Наша тема: Каде исчезнаа новогодишните честитки?

Дали се` уште праќате новогодишни честитки? Онакви стари добри честитки од хартија со зимски мотиви, по некоја светка, без кои до неодамна не можевме да ги замислиме новогодишните и божиќните празници?

Новогодишните картички со децении наназад се испраќаа како поздрав на драгите личности со најубави желби за наредната година. На нив најчесто беше прикажана елка, снег, зимзелени шуми, Дедо Мраз, санки, ирваси, но знаеше да се провлече и по некоја секси дама со шампањ или фотографија од планиски зимски пејзаж.

Во последно време се` почесто станува испраќањето на персонализирани честитки – со фотографија од членовите на семејството, проследена со порака со најубави желби, кои се особено популарни  во англосаксонските земји.

Низ годините  картичките го менуваа својот изглед за да на крајот целосно замрат или бидат заменети со електронски честитки.

-Порано имаше новогодишни честитки што ја отвораа вратата на зимските волшепства.За мене тоа беа оние руските со Сњегурачка и Дед Мароз што се возат на облаци од љубов и носат радости на сите. Има нешто чудесно во белината на зимата и снегот кој доаѓа од некоја замислена небеска земја на среќата. Студенилото ги обединува луѓето околу огнот чие потпукнување ги поттикнува приказните – вели Светлана Камџијаш, писател и професор по философија на педагошкиот факултет Св. Климент Охридски во Скопје.


Таа додава дека последната честитка ја добила по електронски пат. Не верува дека луѓето ќе ѝ се вратат на навиката на испраќање на убави желби преку естетизираните честитки.

-Мислам дека обновувањето на честитките може да биде неблагодарно заради преплавеноста од кичот и леснотијата со која тие може да се создадат со новите технологии. За жал, исто како што во божиќните приказни и филмови недостасуваат вистинските добри дела кои се срцето на овие празници, така вистинската магија може да ја постигне само изворниот, уметнички пристап кон честитките. Малкумина се сеќаваат дека во минатото постојеа картички со мотиви од старите македонски сликарски мајстори: Мартиновски, Личеновски, Пандилов. Ова беше одличен начин преку една убава традиција да се популаризира македонското сликарство и честитката да биде оригинална и запаметена. За жал, нив веќе ги нема да се купат – вели Камџијаш.


Првата честитка

Првите честитки за Нова година и Божиќ се појавиле во Англија за да се охрабрат обичните луѓе во што поголем број да ги користат поштенските услуги што тогаш биле во зачеток. Првата честитка е направена во дамнешната 1843 година. Тогаш новогодишните честитки не им биле достапни на сите. Тиражот на оваа честитка бил околу 1000 парчиња, а денес од нив се сочувани само12 примероци.

Класичната продажба на новогодишни честитки започнала неколку години подоцна. Старите честитки имале шарена слика во средината, која обично прикажувала среќно и насмеано семејство како ужива во празничната трпеза. Текстот на честитките бил едноставен и јасен а честопати се користи и денес: „Среќни новогодишни и божиќни празници!“


Кои се најубавите напишани  желби?

Со одумирањето на картичките - и убавите желби напишани со краснопис и многу топлина полека стануваат заборавена традиција. Денес тие речиси целосно се заменети со стерилна репродуцирана порака на електронските честитки.За среќа се уште постојат исклучоци, кога  напишаниот  текст ви буди убави емоции и ве наведува да се насмевнувате и да му се радувате на мигот.

Еве дел од најубавите и најискричавите текстови напишани од познати личности за новогодишните и божиќни празници:

„Бидете во војна со своите пороци, во мир со своите соседи и секоја нова година бидете подобар човек отколку што сте биле претходно“ - Бенџамин Франклин, еден од творците на американската Декларација за независност

„Вашиот упех и среќа лежат во вас. Одлучете да бидете среќни и вашата радост и вие ќе бидете непобедлив тим пред тешкотиите“ - Хелен Келер, американска писателка

Денот по Нова Година... Сега е време да направиме годишни добри одлуки, Следната недела можете да почнете да го поплочувате патот до пеколот, како и обично“ - Марк Твен, британски писател


„Учете од вчерашниот ден, живејте денес, надевајте се на утрешниот ден“ - Алберт Ајнштајн, физичар

„Секојпат кога ќе отцепите лист на календарот, отварате ново место за нови идеи и напредок“Чарлс Кетеринг, американски пронаоѓач

„Утре ќе се отвори првата празна страница на книгата од 365 страни. Напишете добра книга“- Бред Пејсли, американски музичар  

„Нека новата  година ти донесе можност да ги оствариш своите сништа, да ја откриеш својата сила, да завладееш со својата волја и одново да уживаш во едноставните  задоволства што ќе ти ги донесе животот“ – непознат автор.

Можеби дел од овие пораки ќе ве мотивираат повторно да посегнете по новогодишните картички, да ја разбудите својата креативност и згреете нечие срце.

М.П.Г