Ние можеби и не постоиме, а вие сте всушност совесните: Јанкуловски од Центар за јавно здравје

Денис Јанкуловски - техничар на терен за правење на КОВИД-19 тестови, при Центар за јавно здравје - Скопје, на Фејсбук го сподели искуството на вработените на терен во време на коронавирусот.

„Ова подолу напишаново е искуство. Освен за оние што ќе протестираат. За нив веројатно е тресење зелени.

Утро, негде околу 8 саат.

Почнуваш со процедурата: ставаш маска, ракавици 3 пара, скафандер. Проверуваш стопати дали си како што треба облечен. Проверуваш уште стопати дали имаш се што ти треба.

Влегуваш во кола и одиш на дестинација.

Кој стан? 24. Спрат? Петти. Лифт имате? Не. Ј*г Пиги 

Одиш пешки на петти спрат, колената ти се крш, ама тие сега не се ни под точка разно. Стигаш пред вратата со замаглен визир, ти треба некоја минута да земеш воздух. Ок, може.

Ѕвониш. Отвара девојка на 30-тина години, гледаш дека не е баш океј.

Како сте? Лошо, се ме боли, имам 2-3 дена температура, цела снага ми е лом, секое ковче ме боли. Добро што дојдовте, да видиме дали е вирусов па да знаеме што понатаму. Можеби и на Инфективна ќе треба да одам.

(ја гледам девојкава, измачена, тешко се движи, ликот и е уморен, со насолзени очи ама се труди и максимално соработува)

Ајде, викаме со колегата, ќе помине се, па и да треба да одиш на клиника, секогаш е подобро за се кога си на лице место а таму персоналот е одличен, ама дај боже да не е коронава.

Се враќаме во колата со максимална концентрација за протоколот, секој чекор е и тоа како битен да не биде ништо згрешено. Во мислите ни е девојката.

Не знам што бидна со неа, цело време држам палци, се надевам дека е во најдобар ред и дека ќе го чита ова. Искрено посакувам да видам некој нов непознат like, а ќе знам ако е таa.

Одете протестирајте затоа што коронава е лага, ова горе напишаново што го доживеавме со колегата е измислено, фантазија, ние можеби и не постоиме а вие сте всушност совесните.

Ама пред да одите застанете пред огледало, чукнете се по тоа празното на вратот што ви стои одозгора и прашајте се едно прашање:

Што правам бе јас?!?!?“