Неприродно е да не смеам да ги гушнам родителите: Водителката Елена за изолацијата

Во периодот на изолација и претпазливост поради коронавирусот, водителката Елена Стојановска вели дека не е исплашена. Внимава на препораките за ограничување на движењето, но ѝ пречи што не може да ги гушне родителите кога ќе посака.  

"Нашата утринска емисија "Ја сакам Македонија" на Сител не е на пауза но со колегите воспоставивме смени од по една недела за да можеме да функционираме со помал ризик. Постојано сум во тек со сите информации и поради природата на нашата работа, но и од внимателност. Смирена сум и кога не сум на работа многу убаво ми поминува времето со семејството. Се воздржувам од непотребни излегувања но јас си ја сакам слободата како секој човек. Искрено и пред оваа ситуација многу си го сакав семејството, си го одржував домот, си правев вкусни јадења и внимавав на хигиената. Не сметам дека нешто допрва откривам! Од друга страна не ми е природно да не смеам да прошетам по 16 часот и да ми биде луксуз да си ги гушнам родителите", изјави Елена за Женски магазин.  

"Токму затоа, посакувам само полесно и со многу малку жртви да се излечеме од сево ова. На сите Ваши читатели и на Вас,мои почитувани колеги ви посакувам добро здравје. Чувајте се!", порача убавата водителка. Ќерката на Елена и на Огнен, Ина има седум ипол години. 

Во претходно интервју за Женски магазин, таа зборуваше за своите ритуали за убавина.  "Сите кои ме познаваат знаат дека со спортот сум на вие. Вежбам кампањски и никогаш не се претворив во некој спортски тип. Најчесто место член јас сум спонзор на теретаната затоа што ќе платам членарина и не одам. Но, сакам да пешачам и мислам дека тоа многу ми помага“, изјави Елена.  

М.Џаровска