Не, не доцнеше на работа: Кој е Дамјан Гроздановски и зошто во костум трчаше на „Скопскиот маратон“?
Пред извесно време јавноста го запозна накратко, а ние решивме да ве запознаеме малку повеќе со Дамјан Гроздановски - момчето кое го украде вниманието на „Скопскиот маратон 2022“.
Гроздановски е маратонецот кој трчаше во костим и изгледаше како да доцни на работа. Но, не, не доцнеше на работа.
Всушност, Дамјан Гроздановски долета директно од Брисел за маратонот во Скопје и како што вели, бидејќи почувствувал дека го постигнал физичкиот максимум како рекреативец во трчањето, одлучил дека е вистинско време за нешто необично и забавно.
Така дошол на идеја да трча во костим што инаку е посебна категорија во Гинисовата книга на рекорди.
Со овој потег тој успеа да измами многу насмевки, а низ целата патека добиваше бодрење и пофалби.
фото:instagram/grozdanovski_dПа, кој е Дамјан Гроздановски, зошто долета на еден ден од Брисел, и какво е чувството да се трча во костим, дознаваме во редовите подолу.
Долетавте од Брисел за маратонот. Што ве мотивираше?
- Сметам дека масовните трки како „Скопскиот маратон“ се исклучително убави настани, бидејќи на едно место се собрани голем број луѓе, кои посветиле време и енергија во претходните месеци/години за да се надминат себеси на овој настан. „Скопскиот маратон“, секако, има посебно значење за мене, бидејќи е организиран од наши луѓе, во нашата земја и град. Сум учествувал на голем број маратони низ Европа и навистина организацијата на нашиот маратон е рамо до рамо со најпознатите маратони, кои имаат далеку поголем буџет.
- Околу идејата за трчање во одело, одамна видов статија околу ова (всушност трчање во одело е посебна категорија во Гинисовата книга на рекорди), а пред две години почувствував дека го постигнав физичкиот максимум како рекреативец во трчањето, па одлучив дека е вистинско време за нешто необично и забавно. Искрено, овој полумаратон беше еден од ретките каде немав некоја посебна цел. Се пријавив за забава, бидејќи ми изледаше како интересен подвиг. На претходните трки сум поддржувал различни цели, како што се поддршка за одредени болести или промовирање вредности, или, пак, сум имал лична цел за постигнување одреден резултат, но овојпат беше чисто за забава. За волја на вистината, овој пат привлеков најголемо внимание. Во секој случај, и забавата е важен елемент во животот и очигледно дека луѓето сакаат забавни работи.
- Не би рекол дека е непријатно да се трча во костум, но во секој случај, попријатно е да се трча во спортска облека. Искрено очекував да биде доста потешко отколку што беше, единствен поголем проблем ми беше дехидратацијата поради зголемената температура и потење, но тоа се надоместува со подолги и почести паузи за вода и електролити. Од друга страна, низ целата патека од многу луѓе добивав бодрење и насмевки, што секако е убаво чувство. Сѐ на сѐ, мислам дека изгубив од 3 до 6 минути во време поради оделото, што реално не ми значат многу како рекреативец.
Дали под костумот носевте нешто?
- Под кошулата не носев ништо, а под панталоните вообичаеното :)
Како завршивте на маратонот, дали имавте проблем со оглед на вашата облека?
- Немав буквално никакви проблеми, освен блага дехидратација. Очекував да имам иритација барем околу вратот кај вратоврската и кај каишот, нo за среќа немаше ништо
Каков е животот во Брисел, што работите, како ве наведе патот таму?
- Во Брисел се преселив на крајот на септември 2021 година, бидејќи бев избран за пракса во Европската комисија, каде што сега работам како правник. Најголема предност на градот е тоа што има луѓе од цел свет, кои работат за некоја од меѓународните организации. Од другите аспекти, градот не е ништо посебен, освен во декември за Божиќ кога надлежните навистина се трудат да заблеска. Бидејќи организирам планинарења низ Белгија, ги имам посетено скоро сите градови во земјата, и кога ќе размислам, Брисел е еден од понеубавите градови. Во главно, ми се допаѓа животот и работата тука, но би се вратил назад во Македонија во првиот момент кога нема да ми се укаже убава прилика во Брисел, или ќе ми се укаже подобра можност во Македонија.
Љ.И