Новиот парк е симбол на возбудливи предизвици и мотивација за постигнување на посакуваната цел

Добивај вести на Viber

Разговараме со госпоѓа Ебру Радевски генералната менаџерка на Скопје Сити Мол. Фокусот го ставаме на најновиот проект кој Скопје Сити Мол кој овој реномиран трговски центар ќе го подари на општина Карпош. 

*Вие сте на чело на Skopje City Mall 10 години – низ кои промени или развојни фази помина компанијата и во која фаза на развој е моментално?

Е.Р.: Во денешно, современо Скопје, Скопје Сити Мол е знак и симбол за една радикална промена и, благо речено, револуција во трговската понуда. Како современ објект за масовна трговија, тој прерасна во симбол на главниот град. По својата функционалност, Сити Мол е концепт базиран на филозофијата „сѐ на едно место“, според која секој посетител може на систематизиран и на едноставен начин да оди во „шопинг“, да се забавува, да ужива во гастрономска понуда, и сето тоа да стане еден вид статусен симбол, но и можност за дружење и социјализација.

Развојот на животните навики и потребата од современа трговска понуда отворија простор за нов вид пазарување, престој и забава. Како одговор на таа фактичка состојба, инвеститорите го создадоа проектот “Скопје Сити Мол“ како еден вид регионален трговски центар, кој со себе за прв пат донесе широк спектар познати мултинационални брендови, почнувајќи од светот на модата, па сѐ до сегментите на храна и забава.

Задоволство ми е што ја имам можноста да бидам на чело на најдобриот трговски објект во Македонија. Управувањето и менаџирањето на Скопје Сити Мол беше, и сѐ уште е, комплексна работа. Тука, пред сѐ, мислам на континуираната потреба од анализи и следење на потребите и навиките на потрошувачите, преку социо-економските прилики, па сѐ до трендовите и конкуренцијата. За таа цел, имајќи го предвид исклучително високото ниво на доверба од страна на сопствениците, мојот тим и јас, како генерален менаџер, работиме на постојано планирање и имплементирање развојни фази. Преку плодотворна работа и посветен ангажман, веќе со години успеваме да одржиме континуирано високо ниво на понуда во Скопје Сити Мол. На пример, неколкукратно правевме трансформација и реаранжирање на трговската понуда во доменот на модата, како и во другите сегменти. Сепак, можам да кажам дека за да бидете навистина успешни, треба да ја имате поддршката од инвеститорите. Јас сум многу горда бидејќи работам за „Hyprop Investments“,кои никогаш не ја откажаа својата поддршка и довербата во мене и во мојот тим. И токму затоа, ќе ja продолжиме мисијата на нашата компанија: „Создаваме безбедни средини и можности за луѓето да се поврзат и да имаат значајни и автентични искуства”.



*Последните две години дојдовме во ситуација да мора целосно да промениме навики во животот, начини на работењето, водењето бизнис... Како успеавте да се носите со предизвиците поради пандемијата со ковид? Колку и на кој начин успеавте да го заштитите здравјето на вработените?

Е.Р.:Ние го надминавме тешкиот период со насочување нашето време и енергија на она што можеме да го промениме, како и да го прифатиме она што не можеме. Со гордост можам да кажам дека успеавме да одолееме на сите предизвици и проблеми во тековното работење кои се случија во изминатите две години. Со меѓусебна доверба, одговорна работа и посветеност на сите протоколи и правила што ги постави државата, се изборивме со сите тековни отворени прашања – како од аспект на интерни процеси помеѓу вработените, закупците и нивната флексибилност, така и во односот со сите наши посетители. Во оваа прилика сакам јавно да се заблагодарам на довербата укажана од сите кон Скопје Сити Мол!


* Како успевате да се носите со предизвиците на конкуренцијата, што е тоа што ве прави поразлични од останатите молови во Скопје?

Е.Р.: Како личност, секогаш ги гледам работите од позитивната страна. Позитивна конкуренција е кога се натпреваруваме со другите на начин што го покажува најдоброто од нас и од сите вклучени. Се работи за тоа да се предизвикаме самите себе, да дозволиме и нашата посветеност и вештина, но и мотивацијата на другите, да го извлече најдоброто од нас и да го искористиме нашиотмаксимален потенцијал. Водена од таа премиса, секогаш и без исклучок ја почитувам нашата конкуренција. Во тој однос, за мене е многу важно да се биде иновативен и да се следат најновите трендови во нашиот бизнис, со цел да се биде прв во однос на тоа кој го дефинира темпото на теренот. Тука, нескромно можам да кажам дека Скопје Сити Мол е сѐ уште генераторот и двигателот на трендовите и понудата во актуелните современи објекти за масовна трговија во Македонија. Таа позиција носи сериозна одговорност и токму затоа, постојано имаме висок степен на следење трендови, новини и интереси кај посетителите – фактори со кои го планираме нашиот развој. 

 *Што ве инспирира, од каде црпите идеи за да го одржите Скопје Сити мол во јака кондиција и конкурентен пазар?

Е.Р.: Постојат бројни размислувања што треба да се земат предвид при водење просперитетен трговски центар, но сепак, знаеме кои фактори се фундаментални за успехот и за тоа како да се изгради силен имиџ на еден бренд.Сликата на брендот го претставува она што купувачите го мислат за него и често пати, токму тоа е одлучувачкиот фактор за тоа дали ќе изберат да ве посетат. Потрошувачите треба да се чувствуваат инспирирани од имиџот на брендот, за да изберат да го посетат вашиот објект, наместо конкурентите во регионот. Тоа можете да го постигнете само сопознавање на вашите посетители и на нивните потреби. Трговските центри на иднината се оние кои создаваат позитивно искуство за сите посетители. Ова може да се реализира кога трговскиот центар нуди социјална додадена вредност што е во согласност со потсвесната мотивација на различни групи. Посетителите, пак, оваа додадена вредност ја доживуваат како позитивна или релевантна само ако имаат доверба во организацијата. И таму мора да има чувство на взаемна вклученост. За да се постигне ова, оваа социјална додадена вредност треба да се имплементира во сите аспекти на развојот, распоредот, организацијата и управувањето на трговскиот центар.



*Скопје Сити мол доживеа еден вид „face lifting“ во изминатите две години во различни сегменти на објектот – кажете ни нешто повеќе околу тоа?

Е.Р.: Потенцирав дека пандемијата нѐ направи многу силни. Оттука, во смисла на развој, можам да ги набројам стратешките чекори што ги направивме во изминатите три години, она што е веќе препознатливо за нашите посетители и за што добиваме многу комплименти.

Во 2019 година го почнавме проектот за репозиционирање на нашиот трговски центар. Проектот имаше одбранбен карактер, со тоа што требаше да се решат тогашните недостатоци, а миксот на закупци требаше да се подобри за правилно позиционирање. Последните четири години вклучивме и нови брендови. како што се: Reserved, Guess, Hugo Boss, Max&Co., Ted Baker, Tommy Hillfiger, Calzedonia, Tezenis, Intimissimi, Levi’s, Replay, најдобрата книжарница во градот – Литература, како и уште многу новости.

Освен вклучување нови и реорганизирање на постоечките брендови со правилна големина, проектот вклучуваше и неколку надградби, како што се: подобрување на миксот на закупци во трговскиот центар (повторно позиционирање на постоечките и воведување нови средни и луксузни брендови); надградба на уредувањето надворешни тераси; подобрување на влезните врати за подобра термичка контрола; подобрена внатрешна циркулација со додавање ескалатор до второ ниво; реновирање на тоалетите и ходниците; додавање седишта во заедничките простории на трговскиот центар; воведување бесплатни “wi-fi“ зони за поголема удобност на нашите посетители; подобрување на осветлувањето на гаражата; реновирање на делот за храна; подобрување на сигнализацијата, и многу други нешта. Последниот од низата проекти е воведувањe нова зелена оаза и најсовремено игралиште – подарок од Скопје Сити Мол за Општина Карпош.

Сето тоа беше направено со една цел – да понудиме што е можно поширок сегмент содржини и да создадеме што поубава атмосфера за нашите посетители. Во овој контекст, сакам да ја истакнам нашата благодарност кон нашата архитектонска команија, Платформа ДОО, за креирање на нашата трансформација и работејќи дури и на најмалите детали, за да понудиме најдобро шопинг-искуство со најдобра атмосфера.



*Во тек е изградба на новото паркче кај Сити Мол кое е ваша донација за Општина Карпош – што се ќе има во неговата понуда?

Е.Р.Скопје Сити Мол игралишта – ДНК кула нашиот проект, кој е донација за Општина Карпош. Идејата почна за создавање т.н. „community hub“ (центар за заедницата). Овој урбан парк и современо игралиште е подарок од Скопје Сити Мол за жителите на Карпош и за цела Скопје. Игралиштето е проектирано од страна на „Berliner Seilfabrik“, кои во текот на своето постоење од педесет години го воспоставија своето име како водечки светски производител на опрема за играње базирана на јаже. Иновативноста и уникатноста на нивните „живи” игралишта обезбедуваат интерактивна, предизвикувачка и непроценлива забава за децата од сите возрасти. Качувањето и балансирањето ја поттикнуваат силата, координацијата, агилноста и моториката на детето во една пријатна, разиграна средина. Најсовремената технологија, како и усогласеноста на нејзините производи со сите релевантни безбедносни стандарди, обезбеди можност за игра за генерации деца. Сложените форми ги развиваат вештините на децата да се снајдат во дадена околина, да го зајакнат вниманието и концентрацијата при искачувањето до посакуваната цел, да успеат да ги совладаат препреките и, на крај, да бидат наградени со спуштање преку долгиот тобоган.

Овој тип на кули за качување се тренд во Европа во последните години, затоа што, според познатите едукатори, создаваат предизвикувачки микрокосмоси кои ги учат децата како да се однесуваат во сложени ситуации - да го зголемат вниманието и концентрацијата, како и да ја зајакнат самодовербата. Во просторот има уште еден предизвик наречен „Твист”, кој се превртува како змија низ пејзажот, а неговата огромна големина овозможува истовремено сместување на многу деца и минување низ дијагонално поставени јажиња за качување, со цел да стигнат на ДНК кулата. Новиот парк е симбол на возбудливи предизвици и мотивација за постигнување на посакуваната цел.



* Кои се понатамошните планови – какви цели имате пред вас за тековната година?

Е.Р.Висока бројка на посетители, кои, среќни и задоволни, повторно ќе го посетат Скопје Сити Мол. А за остварување на таа цел ни претстои многу работа.Во согласност со нашите цели, очекувања и потреби на нашите посетители, ќе продолжиме да го одржуваме пулсот на шопингот и модата во Скопје. Ќе се обидеме да ги исполниме очекувањата на нашите посетители со различни организации и кампањи, и во 2022 година ќе продолжиме да го одржуваме активен општествениот живот во Скопје со различни кампањи, специјални настани и организации. Сакаме нашите посетители да ги добијат своите први искуства токму кај нас, и оттука да бидеме центар за „шопинг и забава“ за нив. Врз основа на ова разбирање, ќе настојуваме да ги обединиме кампањите, настаните и активностите кои ќе бидат ценети од страна на посетителите. Во оваа прилика, би сакала да најавам и дека работиме на имплементација на нашата платформа за лојалност, чија цел е уште подобра услуга за нашите посетители.

* Како успешна жена менаџер имате долгогодишно искуство во работата на Retail – која е вашата тајна, рецепт, клуч за успех? Што според вас треба да поседува една жена менаџер за да опстојува и успешно да менаџира долги години во континуитет?

Е.Р.:За мене, во извршувањето на менаџерските функции нема и не треба да има поделба на жени и мажи. Одговорноста пред сопствениците/финансиерите од една и посетителите од друга страна, исклучиво подразбира резултат. Управувањето со трговскиот центар мора да биде дел од вашиот живот и не може да се прави во одредени работни часови, бидејќи да се биде дел од жива и променлива структура бара да се биде еднакво динамичен и енергичен. Оттука, сметам дека со успешно управување со времето, одговорно и посветено, како и со вистинска стратегија и план, сите предизвици се можност што нѐ води кон нови успеси и достигнувања.