НЕ ПРИФАЌАМ ПОРАЗ БЕЗ БОРБА

Добивај вести на Viber

Колку често се чувствувате како полна чаша на која ѝ фали само една капка за да прсне или да се прелее? Особено во корона-криза?! Животот ни се промени радикално! Промената дојде преку ноќ и нè фати неподготвени за новите животни навики. Психолозите нè уверуваат дека стравот, стресот, неизвесноста и анксиозноста со кои се соочуваме се составен дел од спектарот на нашите емоционални состојби. Некои од нас полесно се адаптираат на промени, некои тврдокорно се држат за своите усвоени животни патерни. Но, да ве потсетам дека не преживуваат најсилните, туку оние кои најдобро се адаптираат на промените.

Недела наутро. Време на корона. Се прашувам дали да повикам на дружба со маски... Моите пријателки се прилично внимателни, исто како и јас, не сме се виделе одамна. Но, доброволната самоизолација не е добро сценарио, не особено за недела. Кревам телефон да се јавам кај пријателките. Ова „кревам“ ми е останато од времето кога сите дома имавме фиксни телефони, статично поставени, со слушалка што треба да се крене. Од времето кога го влечевме кабелот од телефонот низ дома, за да се скриеме во бањата што претставуваше телефонска говорница, убедени дека нашите романтични лигавења не се слушаат преку затворените врати. На милениумците ова не им е „ин“, но јас сум од генерацијата која ги „фати“ фиксните телефони пред да влезат во историјата.

Вртам кај мојата најдобра другарка да ја викнам да излеземе „на кафе“ во парк, на отворено (кога излегуваме „на кафе“ никогаш не пиеме кафе, таа пие пиво, а јас сок од цеден портокал). Ми се јавува со глас кој ѕвони од безнадежност. „Ајде, мрдај“, ѝ велам. „Ќе си помуабетиме, ќе смениме малку атмосфера“. – „Нема шанси, останувам в кревет, некако сум меланхолична денес“, ми одговара. Ѕвонам кај следната другарка. Одговорот што го добивам е следниов: „Сакам да излезам, ама ако дојдеш со кран да ме кренеш од дома. Откако почна пандемијава немам мотив за ништо“. За да биде уште почудно и третата моја другарка ми го дава следново образложение.  „Ах... многу би сакала, но, за жал, нема да можам. Децата прават хаос дома, цел ден ќе чистам, нервозна сум, јадам живи луѓе“.

По кусо размислување, седнав да пишувам. Мислата ми тргна од прашањето - како ние самите, со нашата ментална сила и со фреквенцијата на која ќе се наштелуваме, би можеле да си помогнеме во овие тензични денови? Како да им дадеме боја на нашите денови? Тагата е убава. Знае да е прочистувачка. Ама не кога трае предолго...

Се сетив на ПМС. Не на предменструалниот синдром кај жените, кој природно, биолошки  нè прави раздразливи и нервозни, буричкајќи ги нашите хормони до даска, туку ПМС како скратеница за „позитивен ментален став“. На видеорекордерот в глава прва ми влета добро позната фраза на Брус Ли: „Знаењето не е доволно, ние мораме да применуваме. Сакањето не е доволно, ние мораме да правиме“. Да ми кажеше некој дека некогаш ќе го цитирам Брус Ли, ќе му се насмеев в лице со скепса. Меѓу моите идоли, ала Бурдје, Бодријар... на буквата Б стигна и Брус Ли (се смее). Но, оваа мисла совршено ме потсети дека она што теоретски го знаеме е една работа, а сосема друга е дали успеваме да го примениме. Сум читала многу книги за Законот на привлекување добро познат како „Low of Attraction“ и некои ми биле инспиративни, некои плитки и наивни. Сепак, теоријата на позитивното размислување е клучна за секоја борба. Па дури и во оваа приказна...

Човековата природа има четири димензии – телото, умот, срцето и духот. Клучното прашање е како да успееме да ги координираме сите четири во исто време?  Како да ја контролираме мислата која ѝ дава инструкција на емоцијата, за емоцијата потоа да предизвика физиолошка реакција во телото? Ако секоја мисла има своја емоција, а емоцијата има своја физиологија, тогаш веројатно ние можеме да мислиме за сопственото размислување. Дали? Дали на тој начин би можеле да ги превенираме лошите емоции, превенирајќи ги, пред сè, лошите мисли? Колку контрола имаме над мислите? И дали нашето его нè спречува да се одвоиме од нив? Често го слушаме тоа дека на луѓето не им се потребни само аспирин и фластер, туку потребни им се суштински промени. А, од каде почнуваат промените ако не од нас самите?!

Ова добро го дефинирал Фергусон, велејќи дека никој никого не може да го убеди да се промени и дека секој од нас ја содржи капијата на промената што се отвора само однатре. Со овој текст ни јас не би можела никого да убедам да се промени, но би сакала да инспирирам. Да поттикнам размислување што е надвор од кутијата. Да испровоцирам дискусија за тоа дали можеме да им се спротивставиме на лошите денови со својата ментална снага? Колку ќе се предадеме на лелекање, а колку ќе се бориме? Но, да се разбереме, под лелекање не подразбирам основано жалење за реални лоши состојби, туку подразбирам играње на картата на летаргијата и дефетизмот и кога треба и кога не треба. Дефетизмот е прифаќање пораз без борба!

Силно сум убедена дека за тоа што нè мачи мора да се разговара отворено, и доколку проблемите и состојбите се серизони, тогаш потребна е стручна психолошка помош. Но, кога станува збор за привремена тага, рамнодушност или нервоза... тогаш потребна е сопствена иницијатива на проблемите да почнеме да гледаме како на предизвици, а не како на мртви точки од кои нема бегање. Постојат две различни парадигми на гледање на работите – ќе излезам и ќе се борам или ќе останам и ќе се закотвам во проблемот.  Алберт Ајнштајн рекол: „Значајните проблеми со кои се соочуваме не можат да се решат на исто ниво на размислување на кое сме биле кога сме ги создале“. Мораме да се менуваме, а тоа значи да ги менуваме и начините како им приоѓаме на болките, на проблемите и на поразите.

Не случајно го употребив терминот парадигма. Сакав само да потсетам дека начинот како гледаме на нештата, или од кој агол, всушност е начинот според којшто се однесуваме. И ако на ова го додадеме она дека „ние сме она што чувствуваме“, тогаш едноставно е - за да бидеме добри, треба да се чувствуваме добро. Затоа ми е важно да ве потсетам на неговото величество ПМС (позитивен ментален став). Ако треба да го нацртам, тој би бил дреч розов. Вришти од боја! Повикува на акција! Турка од мртва точка!

Би сакала да можам така „розово“ да се чувствувам што почесто. Тоа не е она традиционално, стереотипно розово, спакувано во лажниот, светкав целофан на леснотијата со која навидум жените гледаат на светот. Ова е едно ново модерно розово кое во себе ги содржи сите најанси на животот. Моќно и инклузивно! Новото розово кое не се плаши да биде храбро и да блеска, и во исто врема да ја покаже женската нежност, кршливост и ранливост. Новото розово кое е полно со емпатија и солидарност, а во исто време доволно свесно и критично кон сите неправди на човештвото. Тоа е новото розово кое ги прави жените активни субјекти, наместо пасивни Барби кукли. Креаторки на сопствениот живот! Борки!

Тоа розово ти дава воља да ставиш кармин кога меланхолијата сака да ти фрли сенка врз ликот. Не ти дава лесно да им се предадеш на апатијата и безнадежноста. Не дозволува да се чувствуваш како штрафче во машинеријата кое ништо не може да промени. Напротив, ти дава ментална снага да се насочиш кон принципот: „Јас сум движечката и креативната сила во сопствениот живот“. Кога на нашите денови им даваме боја, ние всушност си даваме надеж. Кога на нашите образи ќе ставиме руменило, ние си ја враќаме желбата да го зграпчиме денот. Ви текнува ли на филозофијата Carpediem? Епа, драги мои, таа фраза „Зграпчи го денот“ од поемата на Хорациј вришти розово!

А за да дадеме храбар одговор на ситуациите во животот, потребно е да ги побараме ресурсите кои ги имаме во нас.Ресурсите се знаењата, вештините и искуствата на личноста во даден момент. Ресурсите се градат низ текот на целиот живот. Еден од начините е создавањето на своја „банка на мисли“. Затоа, читај, информирај се, истражувај! Читај многу. Не онака булимично, голтајќи токсични информации од социјалните мрежи. Олабави малку со Фејсбук, Инстаграм, Твитер и дај си време за читање убава и квалитетна литература која ќе ти го направи јазикот сензорно богат, а животот шарен.

Размислувај надвор од кутијата! Различно, неконвенционално, креативно. Давај идеи! Идејата води кон иновација.Води личен дневник! Не само што ќе ти ја скрши рутината, туку на тој начин ќе го ослободи и стресот и ќе ги пренесе силните емоции на хартија. Изгради ја твојата тврдина на знаења и искуства од која ќе можеш да црпиш одговори секогаш кога живото ќе те притисне до ивица. Во неа ќе го бараш мирот, кога сè околу тебе надвор вреска од лакрдие и злоба! Во неа ќе можеш да го облечеш твојот розов фустан од матура, кој сега го поклопиле твоите црни кошули. Во твоите сто нијанси црно, капни една капка розе. 

И не се плаши да бидеш розова кога сè околу тебе е црно! Биди поинаква!

П. С. Розовата е една од боите кои последниве 10-15 години најретко ја носам. Можеби треба да почнам (се смее)?

П.П.С. Ги облекувам розовите чевли и им телефонирам на другарките. – „За дваесет минути ве чакам во парк“, им велам…

За Женски Mагазин АНА ЈОВКОВСКА, новинаркa,писателка и менторка за личен развој