НОВА ГОДИНА И ШКОЛКАТА
Долго верував дека Дедо Мраз постои. Моите родители не сакаа да ми ја скршат илузијата, исто како што порано кога ние бевме деца, мислевме дека бебињата ги носи штркот. Денешните деца зборот секс го знаат пред зборот те сакам. Како и да е, секоја Нова година ми беше како бајка. Го паметам мирисот на снег помешан со мирис на свежо печен, топол домашен леб. Надвор снегулките танцуваат танго, две по две како во љубовен пар, а внатре, светилките на елката играат брејкденс, правејќи виножито од бои. Подоцна, кога дознав дека не постои Дедо Мраз, не се насекирав многу оти мајка ми и татко ми ја продолжија дедомразовската традиција на подарување. Е, тука почнуваат моите празнични с’клети на душата... Каде е Дедо Мраз за оние дечиња чии родители едвај врзуваат крај со крај? И зошто Дедо Мраз не е дарежлив за сиромашните семејства?
Се сеќавате на приказната за девојчето со кибритчињата? Тоа не е приказна измислена од Ханс Кристијан Андерсен, ниту, пак, сказна на Дизни. Тоа не е парче сценаристка патетика скината од филмското платно, туку приказна од вистинскиот живот. Но, некако не ги забележуваме околу нас замрзнатите девојчиња со кибритчиња додека брзоглаво итаме низ трговските центри. За тие деца нема подароци под елката... Ниту домот им е топло огниште...
Во 21 век топлите огништа не се луксуз, а нив сепак ги немаат сите. И додека реалноста не ти влепи шлаканица, не ги гледаш таквите луѓе. Минатиот декември имав можност да водам еден хуманитарен настан и додека стоев на бината со подготвен говор, на неколку метри од мене на улицата „живееше/домуваше“ девојка која нема покрив над глава. Јас требаше да филозофирам нешто, а до мене се одвиваше вистинска животна драма. На студената земја имаше фрлено само едно старо ќебе. Тоа веројатно ѝ беше единственото парче топла покривка за студените зимски денови. И тогаш се прашав: Се плашиме ли да ги погледнеме в очи луѓето кои се обидуваат да го обезбедат своето парче леб? Често замижуваме пред туѓите проблеми, дури и ние, кои себеси се сметаме за освестени граѓани и се воспитуваме себеси да бидеме чесни, хумани, пожртвувани и солидарни. Кога ни е добро, го спуштаме погледот пред грдото лице на неправдата.
Сто милиони луѓе во светот немаат свој дом!!! Годишно во просек околу 300 граѓани во Македонија остануваат без дом. Бездомниците се категорија на луѓе што сите ги игнорираат. За жал, некои луѓе ги немаат ни основните човекови потреби – храна и топол дом, а уште помалку можат да размислуваат да си дозволат некои фини нешта. А тие луѓе, исто како и ние, сонуваат во боја, сакаат убава облека, добра музика, забава... Не сум некој интелектуален циник кој цврсо стои на ставот дека сиромаштијата не се решава со индивидуална хуманост или, пак, дека солидарноста не треба да доаѓа како милосрдие, туку како системско решение... сепак, тоа е вистината. Потребно е да имаме одговорни институции, социјална држава, закони... но, во исто време се присетувам и на моќната приказна за школката. Еве како тече оваа поучна сторија...
Еден човек минувал на брег на којшто надвор од океанот имало многу школки. Почнал да ги спасува, враќајќи ги една по една во водата. Во меѓувреме поминал друг човек и кога го видел што прави со потсмев му рекол: „Залудно е, пријателе. Зарем мислиш дека нешто ќе постигнеш? Не можеш да ги вратиш сите школки во океанот. Не можеш да ги спасиш сите“. А овој му одговорил: „Да, во право си, можеби не можам да ги спасам сите школки, но на оваа една на која ќе ѝ помогнам многу ќе ѝ значи“. И така некако, во стилот на големиот Ганди, би рекла: „Биди ти промената што сакаш да му се случи на светот!“ Се разбира, додека ги чекаме сериозните системски решенија, нели?!
И секогаш кога пишувам за личната заложба на „пазарот“ на сиромашни души, се фаќам себеси во една лицемерна позиција во која повеќе зборувам отколку што правам. Делата, а не зборовите, се вистинските мерки. Сепак, секое освестување е добредојдено и е чекор поблиску до промената. Верувам дека полека стануваме свесни дека културата на шопинг-центри нè прави слепи и отрпнати пред болките и немаштијата на луѓето. Заслепени од сјајот на материјалното, забораваме дека скромноста е доблест и дека секое наше прекумерно трошење и шопингување е нерационално во овој свет полн со сиромашни и беспомошни луѓе. Затоа, секоја Нова година, додека гледам трпези преполни со храна, прејадени и препиени луѓе, купишта исечени елки, прасиња со јаболко во уста, компјутери и таблети за деца под елка, тон светкави облеки и пластични играчки... се присетувам на девојчето со кибритчињата. Во нејзината приказна се огледуваат сите детски очи полни со солзи.
Празниците се навистина најтешкиот период во годината за луѓето кои немаат... Сурово потсетување на капката радост што им недостига... Затоа, без многу филозофирање, апелирам за малку свесност додека во очи на празниците трчаме по продавници како, кај и да е, да ќе дојде крајот на светот. Новата година ќе стигне и без нашата шопинг-манија и без нашата налудничава еуфорија! Она што можеме да направиме е да се потрудиме да стигне по некое новогодишно пакетче во нечиј скромен детски живот. На крајот на краиштата, помагајќи им на другите и ние ќе се чувствуваме подобро!
Ви посакувам среќни и спокојни празници!
За Женски Mагазин АНА ЈОВКОВСКА, новинаркa,писателка и менторка за личен развој