Немам трикови за убавина, користам само хидратантна крема: Искрено интервју со Стево Пендаровски

Добивај вести на Viber

Многу читам и пишувам книги, а дел од времето го поминувам во спортување, но тренирам сам, во мојот дом, не одам во клубови, открива Пендаровски за „Женски Магазин“

Претседателскиот кандидат Стево Пендаровски признава дека многу ретко сам ги одбира парчињата облека и дека во најголем број случаи ги слуша советите на неговата сопруга. Токму за бракот со Елизабета која е девет години помлада од него, но и за синот Огнен кој е средношколец искрено зборува во ова интервју. Што го порави среќен, а што може да го расплаче читајте во продолжение.

* На почетокот на месецов наполнивте 56 години. Во повеќе наврати и самите изјавивте дека луѓето се пријатно изненадени кога ќе дознаат за Вашите години кои гордо ги кажувате. Дали имате трикови за убавина?

-Немам посебни трикови за убавина, мојот изглед се должи на генетиката и на релативно умерениот начин на живот. Никогаш во животот не сум пушел, алкохол пијам ретко и во мали количини, и тоа исклучиво кога сум во друштво.

* Каков е Вашиот дневен козметички ритуал? Ете, на пример, со какви препарати го негувате лицето?

-Ништо специјално, освен гел за бричење и балсам после бричењето секојдневно користам и хидратантна крема за лице.

* Важите за еден од оние мажи кои навистина внимаваат на својот изглед. Колку следите мода? Дали сами ги одбирате парчињата кои ги носите?

- Не сум моден фанатик, но се трудам да изгледам средено, пред сѐ заради моите работни ангажмани во изминатите години. Многу ретко сам ги одбирам парчињата облека, но во најголем број случаи ги слушам советите на мојата сопруга, која на тој план е далеку поверзирана од мене.

* Дали купувате дизајнерски парчиња? Кое е најскапото парче облека во Вашиот плакар?

- Никогаш не сум бил роб на брендовите, ако некогаш и носам производ од попозната марка, тоа мора да биде по пристапна цена, што нема да го оптовари семејниот буџет.

Пендаровски со сопругата Елизабета и со синот Огнен

* Со сопругата сте две децении во брак. Сте се запознале во еден исклучително тежок период за неа. Со што Ве освои?

-Кога ќе наидете на сродна душа едноставно чувствувате дека сте еден за друг и за тоа тешко можете да најдете дефиниција. Бети е комплетна личност, нѐ интересираат исти работи, полна е со разбирање за партнерот, домот и семејството. Станува збор за едноставна личност и посветена мајка и сопруга.

* Елизабета е девет години помлада од Вас. Во денешно време таа разлика во години е нормална појава и се’ почесто ја има, но како беше во таа 1996 година кога практично се вљубувате?

-Немаше никаква разлика и тогаш и денес тоа не претставува никаков проблем ако наидете на вистинската личност. Не ја „прелажав“, ако мислите на тоа затоа што сум 9 години постар од неа (се смее).

* Ова е Ваш втор обид на претседателските избори. Во кампањата од 2014 година, во официјалната најава, меѓу другото, беше потенцирано: „Колку да се знае, Бети си го задржува своето презиме“. Тоа значи дека отсекогаш сте размислувале проевропски, растеретен од оние класични манири што му ги препишуваат на еден просечен Балканец?

- Да, секогаш сум верувал дека мажот и жената треба да се апсолутно рамноправни во бракот, и ако желбата на жената е да го задржи своето презиме, мажот тоа треба целосно да го респектира.

Она на што најчесто инсистирам, е да разговара со сите, но одлуките во сопствениот живот да ги носи самостојно, вели Пендаровски за синот

* Имате едно дете-средношколец? За што најчесто разговарате како татко и син? Кои се неговите интереси, професионални, но и во животот воопшто?

- Помал дел од времето разговараме за неговите обврски на училиште, додека почесто разговараме за секојдневни, дневни теми, при што јас се трудам да бидам негов другар, а не само негов родител. Она на што најчесто инсистирам, е да разговара со сите, но одлуките во сопствениот живот да ги носи самостојно. Постојано го охрабрувам да ги преиспитува советите што ги добива од страна, вклучувајќи ги тука и оние од неговите учители и родители. 

* Што Ве прави среќен, а што може да Ве расплаче?

- Среќен сум кога гледам дека моите најблиски се среќни, а несреќен ме прави кога ќе видам дека за жал, многу луѓе не добиваат вистинска шанса во животот.

* Каде го насочувате креативниот дух, кога не сте фокусирани на обврските?

- Многу читам и пишувам книги, а дел од времето го поминувам во спортување, но тренирам сам, во мојот дом, не одам во клубови.

Ѓорге Стојанов