Не сме ние шпорет за некој да нѐ поправи: Бјелица искрено за борбата со ракот

Писателката Исидора Бјелица покажа голема храброст што покрај покрај секојдневната борба со канцерот и приватните обврски, емотивно и искрено споделуваше фотографии и објави на Фејсбук, позитивни мисли за верба во себе, надополнета со љубов и поддршка од најблиските - нејзиното семејство. 

Изминатите неколку години јавноста сочуствуваше со пеколот низ кој помина познатата писателка, барајќи спас и втора шанса за живот. 

За многумина контроверзна, но сепак емотивно искрена, Бјелица секојдневно се „разголуваше“ пред своите обожаватели на социјалните мрежи, за да сподели новитети во врска со лечењето на канцерот, но и големиот број приватни и професионални обврски. 


За себе ќе каже дека е пречувствителна, а таквиот тип на луѓе се подложни на автоимуни болести, па немоќта да се справат со злото и неправдата, го чувствуваат како сопствен пораз, а тоа дополнително предизвикува тага и стрес. 

„Болеста ја сфатив како повик дека треба духовно да поработам на себе. За жал, без патење, нема духовно созревање. Сега мислам дека моето пишување има смисла само доколку и помогне барем на една душа. Моите последни три книги се напишани токму со таа цел, да се спречи тагувањето на другите луѓе“, кажала Бјелица во изјава за Жена. рс


Борбата со тешката болест како и соочувањето со ризикот дека можеби терапиите нема да вродат со плод, придонесе Бјелица не само да се пронајде и издигне духовно, туку и да започне да ја применува скромноста во својот животен стил. 

За крај, типично во нејзин стил, Бјелица дава свој став околу начинот на справување со болеста. „Не сме ние шпорет за некој да нѐ поправи. Докажано е дека радоста и позитивните мисли ги зголемуваат шансите за преживување, под услов човекот да сака да преживее. Човек мора прво да си прости себе си, а тоа е многу тежок чекор за емотивните и добри луѓе, бидејќи ракот ги има карактеристиките на суптилно самоубиство“, поентира Бјелица.