Нема играчка која ќе го замени вниманието на мајката во очите на детето, но не треба да се запоставуваме и себеси: Евгенија Колев за Женски магазин

Добивај вести на Viber

Евгенија Колев има 21 година. Таа е сопруга, мајка на 6 месечно синче, студент, модел. Се занимава активно со фитнес од 2015-та година. На тоа поле моментално е фокусирана на постпородилно закрепнување, вежби и исхрана кои помагаат на жените да се вратат во форма по пораѓај. Ретроспективно гледано, таа е модел од 2015 година. Нејзините почетоци се во модно студио Црнокрак, а подоцна во агенцијата Models In. Во 2017 победи на изборот за убавина Miss Mediterranean. Интересен факт за неа е дека зборува кинески јазик. Беше запишана на универзитет во Шангај и таму студираше кинески јазик 1 година, а потоа го продолжи образованието тука, во Македонија.

За Женски магазин, Евгенија ни открива како е да се биде во истовреме мајка, студент и модел, а за тоа и многу интересни прашања читате во редовите подолу.

*Евгенија, вие сте прилично млада мајка. Имате 21 година, имате 6 месечно бебе, а во истовреме сте студент и модел.  Кажете ни како балансирате меѓу овие три работи, колку е тешко да се биде и мајка, и студент и манекенка?

-Секогаш во животот сум се водела со помислата дека ништо не е тешко доколку добро се испланира времето.

Да се биде мајка е “full-time job” и таму нема компромис. Другите обврски ги распределувам според приоритетите во моментот.

Сите ние имаме 24 часа во денот, наше е како ќе ги распределиме обврските.


*Кога и со што почнува, а кога завршува вашиот ден?

-Денот најчесто ми започнува во 5:30, пред да се разбуди мојот син. Имам околу половина час да се облечам, средам и да прочитам некоја страница од книга. Кога ќе се разбуди денот ни почнува со гушкање, го дојам и потоа сопругот ги презема обврските, а јас тргнувам кон теретана на тренинг. Се враќам пред сопругот да започне со неговите работни обврски и денот го поминувам со син ми и обврските околу него.

Навечер, откако ќе заспие, се посветувам на учење и обврските околу факултетот. Денот ми завршува кога ќе завршам со планираниот материјал за тој ден. Со сопругот обожаваме серии и филмови, па така, за крај на денот знаеме да изгледаме некоја епизода и да си одвоиме време за нас.

*Дали имате помош, кој ви помага околу синчето?

Најмногу ми помага мојот сопруг. Всушност, не би го нарекла тоа помош, туку подеднакво учество во родителската улога. И тој, како мене, ужива во времето поминато со нашиот син.

Не би можела а да не ги спомнам мојата свекрва и мајка кои несебично помагаат кога и да ни притреба помош. Немам зборови со кои можам да опишам колку сум им благодарна.

*Вие изгледате одлично, дали и колку време во текот на бременоста се занимававте со фитнес, колку време поминувавте во вежбање?

-Ви благодарам на комплиментот. За време на бременоста бев константно активна. Во теретана вежбав 3 пати неделно, во текот на целата бременост.

Се трудев секој ден да поминам барем еден час во активности кои вклучуваат пешачење.


*Колку внимававте на исхраната и колку тоа е важно за една мајка која има цел нејзиното тело да не доживее голема трансформација по пораѓајот?

-За време на бременоста внимавав на исхраната, но си дозволував и храна која едноставно телото “ми ја бараше”. Не јадев за двајца, но знаев да изедам по некое парче пица, палачинка или колачи.

Сметам дека не е возможно една жена да не доживее голема трансформација по пораѓајот. Било да се 12 или 25 килограми (што беше случај кај мене), бременоста е состојба која секоја жена ќе ја доживее како голема физичка промена.

Според мене, најважно е трудницата да остане активна за време на целата бременост. Сметам дека тоа беше пресудно за моето брзо враќање во форма по пораѓајот, секако заедно со постпoродилната исхрана и тренинзи.

*Рековте дека моментално сте фокусирана на постпородилно закрепнување – како изгледа тоа, што правите?

-Постпорoдилното закрепнување ми траеше месец до два по пораѓајот. Во тој период го правев она за кое што сметав дека е најдобро за моето физичко и ментално здравје, а тоа е да поминам што е можно повеќе време со синот и сопругот. Исто така, практикував вежби за враќање на стомачните мускули во нормална форма и посветував многу време на планирање и приготвување на исхрана што ќе ми помогне да се вратам побрзо во форма.

Сега сум повеќе посветена на тренинзи во теретана и на враќање на силата од пред бременоста.

*Колку е безбедно да се вежба после породување, дали тоа го правите со професионален тренер и како може најбрзо да се симне постпородилно стомаче?

-Секоја бременост е различна, па затоа одговор на ова прашање може да има само докторот кој ја водел бременоста. Не препорачувам почнување со тренизни пред да се добие зелено светло од гинеколог дека матката е вратена во нормала и дека можете да се вратите на вообичаените активности. Исто така, за оние жени кои не биле активни претходно и/или немаат многу искуство во фитнес сферата, препорачувам работа со професионален тренер на кого можат да се доверат и кој има искуство во таа сфера. Со фитнес се занимавам од 2016 година, па програмата за вежбање ја изготвувам сама и се водам според неа.

Најбрз начин за симнување на постпородилното стомаче нема. Тоа се создавало 9 месеци и треба да му се даде време да се врати во првобитната состојба. Но, постојат посебни вежби за тој постпородилен период кои можат да помогнат во убрзување на тој процес, така што постепено ќе ги враќаат стомачните мускули во нормала.


*Кој е твојот совет до мајките? Што, според тебе, е најважното што може и треба да им го понудат на децата и како да не се запостават себеси?

-Најважното нешто што една мајка може да му понуди на своето дете е внимание. Не постои играчка на светот која ќе го замени вниманието на мајката во очите на едно дете. И кога кажувам “внимание” мислам на целосно внимание, слушање, набљудување, учење и играње со децата. Децата учат од своите родители. Впиваат сѐ што гледаат во текот на целиот ден. Осигурајте се дека оставате добар пример и дека вие сте личноста која сакате вашето дете да ја “имитира”.

И, никако не се запоставувајте себеси. Исполнета жена е среќна жена, и само така може да биде посветена мајка и добар пример за своето дете.

*Колку често подготвувате оброци дома, дали сакате да готвите, колку имате време и кој е вашиот омилен рецепт?

-Обожавам да готвам и готвам секој ден. Пак ќе кажам, времето го имаме, само треба добро да се организираме. Кај нас дома, готвењето е тимска активност со мојот син. Сега се интересира за сѐ што се случува околу него, па така обожава и да ме гледа додека готвам и тропкам со кујнскиот прибор.

Неговите кашички исто така ги приготвувам дома секојдневно. Голем противник сум на купечките кашички за деца со додадени шеќери. Се обидувам да му воведам здрави навики уште од сега.

Омилен рецепт кој го приготвувам барем еднаш неделно е рижото со лосос. Сопругот го обожава!


*Како ја негувате од друга страна внатрешната убавина?

-За мене, негувањето на внатрешната убавина е тесно поврзано со секојдневните активности кои веќе ги спомнав. Време со семејството и фитнес за “душата” и менталното здравје, а читање книги и литература поврзана со студиите за едукација и персонален развој.

*Што мислите дали надворешната убавина е пресудна за оставање на прв впечаток?

-Дефинитивно да. Човекот е битие кое сака да гледа визуелно убави нешта и често е привлечен од нив. Но, за впечаток на втор поглед, мора да оставите и нешто повеќе од само визуелна привлечност. Интелектот, харизмата и начинот на комуникација со останатите е тоа што ќе ве издвои и по што ќе бидете запамтени.


*На која дама ѝ се восхитувате и зошто?

Ѝ се восхитувам на Опра Винфри. Зарем има некој што не ѝ се восхитува?

Секогаш средена дама, со префинет вкус. Успешна жена која му докажала на светот дека упорноста, напорната работа и континуираното вложување во себе, без разлика од каде доаѓаш, вродува со плод. Пример за секоја жена која некогаш се посомневала дека нема да успее во светот на бизнисот и претприемништвото.

*Каква според Вас треба да е современата жена?

-Современата жена треба да е силна, упорна и да се залага за остварување на сите свои цели и соништа. Треба да е жена која е сигурна во себе, среќна во своето тело и најважно, да се одвојува од останатите со својата самодоверба каде и да стапне.


*Ни откривте дека 1 година сте студирале на универзитет во Шангај и зборувате кинески. Кажете ни нешто повеќе околу ова ваше искуство, за животот на Кинезите, колку е тешко да се учи кинески?

-Тоа беше едно прекрасно искуство. Иако ја немав можноста да отидам во Кина поради пандемијата со Ковид вирусот, учењето од професори од Кина и комуникацијата со луѓе од различни култури од целиот свет ќе ја помнам засекогаш!

Освен јазикот, од кинеската култура научив многу. Кинезите се многу скромни и приземни личности. Исто така, се и многу позитивни. Тие немаат збор со кој можат да кажат дека се чувтствуваат “лошо”, туку го користат “不好” што во буквален превод значи “не-добро”. Речиси никогаш не велат само “добро”, туку “很好“ - “многу добро”! Секогаш се трпеливи и подготвени да ти помогнат. Учењето на јазикот со такви професори беше полесно од што очекував.

Се запишав на програмата за учење на јазикот затоа што првичната цел ми беше да продолжам да студирам во Кина. Навистина ги ценам нивните достигнувања на сите научни и технолошки полиња. Но, учењето онлајн на универзитет кој се наоѓа во друга временска зона и не беше така едноставно. Предавањата ми почнуваа во 3 часот по полноќ, а ми завршуваа во 14 часот попладне. Целиот биоритам ми беше сменет, што на долг рок и не е така здраво. Па затоа, ја завршив програмата за учење на јазикот и потоа го започнав студирањето во нашата држава.


Ирена Ставрова