НОВИТЕ ХЕРОИ ВО ПРОМИСКУИТЕТНО ВРЕМЕ

Добивај вести на Viber

Пред неколку денови дома имавме викенд на филмски маратон, некако случајно посветен на Итан Хоук, не дека е прекрасен актер, туку затоа што ми се гледаа филмови со лесни, а суштински теми. Сепак, „лесниве“ теми ме однесоа кон некои тешки прашања... Oна што им беше заедничко на сите филмски приказни (покрај мојата симпатија Хоук е флертот, романтиката во параноја, сексуалното вознемирување, идејата за љубовта и минливоста на мигот. Ми се отворија некои прашања. – Колку често ги сретнуваме вистинските луѓе за нас и дали сме способни да го препознаеме мигот? Колку компромиси треба да направиме за да се вклопиме во матрицата? Колку љубови треба да искусиме за да научиме вистински и несебично да љубиме? Колку разочарувања може да издржи регистарот на нашето срце? Каде е границата помеѓу безопасниот флерт и опасната злоупотреба на моќта? И најважното од сè: Колку автентично и храбро го живееме нашиот живот без да се претопиме во наметнатите очекувања на нашите родители, пријатели, љубовници, шефови и колеги? И дали сме доволно гласни кога на неправдата треба да ѝ брцнеме во око?


На 38 години човек си ги поставува овие прашања. На 28 мисли дека ќе ги има одговорите. На 18 верува дека нема да зафркне на ниту едно. Не е тешко да се претпостави во која категорија спаѓам јас...


Она што ме замисли е улогата на девојката и жената во нив. Секогаш смела и бунтовна, а на крајот скршена. Па, се прашав дали тоа не е сценариото на голем број жени? Женскиот лик во филмот „Boyhood“ ме потсети на сите самохрани мајки кои се жртва на своите деца и на своите погрешни љубови. Некој ќе рече жртвата е избор, но дали...

Во своите адолесцентни години девојчињата мечтаат по најнескротливиот „тип“ во класот. На факултетските денови уметничкиот тип маж, кој ја цени својата слобода повеќе од туѓата љубов, е најчестиот идеал за момче. Таквиот маж неретко останува дете и на 40 години. Под маската на слобода и бескомпромисност најчесто се крие незрелост. Ова не е некаков обид за напад на мажите, ами мала, скромна лекција за препознавање на луѓето кои не се способни да се откажат од својот комодитет и да бидат фер во љубовно-семејните релации. Такви има да ги ринеш со лопата. Да, грубо звучи ова, но груб е и живот, особено кон оние жени кои немаат кој да ги заштити од своите мачо-љубовници со шовинистичка жар во очите. Тригерот ми беше една сцена од филмот кога Патриша Аркет, разведена мајка со две деца која не сака да се откаже од сонот да ги заврши своите студии по психологија, ќе се впушти во љубовна врска со нејзиниот професор. Угледен маж, интелектуална фигура, добро ситуиран, навидум одговорен татко, исто така разведен... Сепак, непредвидливото во филмот (како и често во животот) е неговата машка позиција на моќ од која ќе се обиде да ѝ го контролира животот.


Пред неколку години кога прв пат се опседнав со прекрасното сценарио на овој филм, што на едноставен, а длабок начин ни го доближува детството и растењето на едно момче на разведени родители, истиот ден, сосема случајно, се појави кампањата #сегакажувам или, поточно, хаштагот што растури по социјалните мрежи пред неколку години. Ретко користам спортско-навивачки речник од типот на „растури“, но овој пат не најдов посоодветен збор. Тој ден на социјалните мрежи стотици девојки излегоа со вистински, лични приказни за сексуално вознемирување, некои на улица, некои на работното место, некои на факултет, разни... Една од нив бев и јас. Не се двоумев дали да ја раскажам мојата приказна во која во еден момент бев жртва на сексуално вознемирување на поранешното работно место во телевизија. Го кажав тоа што ми лежеше. Друг пат би можела и подетално да ја раскажам мојата лична сторија (овој пат не сум јас во фокусот на проблемот).

Страшното беше што многу мажи, но и жени, не ја сфатија ослободувачката димензија на целата виртуелна кампања #MeToo, ниту, пак, ја видоа растреперената вистина меѓу прстите на оние што ги исчукаа своите интимни приказни, некои од нив полни со страв, срам и траума, и најдоа да фаќаат кусур. Треба да си комплетно лишен од емпатија за да можеш да се правиш хумористичен врз туѓа болка.


Не треба многу за човек да сфати дека таквите можеби потајно се пронајдоа себеси во дел од приказните. Некои од нив не биле ни свесни колку пати досега ја злоупотребиле својата маскулинистичка позиција на моќ и направиле микроагресија, оправдувајќи се пред себеси дека се работи за обичен флерт. Имаше и такви што се прашуваа дали после #сегакажувам се очекува од мажите да престанат да флертуваат? Да можев да им одбијам на глупост ќе го направев тоа, ама некако ми се чини дека зад превезот на нивната „наивност“ се крие нешто друго. Најзначајно за мене е што овој обид за демаскирање на сексуалното вознемирување, што во минатото останало премолчено или непрепознаено, ќе ги охрабри идните жртви, а ќе ги подзамисли, па можеби дури и ќе стопира потенцијалните агресори. Се вознемирив читајќи ги туѓите искуства, но од друга страна се израдував на женската солидарност. Многу жени, без да мислат на својот углед, ги спуштија маските и ги отворија срцата. Се охрабрија и почувствуваа дека не се сами во оваа каша.


Така, оптоварена со она што се пишуваше на „Фејсбук“, што за мене беше еден вид позитивна хистерија на кревање на гласот, се присетив повторно на ликот на Итан Хоук, овој пат во филмот „Пред изгрејсонце“. Е, драги мои, тоа е сликата на млад маж на кој му вријат хормоните, обземен од привлечност и страст, но емотивно зрел, со достојна почит кон жена. Не се вљубив во ликот уште првпат кога го гледав филмот, затоа што беше сладок, шармантен и интелектуално раскошен, туку затоа што со секој збор зрачеше со интелигенција и почит кон спротивниот пол, дури и во оние мигови кога шашаво вљубени разговараа и талкаа по улиците на Виена, надмудрувајќи се и препирајќи се за разликите меѓу мажите и жените. Сакам такви надмудрувања кои не содржат цинизам и етикетирање, кои не содржат стереотипи и несвесно понижување. Таквите „надмудрувања“ се најубавиот и најсуптилниот флерт.

Таквите мажи се смеат со искрена и широко отворена насмевка и немаат фраерски крената веѓа! Таквите мажи не се плашат да покажат несигурност и трема. Таквите мажи не злоупотребуваат и не уценуваат. Таквите мажи се хероите на ова промискуитетно време. Тие никогаш нема да помешаат романтика со сексуално вознемирување. Тие не патат по позиции на моќ, а кога ја имаат моќта, не паѓаат во искушение да ја злоупотребат. Таков е и мојот маж, иако не личи на Итан Хоук.

За Женски Mагазин АНА ЈОВКОВСКА, новинаркa, писателка и менторка за личен развој