажаа слабото бебе со зајачка уста, веднаш сфатив дека нешто не е во ред.

И покрај тоа што лекарите на отпусната листа напишале „здраво машко дете со мал расцеп на горната усна“, Мира излегла од битолското родилиште скршена и гневна.

- Бев гневна на лекарите,мои пријатели, што молчат, но и на Бога. Се прашував - зошто мене?

Откако по три месеци им ја соопштиле дијагнозата - Дауов синдром, следеле испитувања, објаснувања, кревања раменици.

- Моето првороденче го доживував како немоќно пиленце. Заради устата не можеше да цица, а  беше толку слабо. Не го доживував како дар од Бога, бидејќи сите околу мене го нарекуваа - таксират.

Ќука со болка во гласот раскажува дека по раѓањето на Коста потесното семејство се поделило на табори. Едни ги сожалувале, а други сосема ги игнорирале.

- Тогаш почна и борбата - барање жени да го чуваат Коста додека сум на работа, па барање градинки, логопеди, дефектолози, специјално  училиште..

Основно училиште Коста завршил во специјална паралелка во училиштето „Ѓорги Сугаре“ во Битола. Иако наставниците многу се труделе околу него, најтешкиот дел, сепак, останувал за дома .

- Во недостиг на литература и стручни лица, самата многу работев со него. Сфатив дека меморијата му е добра бидејќи паметеше стотина телефонски броеви, но математиката не одеше никако. Затоа се сконцентрирав на описменување. Тоа  беа часови и денови работа за да се описмени, но и да научи да се облече сам и што е можно повеќе нешта да може сам да ги прави. Бидејќи работев како професор во  средно, ги користев искуствата од педагогијата. Мојот сопруг работеше во смени како царинарник, па можеше да се грижи за Коста додека бев на работа - вели Мира.

Во тоа време немало средно специјално училиште во Битола, а немале храброст да го  пратат Коста во Скопје сам. Поради тоа тој своето средното образование го докомплетираше неодмна, откако се вработи во библиотеката „Св Климент Охридски“ во Битола.

Семејството Ќука веќе 40 години живее во истиот стан во центарот на градот, така што Коста цело време е на Широк сокак каде што сите го познаваат.

- Неговата сестра Ема работи како професор и е полна со нежност и грижа кога се  работи за негоЧесто знае да не критикува и да го брани, а тој ја обожава и  секогаш кога нешто не му успева, се жали кај неа - со насмевка раскажува Мира.

И покрај предрасудите на малата средина, со кои секојдневно се соочувале и на преќутните пораки дека залудно се трудат, тие како семејство за себе поставиле јасна цел - да го изведат Коста на прав пат и тој да стане независна личност.

- Од таксират Коста ми стана предизвик. Се уште не знам дали е тоа генот кој од него направи комуникативна амбициозна личност со огромна желба да се докажува, или помогна и тоа што кон него се однесувавме како кон било кој нормален човек - вели Мира.

Коста покрај тоа што веќе три години е вработен во библиотеката во Битола, има и голем афинитет кон уметноста. Научил да свири на синтисајзер, а пред неколку години со  својот прв мобилен телефопочнал и да фотографира.

- Кога видовме колкава пасија му стана фотографијата, решивме да му купиме фотографски апарат. Во мај 2017 ја имаше својата прва изложба во просториите  на библиотеката. Сево ова како да го стопи мразот и ги скрши предрасудите на луѓето барем во Битола. Сега некако полесно ни приоѓаат и комуницираат со нас.

Последните 15 години Коста интензивно размислува за својата мисија во животот и го прибележува сето она што го доживеал како неправда, за се' што не можел да искаже, а пишува и писма со совети до сите пријатели кои ги сака.

- Почна да пишува и поезија. Нешто запишува, нешто неСтиховите стопати ќе ги смислува и рецитира гласно, додека разговара со некого. Ништо од тоа што напишал не е објавено - додава Мира

Последниве години поради влошувањето на здравјето на неговиот татко, Коста има една сосема нова улога во семејство и најмногу се грижи за него. Тој, како што вели Мира е моторот во смејството кој е секогаш полн со љубов и разбирање.

- Со личност како Коста секој ден е проткаен со тешки, но и радосни моменти. На прашањата од типот - зошто луѓето ме гледат чудно, кога јас ќе се женам, зошто  немам девојка и што е тоа Даунов синдром, тешко наоѓам соодветен одговор. Но од  друга страна, заразната среќа и љубов што тој  ги шири се најсилните антидепресиви. Со него научив да се смеам без причина, да пеам иако не сум музикална и да направам милион работи за да го усреќам. Како ној ја кријам главата во песокот кога мислам на иднината. Се надевам ќе доживеам формирање на некакви  групни домови, бидејќи посакувам тој да старее опкружен со луѓе кои ќе го сакаат колку што го сакам јас!

КАФЕ МУАБЕТ СО КОСТА

* Со која мисла се будиш наутро?

- Наутро станувам среќен и со музика во главата. Си пеам секое сабајле.

* Како ти почнува денот?

- Прво појадувам. Најмногу сакам јуфки. Потоа почнувам да се подготвувам за на работа. И деновите кога беше најстудено - до минус двесет,  одев на работа. Работам од 10 до 14 часот и на работа си врвам преубаво.

 * Што најмногу ти го разубавува животот?

- Одењето на работа ме прави многу среќен... исто и новите познанства со луѓе, потоа дружењето со сите што ги сакам. Најмногу сакам да патувам и да одам во хотели.

 * Како изгледа еден твој работен ден?

- Прво пијам кафе крем со колегите, а потоа чај со Ивана. Ги пречекувам и испраќам сите кои идат во библиотека со насмевка и убав збор. Се грижам за кафематот и кога не работи се јавувам во сервисот и тие идат и ме частат кафе. Одговарам на телефон и се грижам за хигиената пред библиотеката. Времето ми минува убаво. Сите ме сакаат и ме прифатија.

* Зошто ја сакаш Битола?

- Битола е мој роден град и тука ми е убаво затоа што познавам многу луѓе. Кога шетам по Широк Сокак сите ме поздравуваат.

* Што најмногу сакаш да го фотографираш?

- Цвеќиња, зеленило, облаци и моите пријатели.

* Дали си заљубен?

 - Да. Во мојата партнерка од модната ревија во Струмица.

 * Што ти е најголема неостварена желба?

- Да патувам за Австралија каде имам роднина и да одам пак во Скопје, Струмица и Струга.

Мимоза Петревска Георгиева