Не сум свесна дека имам 60 години: Алка Вуица за Женски магазин

Добивај вести на Viber

Славната авторка на многу познати хитови, поетеса и тв водителка, Алка Вуица (60) , се враќа на сцената со темата „Луѓакиња“ („Luđakinja“).

Во интервјуто открива како се чувствува во тонското студио после 16 години пауза, каде го подготвува новиот албум, на што се должи нејзиниот младешки изглед, каков е односот со нејзиниот син и дали конечно ќе облече венчаница.

*Какво е чувството да се биде повторно во студио, да снимите песни за новиот албум?

- Па, прекрасно е повторно да се работи албум како целина. Всушност никогаш не престанав да пеам, да пишувам или да снимам, но некако таа мода на издавање сингл песни ја уништи таа радост од создавањето на делото како целина. Бидејќи сепак сум „old school“, ме радува тоа концептуално пристапување при создавањеето на новиот албум.


*Што ќе понудите, дали ќе има експериментирање, кокетирање со стилови или останувате доследни на својот поп-звук?

- Мислам дека многу експериментирав сите овие години, но повторно морам да признам дека публиката најмногу ја сака таа Алка од деведесеттите години. Секако дека ги следам трендовите и дека ми е важно да звучам модерно и продукциски свежо, но сепак ќе останам во поп-от.

Пишувањето е осамена работа

*Сите од вашата бранша едвај чекаа да почнат со настапи. Каква е ситуацијата кај вас, кога започнувате и дали планирате да дојдете во Македонија?

- Па, штом ќе може да се настапува, ете ме со новите песни. Силно посакувам да дојдам во Македонија, која ја обожавам.


* Како се справивте со Корона пандемијата, карантинот? Колку беше тој период инспиративен и креативен за пишување?

- Зимата ја поминав во родната куќа во Умаг, во Истра, со мајка ми. Шетав покрај морето, многу пишував и се дружев со пријателите преку е-пошта и преку телефонските разговори. Не ми е тешко да бидам изолирана, секогаш имам многу работа, а пишување е секако една осамена работа.

* Секоја соработка е посебна, но и различна, бидејќи секој пејач има своја енергија и барања. Бидејќи сте соработувале со многу изведувачи од регионот, можете ли да ни кажете со кого беше најлесно, а со кого најтешко да се соработува?

- Не можам тоа така да го кажам, тоа би било непристојно. Едноставно постојат луѓе со кои не можете да ја споите енергијата и тешко се разбирате. Но, постојат и такви, на кои на некој начин им припаѓате и интелектуално и емотивно и цивилизациски.


Физичкото неверство не е нешто драматично

* Вие сте дел од шоуто „Ма лажеш“ и покажавте дека работата како водителка ви оди доста добро и успешно. Умеете ли убедливо да лажете во приватниот живот, во ситуација кога тоа е потребно, а не штети никому?

- Всушност никогаш не лажам и дури ја кажувам вистината и кога не треба и кога тоа не се бара од мене. Тоа не е добро и често сум настрадала поради својот јазик. Но, ете, можам и да лажам кога за тоа ќе ми платат. (се смее).

*Еднаш изјавивте дека не знаете да изневерувате, но дека сте биле изневерени. Дали треба жената да прости неверство и кога?

- Треба, ако чувствува дека треба и тоа е дел од љубовта. Се разбира, треба да се разликува неверство од предавството. Не е убаво кога некој ќе ве предаде и повреди како човек, но физичкото неверство не е нешто драматично.


* Кога наполнивте 50 години рековте дека ги мразите педесеттите години? Сега кога наполнивте 60 години, како се чувствувате?

- Сега не ги сакам шеесеттите. (се смее). Најмногу би сакала постојано да имаме 20-30 години. Тоа е најубаво! Но, не сум воопшто свесна дека имам толку години. Се чудам и самата, не чувствувам дека е тоа така.

Внимавам на својот изглед

* Изгледате фантастично, а немате пластични операции. Каде е магијата на Вашата убавина?

- Благодарам за комплиментот, но мислам дека станува збор за генетика, иако има нешто и во самоодржувањето. Сакам да се негувам и да внимавам на својот изглед.


* Како е Вашата љубов? Дали ќе одлучите да облечете венчаница и да застанете на луд камен?

- Мислам дека е доцна сега да правам такви глупости, кога веќе не сум ги направила.

*Вашиот син Аријан, кој е музичар, изјави дека сте мајка за пример. Дали сте строг родител како Вашиот татко или сте чиста спротивност?

- Не сум строг човек, па затоа не сум ниту строг родител. Го пораснав мојот син многу слободоумно. Не знам што е подобро, но човек не може да оди против својата природа.


СОЊА АЛЕКСОСКА НЕДЕЛКОВСКА