Нема пострашно животно од човек со неразвиена свест: Интервју со Камка Тоциновски

Добивај вести на Viber

Откако при крајот на ноември минатата година беше во Каиро на премиера на филмот „Преекспонирано“ во кој игра, Камка Тоциновски е полна со впечатоци за овој град за кој со љубов раскажува. Очигледно е дека сѐ што прави нашата позната актерка, го прави со голема посветеност, од улогите во кои внесува дел од својата личност, до животните за кои посветено се грижи. Вели дека актерот, за да изигра еден лик треба прво да е вљубен во него и да му вдахне живот. За фактот дека за неа се сосема оправдани овие зборови, говори нејзиниот успех кај нас, надвор и во бројните улоги во Србија, каде што по хит- серијата „Беса“, следуваат уште многу нови снимања.  Дел од својот живот, Камка открива за Женски магазин.

*Како субјективно би го опишале ликот на Ева во „Кајмак“, што е всушност нејзината слаба и нејзината добра страна?

 -Тоа е бескруполозноста, вообразеноста, снобизмот, изразената амбиција која во основа е етички квалитет, а  Ева го губи како таков. Ева е самоуверена, одлучна, интелигенетна, лојална и во неа сепак има емпатија. Таа не е емотивен инвалид, само свртена кон сама себе и научена да ги добива работите по секоја цена.

*Има ли барем дел од Ева во Камка и обратно, имавте ли можност дел од себеси да пренесете во ликот?

-Секогаш. Затоа и ви ја доверуваат улогата. Режисерот мора да го препознае потенцијалот на кој ќе може да се потпре и да надоградува, на актерот е да вдахне живот на ликот. Оживувањето на еден карактер е комплексна работа, затоа што не може произволно да му се доделат атрибути во градењето на психолошката карта. Тие секогаш мора внимателно да бидат одбрани. Има нешто што е и хемија помеѓу вас двајца, актерот мора да е заљубен во својот лик, да го оправда, целосно да стои позади него  и обратно. Да му отстапи место наспроти сите свои лични убедувања и принципи .

*Ева во „Кајмак“ и Катерина во „Врба“ кои вие ги играте имаат една сличност, и двете се борат за потомство. Може ли да се споредат овие два лика, наоѓате ли дека се слични?

-Јас би ги споредила во нивните разлики. Катерина го сака тоа за себе, но Ева го прави за љубов на другиот.

*Филмот во кој играте, „Преекспонирано“ на Елеонора Венинова ја имаше својата премиера во Каиро, какви впечатоци носите од оваа посета?

-Каиро, град со дваесет милиони жители е ретко доживување. Првата работа која ве плени е секако најдолгата река на светот, Нил. Каиро е сообраќаен хаос во кој единственото правило е дека нема правила. Времето беше кратко, но фестивалот сепак организираше посета на пирамидите во Гиза, единственото сочувано светско чудо на античкиот свет. Во Египетскиот музеј на Каиро, кој е најголем музеј на староегипетска историја и уметност, еден од петте најголеми во светот, ги видовме импресивните три ковчези на Тутанкамон, како најголема атракција на овој музеј.  Истиот поседува над 130.000 експонати и многу депоа кои сѐ уште не се отворени за јавноста.  Едноставно е невозмозно во еден ден да се види што сѐ оваа древна цивилизација успеала да презервира. Филмот имаше убав одзив кај публиката, иако беше цензуриран за пошироката јавност. Секој фестивал за нас е драгоцено искуство. Запознавате поинаква култура, ја преставувате вашата, се разменуваат идеи и се остваруваат контакти за можни идни соработки. 

*По вашиот успех во Србија со серијата „Беса“, доаѓаат ли други понуди од српските продуценти и режисери?

-Србија во момоментов има хипер продукција. По „Беса“, со Душица Настова, го снимавме играниот хорор филм “Мудбрицк”, а потоа работев и на серијата “Посета” . Во меѓувреме се случуваат и кастинзи за идни проекти.

*Што ве прави среќна кога не работите, што работите кога ништо не работите?

-Работата ме прави среќна затоа што го работам она што го сакам. И кога не работам, времето го исполнувам со сѐ што е неизоставен дел од мојата професија. Филмови, серии, театар, книги, откривање нова музика. Моето куче Лепа ми е најпријатното друштво, на кое еве веќе девет години безрезервно му се посветувам .

*Колку ви е важна модата, негата, спортот- имате ли некои лични ритуали кои ги негувате?

 -Модата ми е веројатно на последно место, негата и спортот се нешта кои самата професија ги наметнува. Ритуал е секое поминато време со Лепа.

*Во Струга се случи убиство на улични кучиња. Како вие како личност која се грижи за миленик гледате на овој проблем со голем број на улични кучиња, од каде потекнува и како да се реши? Ни станаа ли улиците небезбедни за движење ?

-Во Струга се случи масакар со предумисла. Не можете превентивно да одземете живот и секое релативиризирање со нужна одбрана и внучиња се граничи со глупост и ниска свест. Големиот број на улични кучиња се веќе долго време проблем, кој не се решава со нервни отрови, со кој Земјоделската апотека така ноншалантно се расфрла, со пушка и со омраза кон животните.Тие се проблем и за нас самите, не ретко и домашните миленици се нападнати од чопори. Од друга страна, не може на секое куче да се гледа како опасност, како што и не секој искача со пушка да убие сѐ што може да му се види како потенцијална закана. Градските власти конечно мора да превземат мерки кои не се нуклеарна физика. Тие урнеци веќе постојат и се оддржливи. Пред сѐ да се зголеми капацитетот и работната рака на еден стационар. Прстот погрешно се вперува во невладините организации и активисти. Ова е обврска на оние кои носат законски одлуки. Ако општините имаат буџет за решавање на оваа проблематика, зошто не гледаме никаков резултат? Од сите десет општини на град Скопје, само општина Аеродром, Центар и Гази Баба редовно даваат пари на ЈП Лајка. Вработените на ЈП Лајка до неодамна немаа земено плата три месеци. Но, дали можеме и да се надеваме на подобрување во една ваква рушевина од држава со дисфункционални институции !? Настанот во Струга не е ништо друго освен доказ дека ние потфрливме како општество, се разведовме од многу работи па и од здравиот разум. И не, не мислам дека уличните кучиња се нашиот најголем проблем. Нема пострашно животно од човек со неразвиена свест. Тие за разлика од нас, не боледуваат од самоуништувачки синдром.

Милица Џаровска