Нела Витошевиќ: Зошто е помалку опасно да работат кладилниците отколку театрите?

Млада е, талентирана и енергична. Подготвена на големи битки. За театарот, за човековото право на уметност и на богат духовен живот. Минатата година во ова време ја режираше големата и масовна претстава „Магбет“ на незјината матична сцена во МНТ. Деновиве, во ова пандемиско време, ја направи интимната онлајн претстава „Илузии“ во продукција на театарот „Wonderland“, основан во 2010 со режисерот Васил Христов, нејзиниот животен и професионален партнер. За настаните што се случија во меѓувреме во театарот и во секојдневието, среде овие новонастанати пандемиски околности, разговараме со режисерката Нела Витошевиќ.  

* Иако виртуелна, гледањето на „Илузии“ на You tube создава многу реално чувство дека сме биле на театар. Како се подготвуваше овој театар од дома?

- Кога започна новиот начин на живот, предизвикан од ковид-19, целиот свет се најде затекнат и изненаден од новонастанатите околности. Преку ноќ почнавме да живееме некаков друг живот според некакви други правила. Дистанцирањето и самоизолацијата ни паднаа тешко, имајќи предвид дека сме социјални битија кои час претходно биле секојдневно изложени на постојани контакти во живо. Јас веќе ја бев завршила премиерата на „Мојот маж“ во Драмски, потоа бев на патување во Берлин и Виена да гледам претстави, па на фестивал во Црна Гора и само што се вратив се воведе полициски час во државата. Поради сите овие претходни случувања бев полна со инспирација и имав потреба таа енергија да ја канализирам во ново дело. Истовремено новонастанатата состојба ме поттикна да размислувам на кој начин ќе твориме во пандемиски околности и како ќе го реобмислиме и редефинираме светот по оваа глобална промена. Се прашав - ќе произлезе ли нов систем на вредности по сево ова?! Каков ќе биде театарот во време на пандемијата и по неа?! Сето ова ме испровоцира да истражувам во виртуелниот простор и користејќи се со театарски пристап да пробам да направам претстава. Од причина што најголемиот предизвик за мене како режисерка е да откривам нови начини на раскажување и да креирам нови светови, бев превозбудена што се најдов затекната во вакво историско време каде секој чекор е крајно експерименатален. Многу сум задоволна од крајниот продукт како и од фактот што нашата виртуелна престава достигна супер гледаност во краток временски рок. Со ова мислам дека се потврди зголемената потреба на луѓето за уметност и култура во вакви кризни времиња.

* Што покажа искуството од минатогодишната „Магбет“, масивна и масовна продукција на големата сцена на МНТ, до актуелнава виртуелна и експериментална „Илузии“, бесконтактно подготвена и онлајн режирана?

- Секое време бара поинакво толкување на реалноста и нова техника за нејзино промислување. Кога сме оневозможени да застанеме на сцена мора да изнаоѓаме нови начини на изразување, за да останеме видливи. Од тие причини сите светски театри, ми се чини, никогаш не биле поактивни. Отворете ја веб-страницата на било кој познат театар и ќе видите дека сите се исполнети со најразлични уметнички и експериментално-театарски содржини. Никој не сака да изгуби контакт ниту со театарот, ниту со времето. Сите се исправени пред истиот предизвик, се справуваат со истиот проблем, бараат одговори, поставуваат прашања, дебатираат, прават најразлични проекти, истражуваат и максимално ги користат дигиталните можности. Ова е мошне значаен момент, зашто како резултат на сите овие процеси на крајот ќе се дефинира во која насока ќе се движиме понатаму. Постпандемскиот театар ќе произлезе како резултат на сите обиди и промислувања што се случуваат во овој момент. Сигурна сум дека ќе научиме многу од овие искуства кои потоа ќе ги искористиме кога повторно ќе дојдеме во жив контакт со публиката. Со нетрпение ја чекам следната изведба на „Магбет“, но не сакам да тагувам по минатото и да ја игнорирам сегашноста. А сегашноста бара да се преиспитаме, бара нешто ново од нас. Јас сум од оние сонувачи што веруваат дека уметноста ќе го спаси светот и дека во овие времиња таа е клучен фактор за одржување на духот кај луѓето. А процесот на духовна криза допрва доаѓа. Ќе треба добро да се подготвиме и свесно да го дочекаме.

* Како го чувствуваш отсуството на театарот во овие пандемиски времиња?

- Да не ми фалеше воопшто немаше да се впуштам во правење на виртуелната „Илузии“. Токму страста за создавање и константната потреба од театар ме натераа да влезам во таа непозната сфера. Во таа смисла, да бидам искрена, ниту западнав во летаргија, ниту се издепримирав дека сме оневозможени да работиме на сцена. Можеби ова е само моментално чувство кое ќе помине брзо, но еве сè уште не бледнее.

Да не бидам погрешно сфатена, едвај чекам да почнам нов проект на сцена, за тоа не ни станува збор, но истовремено не сакам да седам со скрстени раце, додека светот е свртен „наопаку“. Во периодов размислувам дека во институционалниот театар премногу станавме комфорни и се заглавивме во некоја матрица. Ми се допаднаа некои размислувања на светски режисери што ги ценам кои апелираа да се излезе од театарските згради и да не се заглавуваме во архитектурата на објектот. Идејата е концептите за претставите да ги развиваме на отворено. За напуштање на комфорната зона зборува и Хајнер Милер во „Театарот е контролирано лудило“. Тој вели дека единствено напуштањето на конфорната зона води во прогрес и иновативност. Јас овие референци ги земам предвид, се повикувам на нив во новата претстава, ги разбирам и сигурна сум дека може да придонесат во формирање на театарската иднина. Според мене тоа е и предизвикот што ни го постави времето: да најдеме друга форма и друг јазик за комуникација со публиката. Затоа за мене секоја промена е добра. Зашто од секоја промена се раѓа нешто ново. Но, знам дека промената е и нелагодна. А знае и да плаши. На крајот од денот победувањето на стравот од непознатото е и победа врз самиот себе и врз сопствениот конформизам.

* Како ќе изгледа постпандемискиот театар? И може ли тој да ја задржи својата традиционална форма ако ги почитува превентивните мерки – особено оние за негрупирање и за дистанцирање?

- Се разбира дека театарот може да ја задржи „традиционалната“ форма, дури и ако ги почитува мерките, но она што мислам дека не може да го задржи е бројoт на публика. За да се одржува пропишаната дистанца, бројот на публика во салите ќе мора да се преполови. Мене лично ова ми е возбудлив феномен. Мислам дека на тој начин меѓу публиката и глумците ќе се створи некоја нова интима, ќе се создаде некоја посебна атмосфера која сметам дека ќе биде непроценливо драгоцена. Од таа атмосфера ќе се изроди поинаков квалитет. Театарот стана крајно популистички, во некои земји и чист бизнис односно машина за правење пари и привлекување туристи. Не сум приврзаник на театарот кој е индустрија за забава и покрај тоа што сите тие мјузикли ги прават технички совршени и визуелно богати. Тоа е во ред, но не е есенцијално провокативно. Сакам да верувам дека во пост-пандемскиот театар суштината е таа што ќе исплива на површина.

* Берлинскиот театар го редуцираше бројот на седишта. Во Чешка тестираат драјв-ин театар, а во Русија изведба за еден гледач. Каква постпандемиска публика би посакала?

- Да, многумина на социјалните мрежи реагираа емотивно на преполовениот број на седишта во Берлинскиот ансамбл или во некои други театарски сали. Мене лично овој призор воопшто не ме шокира. Тоа е времето во кое живееме и тоа е состојбата на која треба да навикнеме. Од друга страна тој призор е реален. Тој е слика и прилика на тоа до каде дотуркавме како цивилизација. Толку сме заслужиле. И да, можеби ситуацијата делува тажно, но таа е максимално точна и легитимна. И треба да се носиме со неа.

* Нè менува ли пандемијата? И како?

- Времето во кое живееме е тотално лудо. Се наоѓаме сред пандемија, сред глобални анти-расистички протести, во еколошка катастрофа и долгорочен проблем со климатските промени; поминавме процеси на самоизолација и соочување со самите себе, со партнерот, со блиските; до вчера бевме во трка со времето, а утре не знаеме што нè чека. Понепредвидливо не може да биде. Како светот да го допре дното и сега нема каде понатаму. Какви ќе излезат луѓето по оваа криза допрва ќе видиме. Но, тоа ќе биде нашата публика и ние ќе треба да бидеме тука за да ја разбереме, да влеземе во дијалог со неа, да зборуваме за проблемите и потребите. Ќе треба да имаме важен удел во рехабилитирање на колективниот дух.  Во крајна линија да предложиме и искреираме нови светови. И секако да се запрашаме како понатаму? КАКО?

* Се чувствуваш ли некогаш осамена на женскиот фронт на театарската режија?

- Се чувствувам осамена и на женскиот фронт, а и на театарскиот фронт воопшто. Проблемот кај нас е што луѓето ретко кажуваат мислење. Има и такви кои очекуваат другите да мислат за нив. Има и медиокритети кои не би влегувале во конфликт со никого, а и такви кои мора да преживеат, па затоа мора и да молчат. Никого не осудувам зашто секој сам го избира својот пат. Мене сè што ми пречи - гласно го изговарам. Еве сега, на пример, ми пречи што надлежните за култура не се огласуваат никако и што најголем дел од театарските институции не се никако активни. Театрите по дефиниција треба да се полни со креативна сила и не гледам причина зошто таа креативна сила не се покренува. Не мора да излеземе на сцена сега во шпицот на пандемијата и да се разболиме. Но, содржини мора да има, настани и активности (кои ги почитуваат мерките) мора да се случуваат. Во ваков редок историски момент кога треба да бидеме агилни, видливи и флексибилни, ние го чекаме Годо да се појави. Не разбирам ни како е помалку опасно да работат кладилници, теретани и кафулиња, отколку да се дојде на претстава или да се оди во галерија ако притоа се следат конкретни протоколи. И покрај матното време, сепак, позициите за културата и уметноста треба да се јасни. Според мене, уметноста треба да има за цел да го одржува духот на луѓето во вакви кризни ситуации. А во моментов исклучоци сме ние, кои партиципираме во оваа идеја. И кога ќе ме прашаш дали се чуствувам осамена, ќе ти одговорам дека не само што се чувствувам осамена, туку често се чувствувам и како аутсајдер. Но, тоа е дефинитивно добра позиција во нашето општество. Си мислам дека сум како комшија кој го нејќеш зашто прави журки после полноќ и ги ремети другите. Но, кога знам дека сум во право, пуштам музика на најгласно и не многу му ја мислам.

А, за тоа како се борам како жена во машкиот свет, со какви се предрасуди не сум се среќавала и се уште се среќавам и како треба тројно повеќе да работам и да се расправам за да го добијам тоа што го сакам - ќе ми требаат уште две страници текст па ќе го оставам за друга прилика.

* Едно индискретно прашање – партнери сте со режисерот Васил Христов. Кој го режира вашето заедничко секојдневие?

- Делиме исти ставови, имаме слични интереси, но дефинитивно имаме различен систем и различна техника на делување. Во оваа смисла секојдневието секој сам го режира. Премногу сме своеглави за некој некому да кажува на која воденица да ги тера работите. Но, драго ми е што имаме воспоставено комуникација и однос во кој секој секому помага кога е потребно. Неизмерно сум му благодарна што ја направи монтажата за мојата нова претстава „Илузии“. Голем дел на убавината и успехот на продуктот се должи токму на таа прекрасна монтажа.

* Пандемијата го прекина штотуку почнатиот репертоарски живот на претставата „Мојот маж“ според расказите на Румена Бужаровска во Драмски. Како тие чудесни раскази оживеа за театар? И што додадовте вие прекрасни жени од екипата од своите лични искуства во оваа претстава?

-„Мојот маж“ е една од ретките работи што ме направиле толку задоволна, исполнета и среќна. Тоа е најспецифичниот процес што сум го имала и најспецифичниот процес во кој сум се впуштила. Како патување низ мислите, како секојдневна осумчасовна психолошка терапија, но и магија која траеше нешто повеќе од два месеци. Претходно се подготвував уште исто толку време, па се случи периодот на изолација и некако имам чувство дека тоа што се случуваше на пробите сè уште го носам во себе. Малку ми е криво што претставата ја одигравме само три пати пред публика и што поради пандемијава не успеавме да ја одиграме повеќе, иако имавме и други три однапред распродадени изведби. И овој факт е значаен бидејќи претставата не е лесна и забавна, мислам има и комични сцени, но генерално е многу вистинита, емотивна, искрена, сурова и директна. И трае 2 часа и 40 минути што не е пракса во македонските театри. Особено се радував на соработката со така одлична авторка како Румена Бужаровска како и со целиот посветен тим. На сите сум им благодарна за тоа волшебно патување. Освен што беше општествено и театарски важно искуство, беше и многу лично искуство и мислам дека на некој начин сите нè промени. Мислам дека засекогаш ќе го памтам.

* И на крајот, што беше последната работа што ја направивте пред почетокот на пандемијата и што ќе биде првата што ќе ја сторите по нејзиното завршување?

- Пред почеток на пандемијата имав организирано патување, на кое уживав, гледав претстави, шетав по музеи и галерии, се дружев со супер интересни луѓе. По завршување на пандемијата повторно ќе го сторам истото. Макар и на еден ден. Имам проблем кога ми е ограничена слободата на движење. Не сакам да се чувствувам заробено. Од тоа ме фаќа клаустрофобија и паника и мислам дека инспирацијата ќе ми пресуши ако не сум во состојба да излезам барем еднаш во годината. Затоа едвај чекам да можам да прошетам на некое друго место, да јадам нечија туѓа храна и да дишам некој почист воздух. Тоа ме исполнува до небо.

Јасна Франговска