„Недосадни игри“ за деца и вежби за фит-тело: Педагогот и инструктор Марина со совети за домашната изолација
Марина Стоилкова Симеонова е инструктор за аеробик и педагог по здравствено и физичко образование во градинката „Распеана младост“ во Скопје.
Додека вондредната ситуација во земјава поради коронавирусот, налага седење дома за заштита од истиот, Марина за Женски Магазин сподели совети за „убивање“ на досадата кај децата, како и вежби за да останете физички активни и во домашна средина.
За наша заштита и на нашите најблиски, како и наша општествена одговорност е да ги почитуваме препораките на министерството за здравство: дезинфекција на се живо, миење раце, изолација, си седиме дома, минимално движење за некои неопходни набавки.
- Вистински предизвик е да се поминува 24/7 со две деца, без никаква можност да се излегува, да се оди на посета или некој да дојде, па се трудиме да го надминеме периодов колку е можно полесно, со активности кои за сите ќе бидат пријатни.
Кај нас најмногу функционира следење на одредена дневна рутина. Наутро заедничко спремање сокчиња, смутија, следење школски активности и така натаму. Исто многу ни помага тоа што имаме двор, па поголем дел од денот го поминуваме надвор, без притоа да бидеме во контакт со други луѓе. Во вечерните часови играме некои игри, гледаме филмови или едукативни програми, многу често вежбаме и играме спортски натпреварувачки игри кои го вклучуваат целото семејство и многу го поткреваат расположението. И тоа го повторуваме секој ден, само со изменета содржина и на тој начин добиваме чувство дека извршуваме дневни обврски и многу полесно ни поминува денот- објаснува таа, а во видеото може да погледнете како изгледаат дел од интересните игри со нејзините синови.
Кога сме кај вежбањето во домашни услови, Марина како инструктор по аеробик советува да си одредите термин во денот кој ќе ви биде резервиран за вежбање, задолжително да се загреете пред вежбање, и да одредете по 2-3 вежби за секоја регија.
- Со моите вежбачки остваруваме онлајн тренинзи, по истиод редослед и тајминг како претходно, за да ја одржеме мотивацијата на високо ниво и да го намалиме стресот и негативниот ефект од седењето дома. На тој начин остануваме во добар дух, си го подобруваме расположението и се подобрува општата психофизичка достојба и општото здравје. Познато е дека аеробните вежби и кардио тренинзите го подобруваат кардиоваскуларниот систем, а тоа во овие моменти ни е многу потребно. Затоа ако до сега сте немале време, или финансии, или клубот бил далеку, сега немате такви изговори, едноставно преку телефоните( и така ни се по цел ден во рака) вклучете се и вежбајте онлајн- додава таа.
Ова се пример вежби, предлог на Марина кои може да си ги правите дома додека сте во домашна изолација:
1. 3 вежби за кардио тренинг - скокање, трчање во место и скокови со раширени нозе (jumping jacks)
2. 3 вежби за нозе- чучнувања, чучнувања со страничен исчекор, чучнувања со предчекор ( за поинтензивно вежбање може да се додаде тегчиња или дополнителни скокови измеѓу)
3. 3 вежби за раце и трупа- брпис, планк (модификации на планк со една рака или со вртење) склекчиња
4. 3 вежби за стомак легнати на под( стомачни со кревање на труп, стомачни со кревање нозе, стомачни со истовремено кревање раце и нозе). Може да се додадат вежби за задник, кревање колкови легнати на грб, кревање нога во положба на колена.
5. 1-2 вежби за грб легнати на стомак
6. И на крај задолжително истегнување
- Во овие вежби можете да ги вклучите и децата, ако се бебиња дури може и да ги кревате како тегчиња. Уште полесно би било да се вклучите онлајн преку мобилен и да вежбате со тренер, така би било поинтересно, помотивирачки и веројатноста да ја правите вежбата погрешно е многу помала- предлага таа.
Даница Караташова