Не сме исти, но мора да имаме исти можности: Познатите Македонки за Осми март

„ Кафаната не е мој избор за 8-ми март!“, вели новинарката, активистка и аворка Ана Јовковска за денешениот меѓународен ден на жената. Неколку наши соговорнички, успешни жени секоја секоја во својата област, го делат нејзиното мислење. За тоа што на нив им значи Осми март, разговаравме со фолк-пејачката Блага Петреска, Ана Јовковска и кореографката Рисима Рисмкин. 


„ Овој ден ми е значаен бидејќи ме потсетува на борбата на нашите мајки и баба за родова еднаквост, слобода, економски и социјални права на жените. Датумите постојат за да нè потсетат на историската важност, но преостанатите 365 дена во годината се вистинско огледало за рефлексија на родовата рамноправност во едно општество. Мажите и жените не се исти, но мора да имаат исти можности во животот. Токму затоа, денес ќе славам со работа на овие теми:  најпрво на Маршот за женски права „Дали е среќен 8 март“ во 12 часот во Жена Парк, а потоа во книжарницата на „ТРИ“ во 13 часот имаме настан „Супер авторки за супер читателки“ - дискусија и средба со најчитаните женски авторки. Консумеристичката мантра е неизбежен дел од славењето на празникот, но алтернивите треба да се понудат.  Дојдете заедно да го славиме женското писмо! Книгите на македонските и на странските (женски) авторки се на попуст. Драго ми е што ќе бидам во друштво со писателките Јагода Михајловска- Геориева, Винка Саздова и други, а во најчитаните авторки влегувам благодарение на женската солидарност! Вечерва, пак, моја „арена за славење“ се „Вечерите на женски права“ во 19:30 часот во МКЦ на тема: „Размислувај еднакво, гради паметно, со иновација за промена!“. Во фокус ни се жените лидерки во новите индустрии, новите технологии, старт ап бизнисот, социјалното претприемништвото, науката, гејминг културата и филмот. Настанот е во организација на Универзитетот за аудиовизуелни уметности ЕФТА Скопје, UN Women – Тело на ОН за родова еднаквост и зајакнување на жените, Град Скопје, Институтот за родови студии - Филозофски факултет и Шведската амбасада во Скопје. Влезот е слободен, поканети сте сите што вечер нема да одите во кафана. Борбата е пред нас. Имаме уште многу полиња на кои треба да работиме за родова еднаковст. Да живее еднаквоста и женската солидарност!“, вели Ана Јовковска.

„ Осми март го разбирам преку дамнешната борба на извонредни жени низ историјата, и нивно залагање за равноправност. За мене овој празник е посебен во таа смисла, а инаку е добра причина за убава забава“, ни изјави познатата кореграфка Рисима Рисмикин.

Празникот, кој позвозрасните жени го паметат како денот кога се подарува цвеќе на мајката, бабата и на учителката, денес се слави на поинаков начин. Многу родители на социјалните мрежи реагираат дека за наставничките во училиштата се купуваат прескапи подароци. Во рестораните не може да се најде слободно место затоа што се организираат забави кои почнуваат на пладне и трааат до доцна навечер. Од Осми март профитираат и туристичките агенции кои нудат празнични патувања за дамите.

„ Искрено, ништо не ми значи празникот 8 март“, вели познатата фолк-пејачка Блага Петреска. „Сметам дека жената е таа што секојдневно треба да се бори и дека е многу силна и не треба од никого да ги бара своите да ПРАВА. Тоа го потврдувам со мојот личен пример. Како самохрана мајка одгледав две деца со многу работа, со голема посветеност и во ниеден момент не се пожалив. Јас таква ја познавам МАКЕДОНСКАТА жена“, ни рече Блага.

Милица Џаровска