Некои соседи сакаат да знаат кај кого одиме за да го одбегнуваат: Интервју со Денис од Центар за јавно здравје- Скопје
Хуманист, оптимист и позитивец- сe трите збора кои ги избра за сам да се опише себеси, но и токму вистинските оние кои би ги напишала за Денис Јанкуловски од Центарот за јавно здравје- Скопје. Неуморниот „космонаут“ (прекар што заслужено го добива во ова време невреме познато како пандемија на коронавирус во светот) кој секојдневно оди во домовите на потенцијалните заболени и им прави тестови, внесувајќи им убава енергија, за Женски Магазин, откри мал дел од предизвиците на своето, сега необично секојдневие, но и ги откри своите постпандемиски планови.
* Порака која со која секојдневно се будите и мотивирате.
- Денес е нов, убав ден за насмевки и прегратки, не ги штедете и не ги чувајте во некоја фиока, делете ги. Насмевнете се, со вашата насмевка некому ќе муго разубавите денот. И пејте!
* Кој беше Денис пред коронавирусот, кој е сега во време на коронавирусот, а кој ќе биде по пандемијата?
- Пред, за време и по пандемијата ќе бидам истиот Денис – медицински техничар кој си ја обожува работата, кој сака да помага колку што може и колку што има сила (а имам сила за три животи) и Денис, кој го сака животот во кој секогаш има место за пријателите. Поумен заради искуството со короната, повнимателен, попретпазлив. Исто борбен за зголемување на свеста кај луѓето, без разлика на тоа што налетувам на цитадели.
* Како изгледа еден работен ден на космонатутот Денис? Дали воопшто имате слободни денови?
- Работниот ден има точно одреден почеток, во 07ч, а крајот е кога сѐ ќе заврши. Деновите во овој период, мене и на колегите од одделението за Епидемиологија од Центар за јавно здравје од Скопје, ни се исполнети со теренска работа во потрага по корона вирусот, со комплетна заштитна опрема. Теренот ја опфаќа цела територија на Скопје, буквално секоја точка од градот. Земање брисеви, со охрабрувачки разговор со пациентите, бидејќи секому му треба еден убав збор, безбеден транспорт на земените материјали во Институт за Јавно здравје за испитување. Откако ќе го земеме и последниот брис, се враќаме на работа, уште едно заедничко кафе со екипата и конечно дома кај своите. Засега слободните денови во овие неколку месеци можат само на еден прст од едната рака да се избројат, но ние знаеме што ни е работата, за што се бориме и што е целта. Така да слободните денови се ставени на чекање, но со душа ги чекаме.
* Од каде црпите толку позитивна енергија, која ја пренесувате на сите луѓе околу вас, но и на социјалните мрежи?
- Позитивната енергија има три извори. Едниот е моето прекрасно семејство од кое имам и поддршка и разбирање за малку часовното присуство или подобро кажано отсуство, вториот извор е мојата струка, мојата работа која со решителност ја одбрав далечната 1986 година, но која со огромна љубов сѐ уште ја работам. И третиот извор е нешто најубаво што ми се случува последните 3-4 години, а тоа се моите прекрасни другарчиња – децата, како со типичен така и со нетипичен развој. Тие ми се водилка во сѐ она што го работам и правам. Сите овие три извори се непресушни и мои двигатели низ денот и животот.
* Како реагиравте кога Ви кажаа дека треба да земате брисеви на луѓе кои се потенцијално заболени од коронавирус?
- Во тој момент имав две мисли. Првата, знаејќи се себеси и моите познавања за тој дел од работата ми беше чест што можам да бидам дел од оние од чија совесност, дисциплина и професионалност зависи нечие здравје, и што можам да помогнам во навременото пронаоѓање на вирусот и спасувањето животи. Втората мисла беше – ок, ова е доста одговорна работа, бара максимална концентрација и буквално 100% прецизност без грешки.. бара откажување од слободно време. Но, сѐ е во интерес на здравјето на моите сограѓани. И реков, во ред. Го можам тоа.
* Каква е реакцијата на луѓето кога одите да им земете брис, дали може да се сетите на некоја анегдота или страшна реакција од некоја ситуација?
- Реакциите се најразлични бидејќи и луѓето се различни. Некои со нетрпение нѐ чекаат, некои викаат дека нема потреба од сето тоа, некои се помолчеливи од страв, други позборливи, веројатно исто од страв. Но секогаш наидуваме на луѓе кои знаат зошто сме дојдени кај нив.
Има две ситуации кои би ги издвоил. Едната, понеубавата е додека се прибиравме во возилото, по земање на брис, од тераса еден постар човек ни довикна нешто со погрдни зборови на што ние сепак не реагиравме и само со насмевка го испративаме. Но има една која за мене е најубавата реакција досега. Ѕвонам на врата, таткото отвара и нивното синче на некои 5-6 години само што ме виде на вратата извика „Мамо дојде космонаутот за брисеви да ни земе“. Тоа според мене е одлична подготовка на родителите за она што требаше ние да го направиме. Е таа реакција буквално ни го разубави тој ден како и сите наредни. Оттаму и ми остана прекарот Космонаут.
* Дали луѓето ве одбегнуваат или гледаат на вас со предрасуди, со оглед на тоа дека секојдневно имате контакт со позитивни на Ковид-19?
- Имало и такви ситуации, едноставно се оддалечуваат од нас, или нешто ќе ни довикнат: ,, А бе уште ли се глупирате". Или кога одиме во нечиј дом сакаат да знаат кај кого одиме за да ги одбегнуваат и слично. Во нивните очи ја гледаме за жал предрасудата не само кон нас туку и кон соседите. Ние им укажуваме зошто одиме, да не осудуваат затоа што може утре и кај нив да отидеме. Често е попусто, само ја покажуваат својата нечовечност неразбирајќи дека буквално секој може да се најде во таква положба. Дали тогаш ќе им биде пријатно ако за нив некој така зборува?
* За каков вирус станува збор според Вас? Кога мислите дека ќе помине?
- Не навлегувам во генезата на вирусов. Може да го има во природата, може и да е некое лабораториско дело. Тоа можеби никогаш нема да го дознаеме, па затоа не се ни трудам да се окупирам со таа тема. Она што треба да го правиме сите е да сме дисциплинирани, каков и да е вирусот и да прифатиме дека сепак е тука и постои. Па и претходно да бил присутен на оваа територија ништо нема да се смени. Лично не очекувам брзо да помине сето ова, мислам дека сепак ќе потрае или ќе има, како што ги нарекуваат епидемиолозите,таканаречени опашки и наредниов период. Во оваа форма со вакви мерки ќе помине, но мислам дека ќе се одомаќини и дека ќе биде само уште еден додаток во вакцината против сезонските грипови.
Денис со семејството
* Дали сметате дека граѓаните ги почитуваат препорачаните мерки? Имавте објава со доза на револт кога група граѓани објави дека ќе направи протест за мерките? Што би им порачале нив, но и на сите оние кои не веруваат дека ова реално постои?
- Голем број ги почитуваат мерките и тоа буквално целосно почитување и за мене тие се вистински херои. Но голем е бројот и на оние кои за жал, од не знам кои причини, даваат отпор кон сѐ она што треба да се направи за побрзо да помине оваа непријатна ситуација. Според мене мешаат баби и жаби, но најмногу политика, која очигледно наназад 30-тина години нѐ запусти како општество, како совесни, разумни и одговорни луѓе. Не би сакал ова грубо да звучи но секој оној кој не верува дека има вирус во државава, кој смета дека ние медицинските лица и сите други засегнати сме влегле во нечиј филм и глумиме дека работиме нека повелат еден ден со сите оние кои директно се среќаваат со вирусот или со симптомите, ама да издржат цел ден. Само нека гледаат и на крајот од денот нека речат гласно ако можат дека „ова е лага и манипулација“. Сите заболени и сите за мене во огромен број починати не укажуваат дека овој и слични протести се оправдани. Секој има право да протестира, но пред протестите сепак нека седнат на фотелјата дома, не мора да читаат вести и портали. Нека отворат социјални мрежи каде има изјави од медицниски лица кои се соочиле со вирусот, нека одвојат доволно време за разумно согледување на ситуацијата. Ако сето ова го направат, верувам дека на сите вакви протести ќе гледаат како на нешто несоодветно и ќе разберат дека ова е вистина, а не некое реално шоу.
* Што според Вас е најстрашно, а пак на што не научи оваа пандемија?
- За мене најстрашното, освен загубените човечки животи е и физичката оддалеченост меѓу нас, наметната дистанца. Јас, а верувам и многу други сме луѓе кои сакаме дружби, ни фалат средби и насмевки од пријателите, роднините, комшиите. Животот ќе се врати во нормала или во некоја нова форма, тоа нема сосем да исчезне и верувам дека уште долго време ќе бидеме на некоја дистанца, ќе бидеме претпазливи токму заради нашето здравје, но и здравјето на нашите најблиски. Како и досега, човек мора на сѐ да се прилагоди.што сме се прилагоди. Она што мора секој да го разбере е дека индивидуалното здравје е колективно.
* Голем поддржувач сте на децата со посебни потреби. Што мислите дека треба да се преземе за да им се олесни животот на овие лица во време на домашна изолација и пандемија од светски рамки?
- Овие деца, овие лица се моја радост, тие ми се сонце и светлина. Ја имам таа чест и среќа да имам пријатели меѓу речиси сите форми на нетипичност, да учам секојдневно за нив и нивниот живот. Тие се прекрасни, искрени, секогаш добронамерни и полни со љубов. Такви треба да бидеме и ние, односно тие очекуваат од нас да бидеме како нив. Познавам доста стручни лица од секоја област која е поврзана со овие дечиња, знам дека се трудат максимално да им се најдат во овие денови на пандемија како нив така и на нивните родители или старатели. И како некој кој ги има сите деца за пријатели и кој настапува волонтерски, можам да кажам дека сите овие дефектолози, психолози, логопеди, асистенти навистина придонесуваат многу во олеснувањето на денот на овие деца ангели. Не само што прилагодија игри за домашни услови туку направија и софтвери и прирачници наменети токму за овој период. Се надевам дека после пандемијава државата ќе го надгради сето ова и конечно во оваа држава сите ќе можеме да играме и растеме заедно.
Со омиленото друштво кое секојдневно го мотивира
* Што прво ќе направите ( едвај чекате да направите) кога ќе заврши оваа пандемија?
- Имам две работи. Прво конечно да се видам со сите овие мои другарчиња, да си втрчаме едни кон други, да се изнагушкаме онака како што гушкаат тие, да се дружиме, да пееме и играме. Или како што мојата Учителка Ерато на својот преубав јазик би рекла – Гуш и бац.
А втората е да одам во Охрид, каде како охридски зет ги уживам сите привилегии, да седам до зајдисонце на најубавата плажа со најубавиот поглед за мене и да одморам физички и психички. Секако со ѓомлезе
Даница Караташова