НОВА СРЕДИНА

Добивај вести на Viber

  Се враќав од факултет. Брзав, скоро трчав бидејќи од ветерот и од прашината не можев ниту да одам, ниту да гледам. Се очекуваше бура што беше најавена неколку дена претходно од метеоролозите. Темни, ниско поставени облаци го имаа прекриено целото небо. Темнината се пренесуваше низ целата атмосфера и ја предвестуваше бурата што доаѓаше. Силниот ветер ги пукаше соголените гранки од дрвјата и ги носеше со по некој останат жолт лист низ пустите улици. Птиците летаа во круг претчувствувајќи го невремето но не сакаа да се оддалечат. Во меѓувреме, почна да паѓа силен дожд. Досега не сум видела вакво невреме.

  Ме повикаа во трпезаријата. Таму беа собрани останатите девојки. Сите бевме уплашени. Немаше струја и сите заедно седевме во темнината. Не палевме ни батерии ни свеќи. Тоа беше мал пансион, а ние бевме студентки по медицина. Се вселивме пред некој месец. Овие неколку месеци одиме на јазик додека почне факултетот. Учевме јазик и полека се запознававме меѓу нас. Секоја од нас имаше соба со бања, а кујната со трпезарија ни беше заедничка. Не готвевме, јадевме во факултетската кантина, но некогаш варевме супа, чај, кафе, млеко и сл. Кога си заедно, малку по малку, се зближуваш. Има разни ситуации и мораш да се држиш здружено како на пример вечерашнава ситуација. Бев комуникативна и ми одговараше дружење. Во овој хаос, посакував да сум некаде на некое друго место, само овде не.

  Мислите си ги однесов далеку, во мојот крај. Потекнувам од обично семејство. Моите родители поседуваат пекара. Работат деноноќно. Имам сестра близначка. Се викам Дора, а сестра ми Исидора. Многу сме интересни. Ние сме физички сосема исти, но со сосема различен карактер. Спротивни, но се надополнуваме. Јас читам книги и сакам многу да учам и го сакам спортот и ја сакам музиката. Сакам да научам како се работи во пекарата и одев во пекарата дури да помогнам. Исидора сака модерно да се облекува, да шета, да троши пари, да се забавува. Имаше многу момчиња и сакаше да најде некој, кој ќе се грижи за неа. За мене тоа беше непотребно трошење време. Имам момче, Виктор, и со него се забавувам две години. Нашите родители беа слободоумни и ни дозволуваа да го живееме животот како нам ни се допаѓа.

  Во последната година од средното училиште конкурирав во странство за да добијам стипендија за студирање. Отсекогаш сакав да студирам медицина и да станам лекарка. Од мала се гледав себеси како личност, која ќе им помогнам на другите луѓе. Ако ми дадат стипендија, ќе ми се исполни желбата. Сите се обидуваме да останеме запаметени во смисла дека нашите најблиски нè паметат и дека убаво зборуваат за нас. Тоа е единствената работа што ќе ја оставиме – спомени. Сакам да придонесам за подобра иднина на целиот свет и затоа се одлучив за медицина во странство. Сестра ми остана во градот во кој живееме и таа се запиша медицина. Виктор се запиша на машински факултет.

  Медицината бара работа и многу дисциплина за учење, особено во првите три години поради големиот обемен материјал, што треба да се совлада за релативно кратко време. Она што е одлично за овој факултет е фактот дека има часови скоро секој ден, што дава една структура за да им помогне на студентите, особено на почетокот, да се фокусираат на нивните студентски одговорности. Подеднакво, ми се чини дека задолжителните предавања, вежби и семинари, како услови за потпишување на курсот, помагаат да се осигураме дека сите треба да научиме како добро да го организираме нашето време. Тешко ми е да кажам како е на другите факултети затоа што досега студирав само медицина, но, навистина, сметам дека нашиот распоред и нашиот концепт на студирање е добар, што е потврдено со фактот дека повеќето луѓе ја завршуваат медицината во предвидениот рок.

  Еден прозор се скрши и ме врати во реалноста. Брзо направивме барикади од столчињата и се пикнавме под големата трпезариска маса. Од скршениот прозор почна да влегува вода. Како поминуваше времето, така бурата стануваше пострашна. Почнаа и други прозорци да се кршат и почна водата да навлегува навнатре сè посилно. Ние собрани под трпезариската маса бевме заштитени, но до кога? Почна да ме фаќа паника, но бидејќи бевме сите заедно не кажав ништо. По извесно време, почна да намалува ветерот. Се слушаа капките дожд, што беа сè помалку. Не знам колку време помина и сè се смири. Надвор имаше многу вода, а внатре на првиот кат имаше направено базен, што се полнеше со вода. Некако по водата дојдовме до скалите. Се качивме горе и таму беше чисто. Седнавме сите во една соба и чекавме. Сигурно, спасувачките екипи се известени и ќе дојдат.

  Сум заспала на стол. Длабоко в сон слушнав разговори. Ги отворив очите. Навистина, имаше екипа од пет-шест мажи. Ја отвориле вратата и кажаа дека ја вадат водата со специјална пумпа. Рекоа дека ќе нè однесат во привремено прифатилиште. Имаше двајца момчиња од спасувачите, беа црни, но многу симпатични и си личеа. Додека јас и една девојка, Роза, отидовме да се облечеме, тие ги извлекоа другите. Кога излегов на скалите, еден искршен прозор падна врз мене. Кога се вратија по нас, јас бев целата в крв. Одвај нè симнаа, имаше многу вода. Нè кренаа и нè извадија надвор. Бев вчудоневидена колку беа силни и храбри. Веднаш, ме однесоа в болница каде што ме преврзаа и ми го запреа крвавењето. Ми кажаа да дојдам на контрола другиот ден и на преврска. Им се заблагодарив и се однесував дисциплинирано.

  Во прифатилиштето имаше и други луѓе. Ни кажаа дека ќе седиме околу еден месец. Апартманите и првиот кат ги оспособуваа повторно за употреба. Другиот ден, дојде едното момче да ме однесе на контрола. Кога ме виде, очите му засветеа. Чекајќи на лекар, започнавме разговор. Му кажав за себе од каде сум и зошто сум овде, а тој ми раскажа дека е од Алжир и дека овде исто е дојден да студира, но и да работи за да заработи пари. Ме гледаше со своите кадифени очи како елен. Обично, не бев многу заинтересирана за момчиња, но Кримо, така се викаше, ми стана многу интересен. Колку повеќе разговаравме, толку беше поинтересен. Следниот пат, ме однесе на преврска, но не се задржавме многу. Лекарот ја тргна преврската и кажа дека сега е во ред. Се уплашив затоа што сакав да го видам Кримо повторно.

СТУДЕНТКА