Нашиот син не дозволува дијабетесот да му застане на патот: Бисерка и Ѓорги за борбата со состојбата на Калин

Добивај вести на Viber

Бисерка и Ѓорѓи Конески се родители на 15-годишниот Калин кој живее со дијабетес тип 1, веќе 5 години. Тие искрено ја споделија приказната како Калин се справувува со ова заболување, но и борбата од родителската перспектива со бројните предизвици за целото семејство, бидејќи како што велат: „Дијабетесот не е трка на сто метри туку маратон.“

Дијагностицирањето на дијабетес тип 1 кај десетгодишниот Калин, без семејна историја за таа болест, ги шокирало сите.

„За состојбата на синот дознавме пред нешто повеќе од 5 години. Калин беше на зимување со своите соученици во Крушево и за време на престојот се јавуваше и не звучеше расположено, што особено нѐ зачуди, но воопшто не бевме свесни за што се работи. По 5 дена се врати, видно физички ослабнат, со сува кожа на лицето и очи кои зборуваа дека нешто навистина не е во ред. Ни требаа 2 дена да откриеме за што се работи, никому не му беше дијабетесот прва асоцијација. За среќа не талкавме долго, но информацијата беше огромен шок и во неверување се упативме кон одделот за ендокринологија на Клиниката за детски болести.“ – се присетува Бисерка на хаосот од страв и неверување што им царувал во мислите тие први моменти на сознание.

За среќа, двајцата родители по природа се оптимисти и истражувачи, па веднаш презеле акција, читале, се информирале за состојбата и се прилагодувале. 

„Го нападнавме интернет просторот во обид да пронајдеме одговори, и за наша среќа наидовме на голем број на луѓе подготвени да помогнат со совет, зборови на утеха и слично. Лесно најдовме и многу ресурси, како описи на технологии кои го олеснуваат контролирањето на дијабетесот, и исто толку важно, мноштво рецепти за исклучително вкусна храна со мал број на јаглехидрати. Утврдивме дека дијабетесот диктира сопствен режим на живеење и во таа насока променивме некои навики. Воведовме исхрана со ограничен број на јаглехидрати за целото семејство, и редовни физички активности.

Калин веројатно се храни поздраво од повеќето негови врсници, и физички е активен, па на дијабетесот може, донекаде, да му се припише заслугата за овој поздрав начин на растење.“ – раскажува Ѓорѓи.

Според родителите, најважна била одлуката целосно да ја прифатат новонастанатата состојба и да не дозволат да биде пречка за Калин да има нормално детство и да ги доживее сите искуства како и неговите врсници. Другарчињата од училиште многу заинтересирано ги примале сите информации затоа што родителите решиле да споделуваат и отворено да зборуваат со сите.

„Беше прекрасно да се види како лесно ја прифаќаат „различноста” на таа возраст.“ – вели Бисерка. 

Зошто баш јас?

Ова е веројатно најтешкото прашање што еден родител во ваква ситуација треба да го одговори. Калин на почетокот и не сфаќал што точно значи таквата состојба и дека е тоа засекогаш, но подоцна разбрал зошто е важно редовното мерење и конторола на гликемијата, како и дисциплинирана исхрана, така што денеска неговите родители се горди што тој не дозволува дијабетесот да му застане на патот.

„За нас како родители најтешко од сѐ беше да му се објасни на дете од 10 години дека дијабетесот не е настинка и дека нема да помине, туку ќе остане засекогаш – самиот праша веднаш по враќањето од болница. Немавме задоволителен одговор за прашањето „Зошто баш јас?“. Дававме примери за тоа дека секој се соочува со некаков предизвик во животот. “ – раскажува Ѓорѓи за првите денови по дијагнозата, кога морале да бидат силни и за себе и за Калин.

„Му кажавме за дијагнозата додека престојуваше во болница. Во прво време не постоеше отпор затоа што веројатно тој и не разбираше што претставува дијабетесот и какви жртви ќе бара понатаму во животот. Промената во исхраната ја прифати исклучително лесно, исто како и потребата за редовно контролирање на гликемијата. Нешто подоцна беше видливо дека му пречи редовното мерење, па и до ден денес има денови во кои сака да заборави на дијабетесот и да помине ден без да мора да знае каква е гликемијата и колку инсулин ќе му биде потребен. - дополнува Бисерка. 

Денес Калин функционира како што би посакал секој родител. Исполнителен, вреден, посветен, со свои хобија и интереси, со идеи и погледи на животот од кои зрачи оптимизам. Покрај големата поддршка која ја има од своето семејство, Калин добива безрезервна и искрена поддршка и од сите свои другари и другарки во училиште, која секако многу му значи. Во неговото семејство често се разговара за теми поврзани со дијабетесот дури и неговиот помал брат кој има осум години, веќе ги разбира работите.

„Целото семејство исфрливме шеќер и сокови од секојдневието, готвиме храна која е богата со протеини и масти, охрабруваме спортување, особено пливањето кое фантастично помага во регулирањето на гликемијата. Но дозволуваме и да уживаме во крофни, сладолед или хамбургер, особено кога сме покрај вода и полесно се “трошат” јаглехидратите. Сепак, дијабетесот не е трка на сто метри, туку маратон.“ – истакнува Бисерка. 

Фактот дека живееме во модерното време во кое брзиот развој на технологијата во медицината и дигитализацијата во огромна мера им го олеснуваат животот и овозможуваат луѓето со дијабетес многу поедноставно да ја менаџираат својата состојба.

„Како што споменав, уште веднаш по дијагнозата многу истражувавме и се едуциравме.“ – вели Ѓорѓи -  „Уште од самиот почеток Калин користи сензор за безболно следење гликемија, а денес на располагање се и најмодерните мерачи на гликемијата – глукометри кои работат онлајн, односно на далечина. Покрај овие современи комерцијални технологии, тука се и бројни бесплатни „open source“ технологии, односно софтвери за менаџирање на дијабетесот, кои се креирани од луѓе со дијабетес и наменети за луѓе со дијабетес, со решенија базирани на лични искуства и доведени скоро до перфекција. Тие помагаат дијабетесот, и покрај тоа што е тука да остане, да си го добива должното внимание, но да не претставува пречка во животот.“ – оптимистички заклучуваат родителите на Калин. 


Фото: Приватна архива