НЕЖЕН ЧОВЕК Е СИЛЕН ЧОВЕК!

Добивај вести на Viber

ЛИЧНОСТ X: „Му дозволуваш да прави сè што сака?“

ЈАС: „Па, му дозволувам многу работи и се обидувам да не му велам пречесто – НЕ. Сепак, му поставувам некои граници. Сметам дека е важно да учи да почитува, но од друга страна не му ги сечам крилата и желбите сега, кога сака да истражува.“

ЛИЧНОСТ Х: Ама, ќе го разгалиш така. Лесно се расипуваат децата. Те имам читано во едно интервју во кое зборуваше колку ти е важно да немаш разгалено дете.“

ЈАС: „Точно, но верувам дека љубовта во никој случај не може да расипе. Може само да создаде. Башка, разнежнување не е исто што и разгалување.“

ЛИЧНОСТ X: „Ех, сега, не било исто... Добро, тогаш како ќе го научиш да биде борец?“

ЈАС: „А зошто мислиш дека тоа не оди едно со друго? Љубовта и борбеноста не се компатибилни? Ако љубовта не нè учи да се бориме за она што го сакаме, тогаш што нè учи?

ЛИЧНОСТ X: „Премногу нежност прави лигави луѓе!“

ЈАС: „Не се согласувам. Нежноста не ја исклучува можноста да бидеш силен. Мислам на духовно силен, ако ме разбираш?“

ЛИЧНОСТ X: „Не сакаш да си признаеш дека си на добар пат да го направиш зависен од тебе.“

ЈАС: „Како мислиш зависен од мене? Па, тој е толку малечок што физички секако е зависен од мене, па и емоционално. Но, тоа е нормално за оваа фаза. А, ако мислиш дека сакам да направам емотивен инвалид, тогаш не ме познаваш. Всушност, воопшто и не ме познаваш оти првпат се среќаваме во ова друштво, но јас немам проблем да полемизирам и со туѓинци, ако целта им е да ми дадат конструктивен совет, но...“

ЛИЧНОСТ X: „Мислам дека вие мајките сте виновни за мамините синови кои остануваат незрели до крајот на животот.“

ЈАС: „Јас, пак, мислам дека емотивната зрелост е резултат токму на љубов, а не обратно. Паралелно со учењето на логичките работи на децата треба да им ја развиваме и емоционалната интелигенција.“

ЛИЧНОСТ X: „Како? Така што ќе им купувате милион играчки?!“

Е, тука веќе немав желба да продолжам да се објаснувам за тоа како мислам дека треба да го воспитувам своето дете на човек кој очигледно има потреба на сè да оди контра. 

Следната реплика веројатно ќе беше за децата во Африка, дека таму дечињата си играат со камчиња и тоа им е доволно, а дека нам, на луѓето од западниот свет, ни е потребен цел куп играчки. За мегаломанијата која ја живееме, за... Сигурно ќе навлезевме и во тоа дека некои деца немаат основни права за достоинствен живот, како чиста вода за пиење и храна. Следно ќе беше за експлоатацијата на детскиот труд и трговијата со деца во криминалниот синџир... И сè ова ќе имаше одлична поента ако човеков со кој случајно се најдовме во исто друштво и се фативме на костец во муабетот имаше барем малку слух за туѓите аргументи. Ама не, некои луѓе влегуваат во дискусија само за да контрираат (така веројатно се чувствуваат паметни) а, јас тоа го нарекувам его-мастурбација! Верувам дека сте запознале такви луѓе...

Порано имав повеќе нерви за сечии аргументи, но денес сум скржава за своето време и не ми е предизвик да разубедувам некого само за да докажам дека сум во право. Вербалната војна ја оправдувам само ако резултатот е лекција за поарно, во спротивно е изгубено време. А луѓето сè поретко се слушаат еден со друг. Но, по некое време стануваш детектор на тоа што е вредно и важно и со кои работи можеш да направиш некаква промена на подобро, а кои ти ја исцрпуваат енергијата. А промените не се својствени само за големите херојски дела туку се можни и преку секојдневните, навидум банални работи на кои реагираш во околината, во маалото, во домот... подучувајќи ги другите или понекогаш и самата учејќи. Само така човек расте, индивидуално и колективно.

Во контекст на растењето, братучед ми пред некое време ме праша дали откако имам дете сум почнала да зборувам во множина. Мислеше на она „еве само што јадевме“ или „конечно заспавме“ (се смее). Се разбира дека НЕ, му одговорив. Не почека да кажам уште некој збор, тој веќе скокна да ги исмева оние родители (особено мајки) кои зборуваат на тој начин. Пробав да му образложам дека коренот на тоа можеби лежи во недостатокот на самодоверба што ја имаат луѓето, па кога ќе им се роди дете, наеднаш се чувствуваат реализирани и добиваат некоја чудна самодоверба. Но, намерата не ми беше да ги судам, туку да преиспитам зошто некои луѓе имаат потреба да се реализираат себеси исклучиво преку светот на своите деца. Зошто ги забораваат сите свои други идентитети?

Коренот на проблемот го гледам многу подлабоко, во детството и во образовниот систем што нè учи да бидеме пасивни и репетитивни. Врвот во нашето образование е да ја повториш напамет научената лекција или да ја кажеш наизуст научената дефиниција. Многу ретко децата ги поттикнуваме да поставуваат прашања, да бидат љубопитни, критички да размислуваат, па дури и да се спротивстават на авторитетите. Генерално, резултатот е два типа луѓе. Едните се пасивни, субмисивни, затворени и главно незаинтересирани за светот околу себе или со еден збор медиокритети, а другите се пасивно-агресивни, бунтовници без причина или контраши по убедување. Третите, оние со широк дух, кои размислуваат со своја глава, ама не од инает и не за натпревар со другиот, ами за натпревар со себеси, се најмалобројни. Таквите индивидуални проблесоци се ретки.

И сега, од каде почнав, а до каде дојдов... Да, почнав од дијалогот со еден човек кој на работите гледа во црно-бела диоптрија и низ шемата на стереотипите. Но, овој човек е слика за нашето општество, за жал. Според него, ако имаш машко дете треба да го воспитуваш спартански, да не биде премногу емотивно и разгалено од нежност, за утре да биде силен маж. Таквиот светоглед раѓа фрустрирани луѓе, а фрустрираните луѓе се несреќни. Затоа, проблемот не е во тоа дали ќе му даваш многу љубов на детето, ниту, пак, во стравот дека ќе го разгалиш, туку, давајќи му љубов, дали ќе му ја развиваш индивидуалноста. Да го научиш да биде свој, самоуверен и независен. А кога велам независен мислам на независен од идолопоклонство, независен од вештачки наметнати авторитети и независен од суета.

Такви можат да бидат само луѓето кои се полни со љубов. Тие не се плашат да бидат отворени кон другиот, не се плашат да бидат ранливи, не се плашат да бидат поинакви. За нив, излегувањето од комфорната зона не е излегување од под „сукњата“ на мајка им, туку излегување од своите закоравени позиции штосе подготвени да ги преиспитаат и ако е потребно и да ги променат. Само нежен човек може да биде силен, затоа што има разбирање и капацитет за прифаќање.

А во однос на тоа дали ме фаќа гризење на совеста да не го разгалам моето дете... НЕ! Детството е единствениот безгрижен период кога животот има светли бои. Еден ден светот на играта ќе биде заменет со светот на вестите. Многу брзо ќе дојде време кога разочарувањата во животот ќе му бидат дел од дневното мени. И дури да трепнам ќе сознае дека светот е груб и неправеден. Дури да се свестам, бруталноста ќе му се сервира на секој чекор. Ќе се најдат луѓе кои ќе сакаат да му ги скршат крилјата што ти си му ги градела. Луѓе кои ќе профитираат на неговата искреност и луѓе кои ќе му ја украдат насмевката. Такви што ќе му прават психолошко насилство, а богами и такви што ќе го повредат и физички. На патот ќе му излезат нерешливи проблеми пред коишто ќе се чувствува мал и немоќен. Ќе има денови што се сиви и тешки. Ќе има и загуби и мигови што ужасно ќе болат. Денови кога очите ќе му бидат суви, а полни со плач... Затоа, сè додека можам ќе му правам да се чувствува семоќен и среќен. Ќе го разгалувам од љубов, за да зрачи со љубов! Сите други теории за тоа што е силен човек (маж) се со поминат рок!

За Женски Mагазин АНА ЈОВКОВСКА, новинаркa,писателка и менторка за личен развој