Немав сила да пеам, поради мајка ми продолжив: Емотивна промоција на Биба Додева
Поради мајка ѝ која почина пред три години, Биба Додева продолжи да пее. Пејачката и претседателка на здружението „Борка“ вечерва го промовираше својот нов албум „Незаборавни“, на кој заедно со својот долгогодишен пријател Владимир Дојчиновски- Дојчин, преработија 11 македонски евергрини.
Среќна и видно возбудена што по долго време организира промоција на албум, ги покани сите нејзини драги луѓе. Најдрагиот гостин, ѝ подари цвеќе, нејзиниот внук Александар.
„Мојот внук е мојата најголема поддршка. Долго време ме немаше со албум, и среќна сум што ова е првиот поп албум во оваа 2020 година. Подолго време немав желба и сила да запеам, но се сетив на мојата мајка која секогаш ми велеше дека треба да продолжам да пеам. Татко ми е тука, а мајка ми сигурно сега ме гледа од горе и се гордее што ја послушав. Продолжив да пеам поради неа, поради ќерка ми, татко ми, мојот внук, а заслужен за сево ова е мојот Баце Дојчин“, рече Биба пред пријателите.
Многу домашни музичари дојдоа да ја поддржат Биба на овој нејзин специјален ден: Дарио, Александар Масевски, Џина Папас- Џокси, Григор Копров Пере од Нокаут, текстописецот Огнен Неделковски, неговиот син, композиторот Филип Неделковски. Меѓу гостите беше и нашата редовна колумнистка, поетесата Ана Бунтеска, која е автор на текстот на песната „Како некогаш“, со која Биба лани победи на фестивалот „Охрид фест“. И оваа песна е дел од албумот како бонус трака.
„Песната е автобиографска, и на Ана, и моја и на сите оние кои што изгубиле некого. Уште во периодот кога ја загубив мајка ми, ѝ реков на Ана дека ако решам албум да правам, сакам таа да ми ги пишува текстовите “, ни изјави Биба минатата година по фестивалот „Охрид фест“, и рече дека песната ја посветила на љубовта на својот живот која ја загубила.
Од насловите на песните кои се преработени, „Еден бакнеж“, „Скопје“, „Сонце за 3 светови’, „Едно срце“, Ана Бунтеска напиша оригинална песна коај на нарече „Незаборавни“.
Албумот е снимен во студиото „Блу“, придружните вокали ги испеа Сара Пројковска, мастерингот го направи Иле Спасов.
М.Џаровска
Фото: Вангел Тануровски