Не се знае дали Гарванлиев ќе настапи прв: МРТ за евровизискиот редослед

Добивај вести на Viber

Македонскиот претставник Васил Гарванлиев синоќа во Градската куќа во Ротердам, Холандија е извлечен како прв во првото полуфинале на Евросонг, што не значи дека ќе настапи и прв на првата полуфинална вечер на 12 мај. Редоследот на настапувачите во двете полуфиналиња (второто полуфинале е на 14 мај), некаде во март, дополнително ќе го соопштат продуцентите на ЕБУ, ни изјави Александра Јовановска, годинашен шеф на прес-центарот во МРТ за „Евросонг“. 

Во првото полуфинале се извлечени и претставниците на Белорусија, Литванија, Шведска, Словенија, Австралија, Ирска, Русија, Норвешка, Кипар, Хрватска, Азербејџан, Малта, Израел, Украина, Романија и Белгија. 

Во второто полуфинале настапуваат претставниците на Австрија, Молдавија, Полска, Сан Марино, Србија, Исланд, Чешка, Грција, Естонија, Данска, Бугарија, Швајцарија, Финска, Ерменија, Латвија, Грузија, Португалија и Албанија. 

Десет финалисти од двете полуфиналиња ќе настапат на финалето на 16 мај, заедно со претставниците на големата Петорка и земјата домаќин-Холандија. Германија, Италија и Холандија ќе гласаат во првото полуфинале, а Англија, Франција и Шпанија во второто полуфинале .

Гарванлиев, ланскиот пратечки вокал на Тамара Тодевска во Ерусалим, штотуку се врати од настапите во Торонто, Канада, заедно со македонски музичари. 

Уште трае отворениот повик на МРТВ до авторите  да ги достават своите сериозни и креативни музички предлози на нејзина адреса од кои ќе се избира песна за Евровизија 2020.

Васил Гарванлиев и е познат на македонската публика уште од најраната возраст, кога на само седум години го испеа познатиот детски евергрин „Марионка“ на фестивалот „Златно славејче“.

На 12 години заедно со неговото семејство се селат во САД каде станува дел од светски познатиот детски хор во Чикаго. Негово образование по соло и оперско пеење го стекнува на некои од најпрестижните музички школи во светот вклучувајќи ги „Академијата Лирика“ во Милано, престижниот Кралски Консерваториум и Оперската Школа при Универзитетот на Торонто во Канада.

Во 2018 година, Васил одлучува да се врати во Македонија, посветувајќи се на креирање автентична музика инспирирана од македонските корени.

“Да бидам избран од страна на МРТВ како преставник на Македонија на овогодинешната Евровизија во Ротердам, за мене преставува огромна чест, но и одговорност. Ќе дадам се од себе да ја преставам Македонија уште еднаш во најдобро можно светло, како што тоа го правев и во изминатите дваесет и пет години настапувајќи низ целиот свет. Им благодарам на сите што се дел од ова мое музичкo патување и се гледаме во Ротердам, изјави Гарванлиев по изборот за наш претставник во Холандија. 

Л.С.