Доколку не можете да се пронајдете во тренди парче, вратете се на класиката : Наталија Ѓорѓиеска за стилот, трендовите и Fashion Group

Добивај вести на Viber

Наталија Ѓорѓиеска веќе цела деценија е дел од успешниот тим на Fashion Group и е пример дека човек кој е посветен, оддан и вљубен во тоа што го работи, може да просперира од асистент за продажба до Оперативен Менаџер. Во приватниот живот е посветена мајка и сопруга.

Наталија себе си се опишува како филантроп, а модата како начин на изразување на чувствата кои што ги носиме во себе. За Женски Магазин, открива детали за своето работно секојдневие, како и за актуелните модни трендови.

* Мото кое Ве води низ животот.

- Моја најголема мотивација е поддршката која секојдневно и безусловно ја добивам од моите најблиски и тоа што за моето отсуство од домот имаат големо разбирање поради извршување на работните обрски кои за мене се подеднакво приоритетни колку и семејството.

* Кажете ни нешто повеќе за Вашeто работно место во Fashion Group.

- Fashion Group е најголемата фешн компанија во регионот под чие закрило се повеќе од 30 светски брендови.

Моето работно место во Fashion Group, односно позицијата Оперативен Менаџер опфаќа повеќе сфери. Менаџментот, оперативата и комерцијата се трите главни сегменти кои се во моја надлежност. Но, секојдневната гружа за целокупното функционирање на продавниците, како и вработените се можеби и најважните мои задолженија на кои им посветувам навистина посебно внимание.

Личност сум која сака да работи во тим, од причина што верувам дека тимската работа секогаш вродува позитивни резултати. Среќна сум и покрај тоа што компанијата се состои од повеќе оддели, сите функционираме синхронизирано и колегијалноста е една од нашите доблести.

* Зошто ја сакате модата, што претставува модата за Вас?

- Одговорот е можеби клише, но уште од мала посакував еден ден да станам моден дизајнер. Во слободно време откако ќе се вратев од училиште имав желба да цртам и најчесто цртав модели облечени во креации кои што денес ми се есенцијални и имаат голем удел во мојата селекција.

За мене модата е начин на изразување на чувствата кои што ги носиме во себе.

Денес, модната индустрија е мојата примарна дејност и на некој начин мојот сон да станам моден дизајнер и можеби не се исполни до крај, но самата помисла дека сум дел од овој свет е моја денешна реалност во која сите мои идеи имам можност да ги искажам во повеќе сфери и тоа е она што најмногу ме исполнува.

Во модата нема правила, сите ние сме дел од тој свет, светот на модата!

* Како би го дефинирале Вашиот стил на облекување и како брендовите од Fashion Group влијаат или пак го надополнуваат истиот ?

- Брендовите кои ги застапуваме ние како компанија секако дека го надополнуваат мојот стил на облекување. И покрај тоа што можеби се пронаоѓам во дел од брендовите и мојот стил на облекување е веќе изграден, „пооткачените” парчиња понекогаш ми се предизвик да ги носам и да се видам себе си во друго модно издание.

* Омилено парче облека? Во што се чувствувате најудобно?

- Отсекогаш ми се допаѓал стилот на Кејт Мидлтон, односно стилот на кралските семејства проследен со елеганција.

Сите парчиња гардероба кои ги поседувам се едноставни и најчесто еднобојни со едноставни кројки со кои правењето комбинации е полесно. Како велат „Врвноста е во едноставноста” , така да дури и со покласично парче, вашата сексипилност може да излезе на површина.

* Кои безвременски парчиња мора да се наоѓаат во гардероберот на една жена?

- Секогаш црн фустан.

* Какви модни трендови треба да се следат ова лето 2022-та година, што е актуелно?

- Оваа сезона доста популарни се црвената, виолетова, сина, зелена и портокаловата боја. Меѓу „MUST HAVE“ парчиња издвојувам: „overshirt“ , мини здолниште и чевли на платформа.

* Ваш предлог чанта за оваа сезона?

- „Multiway“ чанта за секоја пригода.

* Кој е тренд број еден костим за капење ова лето?

- Едноделените костими за капење.

* Како дама која што изгледа модерно и во след со трендовите кои се Вашите предлози за нашите читателки ? Што мора да имааат, какви грешки не смеат да направат?

- Следете ги модните трендови и носете ги до степен додека ви прилегаат. Доколку не можете да се пронајдете во ниедно тренди парче, секогаш можете да се вратите на класиката.


*Д.Караташова Илиоска