Наша репортажа: Доколку патувате во Будимпешта, ова место мора да го посетите

Унгарската престолнина, Будимпешта, треба да се посети од повеќе причини. Еден од двата најзначајни градови на австро-унгарската монархија, поседува бројни знаменитости и споменици. За оние кои на листата на посета на места ги имаат зелените оази низ светот, парковите во оваа метропола се незаобиколна точка за посета. Моја препорака е да го посетите Маргарет, островот на Дунав.

Се наоѓа помеѓу Будим и Пешта, долг околу 2,5 км. Најпозната рекреативна зона во Будимпешта со повеќе паркови, градини и туристички атракции меѓу кои: музичката фонтана, јапонската градина со рибникот и егзотичните водопади, англиската градина, бањите Палатинус.. Јас го посетив ова место со велосипед, кој може и да го изнајмите и на островот, но може да го разгледате местото со малото вовче, двојниот велосипед, тротинет, електричниот скутер, редовната автобуска линија.

Кога пристигнав на островот ме пречека зелена оаза, сместена помеѓу двата мостови Арпад и Маргарет. Деклариран како парк бил во 1908-та година.

Една од атракциите (заради кои и одлучив да го посетам островот) е Јапонската градина, место како од бајка, кое ќе ве воодушеви.

Имено, Јапонија е земја со голема традиција, кога е во прашање пејзажното уредување. Тоа се согледува преку уникатните градини преполни со хармонија и енергија, кои денес претставуваат предмет на инспирација дури и на најголемите пејзажни архитекти во светот. Јапонските градини претставуваат дел од природата, оформен како простран пејзаж или на мал простор како минијатура.

За да уживам комплетно во таа убавина, седнав покрај рибникот и уживав гледајќи го водопадот, помеѓу уникатните растенија околу мене.

Овде сте во хармонија со природата, спокој кој го чувствувате само што ќе се доближите до оваа градина. Изградена во 1970 тата година, а реновирана во 2014. Привлекува внимание малиот дрвен мост, патеките околу кои се растенијата стари и по еден век.

Тука ќе се воодушевите со бамбусите, јапонските растенија, чемпресите, карактеристичните лотусови листови.

Останати атракции

После Јапонската градина, тука е и кулата која снабдува со вода, остатоците од фрањевачката црква, како и доминиканскиот манастир, во кој престојувала Маргарет.

Уште едно место кое ќе ве воодушеви и е идеално доколку сакате да ги искористите топлите сончеви денови лежејќи на тревата и читајќи книга, е Англиската градина, огромна тревна површина создадена за релаксирање.

Не можете да ја заобиколите ниту Градината на ружите, во која ќе бидете привлечени од прекрасниот мирис на различните видови на ружи, а ќе се чувствувате како да сте дел од приказната на Алиса од земјата на чудата и совршената градина на рози.

Шетајќи низ островот ќе ја видите Музичката фонтана, од која се пуштаат композициите на Вивалди, Андреа Бочели, но и Ролинг Стоунс и други.

Водата во вис достигнува висина од 25 метри, а во текот на вечерните часови претставува светлосна атракција.

Во близина на мостот Арпад, се наоѓа фонтаната Бодор, репродукција на онаа во Таргу Мурес , Романија, со малата статуа на Нептун, изградена во 1936.

Музичката фонтана и Водената кула се дел од светското културно наследство на УНЕСКО.

На островот се наоѓаат и многубројни спортски објекти, два хотели, мала зоолошка градина.

Во летниот период ова е местото каде се одржуваат претстави и концерти во Театарот на отворено, со капацитет на посетители 3500. Имено тука се одржува и летниот фестивал во Будимпешта посветен на културните настани.

Шетајќи низ зелената оаза, ќе поминете покрај Алејата на писателите, уметниците и музичарите,  (Művész-sétány), со дрва стари и до неколку илјади.

Покрај овие содржини, островот изобилува со патеки за велосипеди и трчање.

Доколку барате мир и одмор во природа, токму една од овие градини на островот Маргарет, се и повеќе од доволни.

The Guardian го опиша осторовот како „Зелениот рај на унгарската престолнина, фантастична скриена оаза и место кое мора да се посети“.

Во оваа препорака се приклучуваме и ние, а за крај уживајте во уште неколку фотографии од Зелената оаза на Будимпешта.

Неда Маретиќ

Во продолжение прочитајте ја и нашата специјална репортажа од Анталија.