Наташа Мерсовска открива која личност ѝ е еден вид освестување да погледнеш околу себе и да сфатиш колку си среќен

Добивај вести на Viber

Денот на новинарката Наташа Мерсовска од Сител телевизија ѝ почнува со утринско кафе, кое го подготвува сопругот Александар. Стануваат пред 7 часот, време кое е резервирано само за нив - да разменат планови и да ги споделат дневните обврски. 

- Потоа ја подготвувам ќерката Каја за на училиште. Неа ја носи сопругот, затоа што моето работно време започнува подоцна, околу 10 часот. Остатокот од кафето го допивам кога ќе ги испратам, на раат. Потоа почнуваат работните обврски, колегиум со колегите, разменување идеи, договарање кој што ќе работи. Последниве години во редакцијата имаме многу млади новинари, полни со ентузијазам и желба за напредок во кариерата, така што во Сител владее една позитивна, пријатна атмосфера. Сепак, кога ќе се вратам на моите почетоци, пред точно 20 години, како сѐ да беше поинаку. Функциониравме како семејство, се дружевме и после работните обврски. Поискусните новинари и уредници работеа со нас, несебично споделуваа како подобро да се напише еден текст, на колегиумите дебатиравме и договараме кои теми треба да се обработат, што најмногу ги интересира граѓаните, како да им помогнеме, баравме одговори и ги потсетувавме политичарите зошто не исполниле некое ветување и сличо. Тогаш имаше поинакви стандарди, можеби дека беа присутни повеќе електронски и печатени медиуми, па постоеше натпревар меѓу телевизиите, која да има поатрактивни вести. Денеска времињата се сменија, а ние мора да се прилагодиме на нив. – вели Мерсовска и надополнува дека приоритетите во животот целосно ѝ се промениле по раѓањето на ќерката. 

- Во минатото после работа едвај чекав да одам на кафе или ручек со пријателите, сега брзам да стигнам дома. Каја оваа година е прваче, па вежбаме математика и учиме читање и пишување. После следува релаксација со „Не лути се човече“, кое мислеше дека се вика НАЛУТИ СЕ и редовно плачеше кога коцките не ѝ беа наклонети, но конечно сфати дека и да изгубиш е во ред, дека мора да бидеш подготвен и за порази во животот. За жал, живееме во време кога булинзите, ширењето говор на омраза преку социјални медиуми и разно разни Тик Ток предизвици се секојдневие, па се трудам од мала да ја научам на вистинските вредности, да ги прифаќа различностите, да помага неместо да исмејува, едноставно да биде човек, добар човек. Сметам дека сѐ доаѓа од дома, а на улица се однесуваш онака како што те воспитале дома. Училиштето е да те описмени, кругот на пријатели го бираш сам, а за останатотото задолжени се родителите. – посочува новинарката. 

Нема ден да не ја прочита колумната и поезијата на Ана Бунтеска. Таа ѝ е вистинска мотивација за животот, за љубовта, за почитта, за болката, загубата, страдањето, за сѐ она што секој од нас го поминал во некој период. 

- Ана ми е еден вид освестување, да погледнеш околу себе и да сфатиш колку си среќен. Затоа што си здрав, што имаш среќно семејство, вистински пријатели, па и сите оние ситни и не баш толку важни работи, почнуваш повеќе да ги цениш. Оваа недела на гости ми е сестра ми Ирена, која живее во Словенија и честопати споредуваме како се живее таму, а како е кај нас. Се прашувам, каде грешиме како народ? Зошто дозволивме да тапкаме во место сите овие години, зошто ни е образованието и здравството вакво како што е, зошто ни е трул цел систем? Зарем не можеме да научиме нешто и од подобрите земји од нас? Каде е одговорноста за сите овие назадувања, во секој поглед? Во Словенија пациенти во болници се над 80 годишна возраст, кај нас млади умираат по ходници, шетајќи се од една до друга клиника, без лекови, без стручен кадар што ќе им одреди точна дијагноза, со исклучок на поединици, без одговорност. Сепак, надежта е таа што последна умира, на сите нас што останавме овде, па да се надеваме дека ќе биде подобро, барем за следните генерации. – вели Мерсовска. 

После работните обврски, крајот на денот ѝ е резервиран за семејството.

- Или играме некоја друштвена игра или гледаме филм. Викендите ги поминуваме да се видиме со пријателите или да отпатуваме некаде, да дишеме чист воздух, да наполниме батерии, пред стартот на новата работна недела. Ниту еден филм не може да замени добра книга. Читам секогаш кога ќе најдам време, читам сѐ што ќе ми дојде на дофат. Се трудам наместо телефон, во рака да држам книга. Сама така ќе му дадам пример на сопственото дете дека зборовите, а не клиповите, се тие што освојуваат, воздигнуваат, восхитуваат, охрабруваат. Лажните вредности и идеализирање, кое се пласира на социјалните медиуми, се надевам дека за скоро нема да бидат во мода. – заклучува новинарката. 

С.А.Н