Не знаат да погрешат: Зошто македонските балерини се најдобро облечена фела?

Лесни како пердув, со исклучиво долга коса, секогаш собрана во пунџа на сцена и во минималистички фустан од тул и сатен и сатенски „балетанки“.

Сцена од „Лебедово езеро“

Сонот за балерината што танцува издигната на прстите како сон за идеал, леснотија и живот надвор од секојдневието им се оствари.

Рисима Рисимкин

Културната лекција, грациозноста и (само) дисциплината ја научија од мали нозе. Професионалната и животната лекција, предизвиците, искушенијата и откажувањата во текот на кариерата.

Марија Кичевска

Некои останаа доследни на класичниот балет, а некои вистинската слобода на изразувањето ја пронајдоа во современиот танц. За болките и повредите, само тие си знаат, зашто како дами, со својот изглед и однесување се врвен пример и достојни репрезенти на својата фела која колку што е јавна, толку во одредени моменти е мистериозна. Не се експонираат во јавноста по секоја цена, ниту на социјалните мрежи, доблест е да ги сретнете на премиери и на културни настани. 

Александра Мијалкова

Зошто примабалерините и новите балетски ѕвезди Тања Вуjисиќ- Тодоровска, Рисима Рисимкин,  Александра Мијалкова, Мими Попалексова-Атанасовска, Марија Кичевска, Олга Панго... се најдотерана фела кај нас?

Тања Вуjисиќ-Тодоровска

Имаат стил, став и харизма. Изгледаат светски. Слепото следење на трендовите е сведено на минимум, личниот стилски печат е издигнат на максимум. Да се биде дама или урбан лик не само со изборот на модното парче, туку и со однесувањето и со енергијата е реткост и тука и во светот. Различните генерации само ја надополнуваат сликата на модерни принцези со своите шик, екстравагантни, со посебни кроеви и дезени модни парчиња, наспроти принцезите како од „Лебедово езеро“ и од руската класична школа олицетворена во репертоарите на театрите „Бољшој“ во Москва и „Марински“ во Санкт Петерсбург. Не случајно, и класичниот стил во облекување е врв во елеганцијата на секоја дама, едноставен и прочистен од сите кич детали, и зачинет со минимален накит и задолжителни класични салонки и тенки мат хулахопки во боја на кожа.

Мими Попалексова-Атанасовска

И тогаш и сега, не секоја млада дама може да биде балерина, ниту секоја балерина станува ѕвезда. Гардеробата им е стил на живеење, а не само парадирање со брендови, кои пак од друга страна, ви гарантираат квалитет и уникатен дизајн. Облеката што ја носат е нивна лична комбинација, секогаш носат нешто што не е шаблон, што не е конфекција и што не се среќава на секој чекор.

Олга Панго

И кога ќе се спушти тешката црвена или златна кадифена завеса на сцената, тие продолжуваат и понатаму да внимаваат на својата исхрана, да се грижат за телото како свој храм и да ја збогатуваат својата личност со избрана музика, книги и изложби.

-Стилот е идентитет. Чарлс Буковски тоа прекрасно го кажал. Да се издвоите, потребен ви е стил. Изгледот е она што другите го гледаат кога ќе ве видат. Стилот ви пружа можност да сопствениот идентитет сами го проектирате, ми сподели во еден од нашите разговори Тодоровска.

Л.Сабит